Економија
„Загрозени се огромен број работни места“ – угостителите бараат неповратна финансиска помош
Туризмот и угостителство можат да бидат неповратно оштетени и голем број ентитети од овој сектор да згаснат, доколку итно и неодложно не се исплати поддршката предвидена со петтиот пакет мерки и не се обезбеди дополнителна директна и неповратна финансиска помош, предупредува Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија.
Претпријатијата од овие сектори остро реагираат поради задоцнетата имплементација на последниот пакет на економски мерки. За секторите кои бележат пад на промет од над 80 отсто, а во некои дејности падот е и 100 отсто оваа помош е повеќе од неопходна. Поддршката за исплата на платата за јануари воопшто не е предвидена, а за месеците февруари и март иако до сега веќе требаше да биде исплатена, сè уште се чека на донесување на законската регулатива која е неопходна за имплементација. Состојбата дополнително се влошува и поради тоа што носењето на новите рестриктивни мерки кои значат речиси целосно затворање на објектите од угостителство, дел туризмот и сродни објекти, не е проследено со дополнителна финансиска помош. Рестриктивните мерки за заштита на здравјето на граѓаните се пред сè, но сметаме дека паралелно со нивното носење треба да се креира и додели соодветна помош за претпријатијата.
„Следејќи ги активностите на надлежните институции, но и на оние од кои во поширокиот општествен контекст од кои зависи имплементација на економските мерки се добива впечаток дека свесно се дозволува затворање на претпријатијата од туристичко- угостителскиот сектор со што се загрозуваат огромен број работни места. Во услови кога деловните субјекти се оставени сами да се снаоѓаат излезот се бара во намалување на трошоците кои во услови на немање деловна активност значи редуцирање на работни места. Потенцираме дека доколку се дозволи затворање на работните места ќе бидат потребни многу повеќе средства и време за нивно повторно отворање отколку што е сега потребно за нивно одржување и во прашање се доведува дали воопшто некогаш ќе се отворат доколку згаснат претпријатијата“, вели Ана Марија Алексова, член на Управен одбор на ТУК.
Таа потенцира и дека се ризикува да се најдеме во ситуација кога ќе се создадат услови за повторна активност на туристичкиот сектор да нема професионални и лиценцирани туристички агенции, професионални и лиценцирани туристички работници и водичи.
„Тоа не треба да се дозволи во мала и отворена економијата како нашата во која туристичкиот сектор е еден од оние кои можат да дадат сериозен стимул за раст и развој по надминување на кризата. Очекуваме надлежните институции да овозможат помошта од петтиот пакет итно да биде исплатена, да се даде неповратна финансиска поддршка за дејностите кои се опфатени со рестриктивните мерки, како и да се преземат мерки за спас на претстојната туристичка сезона“, изјави Алексова.
ТУК бара да биде редизајнирана економската мерка „ваучерите за туризам“ која и досега беше дел од пакетот за спас и за која има најава дека ќе продолжи. Имено, потребно е во нејзината имплементација вклучување на сите сегменти на туристичката дејност. Тоа би подразбирало овие ваучери да бидат достапни и да се реализираат преку туристичките агенции, со вклучување на категоризирани хотелите, лиценцирани туристички водичи, превозниците од транспортниот сектор со што граѓаните би добиле комплетна услуга, а средствата кои се доделуваат како помош на тој начин би биле распределени на сите чинители на кои им е потребна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ, цените на дизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголемат за два денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Економија
АЛКАЛОИД АД Скопје ќе исплати за 14,3 % поголема дивиденда во однос на минатата година
АЛКАЛОИД АД Скопје објави дека седницата на годишното Собрание на акционери на Друштвото ќе се одржи на ден 30.03.2026 година со почеток во 08:00 часот во деловните простории на Друштвото, Бул. Александар Македонски бр. 12, Скопје, Република Северна Македонија.
Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на ден 26.02.2026 година донесе Предлог-Одлука со која му предлага на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2025 година во износ од 720,00 денари бруто односно 648,00 денари нето по акција, што во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната година од 630,00 денари бруто односно 567,00 денари нето е поголема за 14,3%.
За исплатата на дивиденда и персонален данок на личен доход компанијата ќе издвои над 1 милијарда денари. Во согласност со предлог одлуката, исплатата на дивидендата ќе започне од 13.05.2026 година.
(ПР)

