Македонија
Димитров во Берлин: Да се разграничат условите за почеток на преговорите и нерационалните барања
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска во Берлин имаше средба со Нилс Шмид, портпарол за надворешни работи на парламентарната група на Социјалдемократската партија во Бундестагот.
Мериторното интегрирање, постигнувањето консензус за преговарачката рамка и што побрзо одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ беа разгледани на состанокот со германскиот пратеник, кој го споделува ставот дека билатералните спорови не смее да бидат кочница во пристапниот процес.
„Принципелната позиција на Германија за остварување на ветувањето кон Северна Македонија и регионот да се приклучат кон Унијата како резултат на нивната демократска трансформација е еден од главните двигатели кои ни влеваат доверба во успехот на интегративниот процес. Поминавме долг и трнлив пат поплочен со многубројни предизвици, кои на моменти изгледаат и ненадминливи, но мора да се направи граница меѓу условите за почеток на преговорите и нерационалните барања, кои се косат со сѐ што е европско“, изјави Димитров.
Вицепремиерот исто така информира и за клучните реформски активности, кои се насочени кон задржување на позитивнато европско досие на Северна Македонија, со акцент на областите поврзани со владеење на правото, како што се реформата на правосудството, борбата против организираниот криминал и корупцијата, слободата на изразување и медиумите. Станува збор за суштински теми и прашања, особено значајни за напредок во пристапниот процес со ЕУ, опфатени во „Агенда: Европа дома”.
На овие теми се разговараше и со Сабине Штер, полномоштеник за ЕУ-политики во германското МНР, и Сузане Шуц, директорка во Министерството за надворешни работи на Германија за Југоисточна Европа, Турција и за државите на ЕФТА, на кои вицепремиерот Димитров им ги пренесе очекувањата Германија и понатаму да остане проактивна кон остварување на заеднички утврдената стратешка цел.
„Не постои сомнеж кај нашите германски пријатели дека Северна Македонија заслужи отворање на преговорите уште минатата година. И покрај несиполнувањето на нашите легитимни очекувања, почетокот на преговорите не само што ќе биде поттик за македонската страна туку истовремено ќе биде и нов импулс за политиката на проширување на ЕУ“, додаде Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

