Македонија
Пендаровски на средба со новата претседателка на Врховниот суд, Беса Адеми

Претседателот Стево Пендаровски денеска имаше средба со Беса Адеми, претседателка на Врховниот суд.
„Претседателот Пендаровски, честитајќи го изборот за претседателка на Врховниот суд, ја нагласи важноста на улогата на Врховниот суд во воедначувањето на судската пракса преку надлежноста да утврдува начелни ставови и начелни правни мислења, со што се обезбедува единство во примената на законите од страна на судовите“, соопштија од кабинетот на Пендаровски.
Тој истакнал дека еден од најзначајните сегменти во европската интеграција на државата е ефикасното функционирање на правната држава, а независното, непристрасно и професионално судство е најдобар гарант за остварување на оваа цел.
Соговорниците разговарале и за предизвиците во остварувањето финансиска независност на судството, како и за кадровската екипираност на Врховниот суд.
„Претседателот Пендаровски ја изрази својата целосна поддршка за независноста на судството и изрази подготвеност за соработка во сите области во кои ќе биде потребно и ќе биде побарано од Врховниот суд“, соопштија од кабинетот на Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Деновите поминуваат, а од СДС молк и не кажуваат дали Филипче има златна виза за Дубаи и како ја стекнал, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Деновите поминуваат но од СДС и Венко Филипче, молк. Иако изминатите неколку дена ги прашуваме да одговорат, дали по примерот на Зоран Заев и неговиот чувар на партиското претседателско столче, Венко Филипче поседува златна виза за Дубаи, одговор нема, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Или, пак, молчењето и на СДС и на Филипче е потврда за овие дилеми?
Јавно познато е дека човек со таков документ, златна виза, може се стекне со инвестиција која достигнува неколку милиони евра.
Оттука произлегува прашањето, колку милиони Венко Филипче однесе во Дубаи, за да стекне со таа златна виза исто како и неговиот водач, Заев, кој таму гради висококатница.
Имајќи предвид дека Филипче е поранешен министер за здравство и тоа ве периодот на најголемата светска криза во поновата историја, ковид кризата, дали во Дубаи го однесол ќарот од кризата, која тој ја претворил во можност за негова финансиска придобивка, како и од криминалот направен во тоа време“, прашуваат од владејачката партија.
Според нив, СДС, наместо да молчи, има обврска на јавноста да и даде прецизни одговори дали и Венко Филипче има и како ја добил златната виза за Дубаи.
Македонија
Маркетите од денеска со нова обврска: ќе треба јавно да ги објават цените на производите

Трговците се должни од денеска да ги објавуваат продажните цени на производите на нивните официјални веб страници.
Министерството за економија изготви Правилник за начинот на објавување на цените на стоките.
Ажурирањето на цените треба да се врши секој ден до 10 часот, а во случај на ненамерна техничка грешка, трговецот е должен да ја корегира грешката во рок од 24 часа.
Со ваквиот начин на објавување на продажните цени како што оценуваат надлежните, ќе се обезбеди транспарентност, поголема конкурентност и намалување на цените.
За оние кои нема да ја почитуваат, пропишани се глоби кои достигнуваат и до 10 илјади евра.
Мерката според најавите нема да важи за трговците кои имаат до 10 вработени.
Македонија
Променливо облачно со локални врнежи од дожд, особено претпладне

Времето денеска променливо облачно со локални врнежи од дожд, наместа поројни, проследени со појава на грмежи, особено претпладне. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 14, а максималната ќе достигне од 18 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд и грмежи, особено претпладне. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно, сончево и топло со мала до умерена облачност. Од почетокот на следната седмица повторно ќе настапи дестабилизирање на времето со локални врнежи од дожд и појава на грмежи.