Македонија
Град Скопје: Наскоро субвенции за инвертер клима уреди и чистење на оџаците
Град Скопје и во 2021 година ги продолжува мерките за доделување субвенции на граѓаните за набавка на инвертер клима уреди за загревање, како и за субвенционирање на домаќинствата и на други субјекти за чистење на оџаците.
Советот на Град Скопје на вчерашната седница ја донесе Програмата за субвенционирање на граѓаните за набавка на високоефикасни инвертер клима уреди за затоплување за 2021 година, со која се утврдуваат начинот и условите за спроведување на активностите за субвенционирање и нивното финансирање.
Деновиве ќе биде распишан јавниот повик за субвенции на кој ќе можат да аплицираат сите лица кои ги исполнуваат предвидените услови, а ќе можат да аплицираат сите оние што набавиле инвертер клима уреди почнувајќи од 01.01.2021 година. Средствата предвидени за овие субвенции се добиени од Владата на Република Северна Македонија, односно во 2020 година Град Скопје доби средства во висина од 322.400.000,00 денари. Во годинешниов јавен повеќ ќе бидат користени нереализираните средства од минатогодишниот јавен повик или сума во износ од 107.404.074,00 денари.
Согласно со годинешната програма, на граѓаните ќе им бидат целосно надоместени трошоците за набавка на инвертер клима уред, но не повеќе од 62.000 денари во нето износ.
Овие субвенции се дел од мерките предвидени во Планот за подобрување на квалитетот на воздухот и Акциониот план на Стратегијата за климатски промени на Град Скопје. Согласно со многубројните истражувања за квалитетот на воздухот во Скопје најголемо учество во емисијата на ПМ10 и ПМ2,5 честичките има затоплувањето на домовите кои немаат централно греење. Ова се јавува, пред се, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, лошиот квалитет на дрвото, начинот на неговото чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки. Инвертерите за затоплување се економични, еколошки, не користат фосилни горива, а истовремено го постигнуваат максималното задоволство при затоплувањето на домовите.
Доколку се направи паралела во трошоците за греење на стан со 60 м2 за една грејна сезона во однос на греење со термо печка, печка на дрва и инвертер клима уред ќе се добијат следните пресметки:
– Термо печка која троши 10.920 kwh електрична енергија троши околу 40.000 денари годишно;
– Печка на дрва која троши 12 м3 огревно дрво троши околу 37.000 денари годишно;
– Инвертер клима уредот на годишно ниво троши само 4.580 kwh електрична енергија, односно само 18.000 денари годишно.
Според анализата на годишно ниво ќе се заштедат околу 19.000 денари во однос на загревањето со печка на дрва или 22.000 денари во однос на загревањето со термо печка.
Советот на Град Скопје на вчерашната седница ја донесе и Одлуката за определување на максимален износ за доделување на поединечна субвенција за надоместување на дел од трошоците на домаќинствата и на други субјекти на подрачјето на Градот Скопје за чистење оџаци за 2021 година. Со оваа одлука е утврдено дека максималниот износ за доделување на поединечна субвенција е во висина од нето износ најмногу до 1.200,00 денари по домаќинство или правен субјект, додека персоналниот данок на доход е на товар на Град Скопје.
Наредниот период ќе биде распишан јавен повик за доделување субвенции за чистење на оџаците, а за аплицирање на јавниот повик ќе биде потребно да се прикаже оригинална фискална сметка со датум од 01.01.2021 година, па се до исцрпувањето на буџетот за оваа намена, но не подоцна од 30.11.2021 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) „Јорданов се пишмани – Општина Штип ќе го продаде Дино паркот од 800.000 евра на приватен бизнисмен“, велат од партијата Левица
„Штипскиот Дино парк да падне во рацете на приватен бизнисмен преку јавно – приватно партнерство, односно да се издава под кирија и тоа на период од 15 години“, ваква Одлука изгласаа советниците од ДПМНЕ на седницата на Советот на Општина Штип, известуваат од партијата Левица.
Советникот од Левица, проф. д-р Ангеле Михајловски, изрази сомневање дека ова е однапред договорено сценарио, кое се чуваше во тајност за време на изборната кампања, со што советниците на Левица гласаа против ваквата одлука, иницирана и спроведена од градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, и советниците од власта, предводена од ДПМНЕ.
„Однапред сте знаеле дека Дино паркот ќе го дадете на приватна фирма – не може да ме убедите поинаку! Со влезниците што се наплаќаат, заработката би била поголема од закупот што ќе го добива Општината”, истакна советникот од Левица, проф. д-р Ангеле Михајловски, на советничката говорница.
Михајловски од Левица потенцираше дека помина само еден месец откако помпезно се отвори Дино паркот во Штип, непосредно во пресрет на Локалните избори. За Дино паркот се потрошија 800.000 евра.
„Освен што Дино паркот беше свечено отворен во екот на изборната кампања, во ниедна прилика тогаш не се спомена дека истиот ќе биде даден под наем. Наративот тогаш беше дека е наменет за граѓаните, а имаше и изјави дека нема да се наплаќа влез“, додаде советникот од Левица, Михајловски.
Советникот од Левица, Ангеле Михајловски, посочи и дека е апсурдно што Општина Штип со две јавни претпријатија, над 400 вработени и уште 160 во администрацијата, тврди дека не може да управува со објект што сама го изградила.
Од Општина Штип велат дека се одлучиле да го издадат Дино-паркот само еден месец по отворањето поради тоа што Општината и јавното комунално претпријатие немале капацитет, кадровски и финансиски ресурси за негово одржување.
„Во материјалите што ги добивме стои дека се потребни неколку тоалети, маси и столчиња и поставување на десет камери. Тоа не е инвестиција што Општината не може да ја изведе. Ако поставува камери низ целиот град, како да нема капацитет за десет камери во паркот?“, праша Михајловски на советничката говорница.
Инаку, почетната цена на месечниот закуп за Дино паркот е 0,5 отсто од проценетата вредност или околу 4.000 евра (251.073 денари). Изградбата на Дино паркот ги чинеше граѓаните на Штип 50.214.600 денари од општинскиот буџет, додаваат од партијата Левица.
Македонија
Делови од Сарај, Гази Баба и Чаир денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 д 15.00 часот, дел од корисниците од село Љубин (општина Сарај), како и објектите на компаниите Мајами, Ана Компани, Мак лифт и Прилепска Пивара. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од улиците Никола Мартиновски и Азем Хајдари, Албанскиот Тетар и објектите лоцирани околу него (општина Чаир), како и дел од корисниците од село Бојане. (општина Сарај)
Македонија
Продолжува периодот на променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Наутро по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде променливо облачно, претпладне и кон крајот на денот со повремен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 11, а максималната ќе достигне од 15 до 19 степени.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд со послаб интензитет. Ќе дува умерен југоисточен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност ќе продолжи периодот на променливо облачно време со локални врнежи од дожд. Во петок и во деновите од викендот повторно се очекуваат пообилни врнежи од дожд (над 30 l/m² за 24 часа), локално во форма на невреме со засилен ветер и услови за појава на грмежи. Од недела утринските и дневните температури значително ќе опаднат, а на повисоките планини врнежите од дожд ќе преминат во врнежи од слаб снег

