Македонија
Почина поранешниот државен јавен обвинител Марко Зврлевски
По кратко боледување, денеска во Скопје, на 60-годишна возраст почина Марко Зврлевски, поранешен јавен обвинител на Република Македонија.
Зврлевски е роден на 4 декември 1960 година во Дебар. Основно и средно образование завршува во Скопје. Дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Работното искуство го започнал при Македонската академија на науките и уметностите (1988-1989), по што кратко време работел и како новинар во Македонската радио-телевизија.
Од приправник по правна струка во тогашното Општинско јавно обвинителство во Скопје (1989-1991), преку стручен соработник (1991-1998), адвокат од областа на казненото право (1998-2000), заменик-јавен обвинител во Основното јавно обвинителство – Скопје (2000-2005), Зврлевски речиси целата своја кариера ѝ ја посвети на јавнообвинителската работа.
Во декември 2005 година беше распореден во Одделението за гонење на сторители на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупција, а по трансформирањето на одделението, беше избран за јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Од ноември 2009 до јануари 2013 година како Основен јавен обвинител раководеше со Основното јавно обвинителство – Скопје. Во јануари 2013 година беше именуван за јавен обвинител на Република Македонија која функција ја извршуваше до август 2017 година.
Од 2009 до септември 2015 година беше Претседател на Здружението на јавни обвинители на Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ
Сите што ќе одат на лидерската средба со Христијан Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во: легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот „мигранти за пари“ после тоа“, смета СДСМ.
Сите чекори кои власта досега ги презема, додаваат од партијата, веќе ги најавивме: изолација, избори, мигранти за пари.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна. СДСМ останува на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“, велат од опозициската партија.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Скопје – Штип
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип е нормализиран, информира АМСМ.
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип утрово беше во целосен прекин, поради опожарено тешко моторно возило, четири километри пред патарината „Преод“.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без струја делови од Центар и Аеродром
Без струја денеска ќе останат дел од корисниците од општините Центар и Аеродром.
„Од ЕВН Македонија АД добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) без електрична енергија ќе останат: – во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од ул. Наум Наумовски Борче бр. 65 и околните стамбени објекти околу него. (општина Центар). Во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од дел од ул.Ѓорѓи Андеевиќ Кун во близина на училиштето Димитар Македонски (општина Аеродром)“, информира РЦУК – Скопје.

