Македонија
Нотиран е напредок во делот на препораките за борба против корупцијата, велат од Владата
Заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, министерот за правда, Бојан Маричиќ, и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, одржаа заедничка прес-конференција за ситуацискиот извештај на ГРЕКО-тема „Превенција од корупција и промовирање на интегритет на централната власт“.
„ГРЕКО нотира напредок во делот на препораките за борба против корупција. Тоа е показател за јасно изразената политичка волја, за спречување и крајно искоренување на корупцијата. Во извештајот позитивно е оценето донесувањето на новиот Кодекс за етичко однесување, а особено е потенцирано дека се постапува во согласност со одредбите од Кодексот, односно веќе има случаи на разрешени функционери“, потенцира вицепремиерот Николовски.
ГРЕКО дава и експлицитен позитивен коментар за измената на владината уредба за примање подароци, со која точно се пропишани процедурите за примање протоколарни дарови од странски и домашни, физички и правни лица, информира вицепремиерот Николовски, кој додаде дека сумите за протоколарни подароци се намалени и изнесуваат максимални 20 евра. Се поздравува и тоа што транспарентното се објавени имињата и висината на приходите на сите советници во Владата и министерствата на нивните веб-страници.
Министерот за правда, Бојан Маричиќ, истакна дека она што е мошне значајно е дека ГРЕКО потенцира дека Владата обезбедила значителни финансиски, материјални и човечки ресурси за работа на ДКСК, особено за развојот на софтверски решенија и бази на податоци. Преостанува да се имплементираат овие решенија за да се преоцени препораката за зајакнување на капацитетите на оваа институција.
Маричиќ дополни дека борбата против корупцијата треба истовремено да се води во сите сектори, на сите нивоа во институциите, особено судовите и обвинителствата.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, посочи дека веднаш по добивањето на препораките од ГРЕКО, се пристапи кон нивно имплементирање, па од страна на ГРЕКО тие препораки се во графата на веќе реализирани активности.
Така, според оценката на ГРЕКО, како што истакна Спасовски, успешно се исполнети препораките за јавно објавување на сите претставки и предлози поведени за дисциплинска и кривична одговорност на полициските службеници, назначување посебни лица за интегритет во рамките на МВР, континуирани обуки на сите политички службеници во врска со јакнењето на нивниот интегритет и спречувањето на конфликтот на интереси и измена на Етичкиот кодекс на полициските службеници, со што сега се регулирани прашањата за конфликт на интереси, случаи на корупција и примање дарови од страна на полициските службеници.
„Како што можете да забележите, исполнувањето на добар дел од препораките е во тесна врска и претставува уште еден чекор напред во континуираниот процес на проверка (ветинг) на полициските службеници за што се заложив уште со моето доаѓање на чело на МВР, а сè со цел да се зацврсти интегритетот на полицајците и нивната отпорност кон какви било влијанија, кои се спротивни на законите. Односно, да имаме декриминализирана и департизирана полиција, која ќе го штити интересот на граѓаните и полицајците, кои професионално и одговорно ќе си ја вршат својата задача“, истакна министерот Спасовски додавајќи дека радува фактот што од страна на ГРЕКО е препознаена и особено истакната и позитивната транспарентност што ја постигна МВР во претходниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

