Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Спасовски и Заев овозможиле логистика за наркобосови, а одговорноста ја префрлија на обични службеници

Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ
„Спасовски и Заев ја потценуваат интелигенцијата на народот и мислат дека ќе му продадат приказна, дека некој службеник од пасошко одделение ги познава наркобосовите Пекер и Вукотиќ и може да им издаде пасош со друг идентитет, без за тоа да нема логистика од цела вертикала во МВР до Спасовски, а притоа за тоа да е информиран Зоран Заев.
Според информациите од билтен на МВР Седат Пекер бил протеран од Македонија на 19 јануари годинава, а четири дена потоа се сликал за лична карта во полициска станица.
Како Пекер, кој бил протеран, дошол повторно во Македонија, каде и како ја поминал границата и како е возможно да помине преку цело Скопје незабележан?
Не е возможно Пекер, кого го гледавме на социјалните мрежи како низ Скопје се шеташе со 20 луѓе обезбедување, да помине низ Скопје, а МВР да не знае за тоа.
Иста е и ситуацијата и со Јован Вукотиќ, кој поминал неколку граници со македонска патна исправа, а на сведочење во суд во Белград кажал дека истиот го добил легално од МВР.
Кој и како ги договарал овие наркобосови и колку чини македонскиот пасош продаден на криминални структури од Балканот и светот?
Што сè правеле овие криминални структури со македонскиот идентитет и дали овие идентитети биле злоупотребени за убиства, перење пари и други кривични дела?
Истрага по закон трае максимум 18 месеци. Преку 40 месеци Оливер Спасовски не мрднал со прст за тоа како Вукотиќ добил македонски пасош за кој во Србија веќе одлежа затвор.
Спасовски и Заев се на врвот на аферата „Мафија“, тие овозможиле логистика за наркобосови, а денес одговорноста ја префрлија на обични службеници. На тој начин тие признаваат дека се главните виновници“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Итни и вонредни надзори во приватните болници по информациите дека се правеле непотребни операции за профит

Министерството за здравство најави итни и вонредни надзори во приватните болници по информациите што излегоа во јавноста дека се правеле операции за профит.
„Врз основа на информациите што се споделени во јавноста, Министерството за здравство веќе се координира за проверка на тврдењата, како и спроведување итни и вонредни надзори со цел добивање на целосната слика. Дополнително, министерот Азир Алиу веќе најави дека комплетната дигитализација на здравствениот сектор ја опфаќа и двонасочната размена на информациите меѓу јавните и приватните здравствени установи преку системот ‘Мој термин’, само тогаш ќе имаме јасна слика и за евентуалните злоупотреби на системот и на финансиските средства“, велат од Министерството откога во јавноста се појавија сериозни тврдења за можни непотребни медицински интервенции.
Од Министерството велат дека во здравството постојат јасно утврдени професионални стандарди, протоколи и законски постапки, како и компетентни тела надлежни за нивна примена и почитувањето на професионалниот интегритет на здравствените работници е задолжително, исто како и почитта кон правата на пациентите.
„Одлуките за лекување се темелат на клинички индикации, но и на право на второ стручно мислење. Пациентите треба да се чувствуваат охрабрено да поставуваат прашања, да бараат појаснувања и доколку имаат дилема, да побараат второ мислење – тоа е дел од добрата медицинска практика“, велат од Министерството.
Од таму истакнуваат дека здравствениот систем се заснова на доверба и затоа секоја јавна комуникација треба да биде одмерена и заснована на проверливи информации, без шпекулации и без изденачување на поединечни случаи со целиот систем.
„Секако дека секој има право на свое мислење, а особено ако тоа е поткрепено со аргументирани факти, но исто така сметаме дека потребно е да се избегнуваат изјави што водат до генерализации и сензационализам“, велат од Министерството.
Ваквата реакција од Здравство доаѓа откога неколку медиуми пренесоа изјава на кардиологот Сашко Кедев дека се прават непотребни хируршки интервенции врз пациенти, чија цел е профитот.
Фото: ЕПА
Македонија
Утре, сончево и топло време со мала локална облачност

Времето утре ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 19, а максималната ќе достигне од 30 до 37 степени, информира УХМР.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 36 степени.
В петок и в сабота во западните и во северните делови ќе има услови за повремен локален дожд и појава на ретки грмежи. В петок ќе дува засилен, повремено силен ветер од западен и југозападен правец.
За време на викендот ветерот ќе го смени правецот во северен со умерен, по должината на Повардарието повремено засилен интензитет, а температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
ДОМ: Новиот нацрт-закон за Рударство е директна закана за здравјето на луѓето

Зелената партија ДОМ категорично го отфрла новиот нацрт-закон за Рударство предложен од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Наместо да поставува линии за стратешки развој, според ДОМ, овој закон е директна закана за животната средина, здравјето на граѓаните и демократските принципи на одлучување.
ДОМ цени дека ова законско решение силно ја централизира моќта во Владата, дозволувајќи ѝ да прогласува минерали за „стратешки“ без јавна дебата и учество на граѓаните и граѓанките.
„Спорна е и можноста за дозволување на концесии до 60 години, како и овозможување на експропријација на приватно земјиште, што ќе претставува правна основа за удар врз имотните права. Со предложените одредби ќе се врши и привилегирање на државни и странски компании, без спроведување на јавен повик. Особено загрижува воведување на можност за користење на опасни технологии во постојните рудници, како и признавањето на загадување, но не и понуда на механизми за превенција. ДОМ оценува дека моделот на „управување со ризик“, не преставува правен механизам за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните и граѓанките“, велат од ДОМ.
Според партијата, ова законско решение не е во јавен интерес, туку истото е насочено и дизајнирано за задоволување на корпоративни структури и финансиски интереси, притоа создавајќи остри ризици за здравјето на идните генерации, распродавајќи ја земјата и претворајќи го природното богатство во профит за малкумина.
ДОМ порачува дека Македонија не е ничија лична сопственост и апелира до граѓаните и граѓанките активно да се вклучат во јавната расправа за која преостануваат уште девет дена.