Македонија
(Видео) Арсовски: Дали 100 тони шверцуван тутун завршил во Арачиново?
Од наместени тендери, до шверц на тутун, сè што се прави криминално во државава е аминувано и потекнува директно од оваа зграда позади мене.
Откако јавното обвинителство отвори случај за неплатена акциза на увезен тутун кој бил продаден нелегално, повторно молк од институциите и обид за спин дека наводно биле лажни вести, рече денеска портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, во изјава за медиумите.
„Најпрвин се обидоа да го игнорираат целиот овој скандал со шверц на над 100 тони тутун, потоа се обидоа да го заташкаат преку монтиран случај во Јавното обвинителство кое што го отворија без воопшто да изнесат информации што и како се работи во случајот, па велат лажни вести биле и на крај ќе испадне дека како и секогаш половина Влада знаела за ваков криминал и молчела, затоа што е милионски криминал и најверојатно некој се офајдил“, посочи Арсовски.
Тој нагласи дека јавноста и чесните тутунари заслужуваат да ја знаат вистината и јавно ги повика институциите да одговорат на неколку прашања.
„Дали тутунот завршил во скопско Арачиново и на уште неколку места во Скопје? Дали за овој тутун можеби некој земал субвенции исто како да го одгледувал, откако го откупил нелегално? Дали е пуштен нелегално во промет и со тоа се заработени милионски суми на пари во евра? Дали за овој случај тогаш како министер бил известен и Љупчо Николовски и бидејќи се работи за негови пријатели од Крива Паланка, едноставно премолчил?“, се дел од прашањата кои ги упати портпаролот на опозициската партија, кој посочи дека за овој случај некој од Владата мора да понесе одговорност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

