Македонија
Двајца обвинети за тепачката во „Трибека“
Скопското обвинителство поднесе обвинителен акт против две лица за насилство, а во врска со тепачката што се случи на 20 февруари во скопскиот локал „Трибека“.
Од Обвинителството велат дека двајцата малтретирале, грубо навредиле и им ја загрозиле сигурноста на двајца оштетени, а кај останатите гости во локалот предизвикале чувство на вознемиреност, загрозување и страв.
„Меѓу оштетените и обвинетите настанала вербална расправија, а двајцата обвинети на возраст од 19 и 27 години ги нападнале оштетените со тупаници, нанесувајќи им телесни повреди. Едниот обвинет, дополнително револтиран од телефонски разговор кој во тој момент го водела една гостинка во објектот – сведок на настанот, продолжил и неа грубо да ја навредува и агресивно да се однесува, кршејќи го инвентарот во локалот и мобилниот телефон на гостинката“, велат од Обвинителството.
Поради опасност од бегство, можност обвинетиот и натаму да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и особени околности кои упатуваат на можност да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд достави и предлог со кој побара продолжување на мерката куќен притвор за првиот обвинет. За вториот обвинет, пак, од истите причини, побарано е продолжување на претходно определената мерка притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Авионска линија Прага-Скопје, партнерство со универзитети – иницијативи на Божиновска за поблиски односи со Чешка во бизнисот, образованието и енергетиката
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, одржа продуктивна средба со делегацијата на Комисијата за надворешни работи, Дом на пратеници од Парламентот на Чешката Република, која престојува во официјална посета на Република Македонија.
На средбата се разговараше за унапредување на соработката во повеќе области од заемен интерес. Посебен акцент беше ставен на иницијативата на министерката Божиновска за воспоставување директна авионска линија Прага-Скопје, која би ја олеснила поврзаноста меѓу двете земји, поттикнувајќи ја соработката во трговијата, туризмот и бизнисот.
Дополнително, министерката ги потенцираше можностите за проширување на соработката со чешки компании во областа на енергетиката, со акцент на вложувања во обновливи извори на енергија, модернизација на енергетската инфраструктура и воведување иновативни технологии.
Во текот на средбата беше разгледана и можноста за воспоставување партнерства помеѓу чешките универзитети и македонските образовни институции, со цел размена на знаења, заеднички истражувачки проекти и отворање на нови можности за студентите од двете земји.
Оваа средба претставува уште еден чекор во градењето на посилни билатерални односи и продлабочување на пријателството меѓу Чешката Република и Македонија, велат од Министерството.
Македонија
Министерот Љутков и комесарот Токура: Преку меморандумот за соработка ги зближуваме македонската и јапонската култура
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Владата оствари билатерална средба со комесарот за културни врски на Јапонија, Шуничи Токура, кој е во дводневна работна посета на нашата држава. По средбата, Љутков и Токура потпишаа Меморандум за соработка во областа на културата, кој е прв билатерален документ во оваа сфера меѓу двете држави.
Во изјавата за медиумите, министерот Љутков посетата на јапонскиот комесар за култура ја оцени како историска, бидејќи, како што нагласи, сите наши заложби за продлабочување на блиските и пријателски односи со Јапонија, во оваа година кога се одбележува 30-годишнината од воспоставувањето на билатералните односи, се материјализираат со потпишувањето на Меморандумот за културна соработка.
Министерот за култура и туризам изрази очекување дека директната комуникација ќе овозможи реципрочни гостувања на ансамбли и репродуктивни уметници од музичко-сценската и театарската дејност, соработка меѓу музеите, галериите и уметничките центри, како и размена на искуства во управувањето на локалитетите кои се впишани на Листата на светското наследство на УНЕСКО, со оглед на тоа што Јапонија има впишано вкупно 26 локалитети.
Љутков ја нагласи можноста за соработка и во филмската дејност, имајќи го предвид фактот дека во Токио секоја година се одржува големиот филмски фестивал чиј еден од програмските директори е и Андријана Цветковиќ, на која ѝ упати благодарност за нејзиниот целокупен ангажман во реализацијата на оваа посета, но и за нејзиниот влог во градењето на односите меѓу двете држави, како прв резидентен амбасадор во Јапонија.
Упатувајќи благодарност за целокупната јапонска помош за нашата држава преку различни донации, грантови и проекти што го стимулираат нашиот економски, социјален и културен развој, министерот Љутков изрази уверување дека и во иднина ќе се реализираат уште многу иницијативи и проекти кои ќе ги унапредат нашите односи.
На средбата, министерот Љутков го запозна комесарот Токура и со претстојното претставување на нашата држава во рамките на EXPO OSAKA 2025 година, каде што во чест на одбележувањето на 60-годишнината од проектот на големиот Кензо Танге за реконструкција на централното подрачје на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во Јапонија ќе биде презентирана и изложбена поставка која ќе ги претстави особеностите на овој проект, а ќе има и други значајни програмски содржини, настапи на нашите реномирани уметници.
Јапонскиот комесар за културни врски, Токура, во изјавата за медиумите потенцираше дека потпишувањето на Меморандумот во година кога се одбележуваат три децении од воспоставувањето на билатералните односи меѓу двете земји претставува огромен поттик за развој на соработката која ги покрива сите сфери од културата и уметноста.
Македонија
Лимани: Непријавувањето на насилството од страна на жртвите е еден од најсериозните проблеми
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, учествуваше на панел-дискусија по повод почетокот на 16 дена активизам против родово базирано насилство во организација на агенциите на ООН во земјата со слоганот: „Нема оправдување: Преземете акција за ставање крај на насилството врз жените и девојчињата!“
Почетокот на кампањата се одбележа со отворена дискусија за значењето на заедничкото дејствување против родово базираното насилство, проследено со проекции на кратки видеа, како и моќната уметничка изложба „Лузни на издржливост, гласови на надеж“ од Мартина Спасовска во Музејот на град Скопје.
Во своето излагање пред присутните Лимани се осврна на клучните чекори потребни за да се подобри одговорот на насилството врз жените и семејното насилство со фокус на меѓуинституционалната соработка. Притоа нагласи дека насилството се случува во сите делови на општеството, во секоја култура и социјална група и претставува злоупотреба на моќта, кој има разорувачки, физички, емоционален, финансиски и социјален ефект на жените и девојчињата. Како и дека, за жал, сè уште многу жени и девојчиња страдаат во сенка не знаејќи за своите права и помошта што може да ја добијат од страна на релевантните институции и организации.
„Една мудрост вели – во стварноста, реалноста е поинаква! Оваа мисла ми дојде на ум следејќи ги последните бројки за насилството врз жените и семејното насилство, кои ја отсликуваат 2024 година (јануари – септември), приближно вака: новоевидентирани случаи: 1.439 жртви, од нив жени 1.040, мажи 227 и деца 172! Ако на ова ја додадеме и темната непријавена бројка на жени што трпат насилство, си даваме право постојано да говориме дека нема оправдување: да преземеме акција за ставање крај на насилството врз жените и девојчињата!“, порача Лимани.
Тој посочи дека институциите во согласност со националната легислатива имаат мандат за преземање на предвидените мерки и механизми на заштита со поединечни овластувања, кои се точно определени, како и обврските и одговорноста за постапување. Тој упати на важноста од постапувањето со должно внимание за интересите и потребите на жртвата од страна на институциите при преземањето мерки за превенција и заштита на жените жртви на насилство и семејно насилство.
„Еден од најсериозните проблеми е непријавувањето на насилството од страна на жртвите, што е најчесто резултат од недовербата во институциите, односно од недоволната сензибилност на службените лица од разни сектори, кои постапуваат во случаите на насилство врз жени и семејно насилство“, рече Лимани.
На прашањето до каде сме како држава во оваа област по 30 години од усвојувањето на Пекиншката декларација за акција, Лимани се осврна на сите стратешки документи што нашата држава ги има усвоено, како Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (2017 год.), Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство (2021 год.), измени и дополнувања на Кривичниот закон, протокол за меѓусебна соработка на надлежни субјекти за преземање мерки за превенција, спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, програма за реинтеграција на жртви на насилство. Тој посочи дека во следниот период Министерството ќе се фокусира на изготвување осумгодишна национална стратегија за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, со акциски план за спроведување на предвидените мерки и активности од стратегијата.
„Приоритет на Министерството за социјална политика, демографија и млади и Владата на Република Северна Македонија е да имаме ефикасна постапка за заштита на жените жртви на насилство и семејно насилство, нивна реинтеграција во системот, како и да обезбедиме превенција во насока на намалување на насилството“, порача Лимани.