Македонија
(Видео) 295 санкции за брзо возење на патот Скопје-Охрид
Министерството за внатрешни работи во изминативе денови спроведува засилени акциски контроли на делницата Скопје-Охрид-Свети Наум, а во текот на вчерашниот ден (09.04) санкционирани се 295 возачи за возење со брзина поголема од дозволената, соопшти денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски на прес конференција во Охрид.
„18 возачи возеле со дури 70 километри на час над дозволената брзина, а 104 со брзина од над 50 километри на час над дозволеното. Засилените контроли продолжуваат и денеска и во наредните денови, а евидентно е дека имаме намалување на бројот на сообраќајни незгоди во периодот кога овие контроли се спроведуваат. Како резултат на преземените мерки, намален е бројот на жртви во сообраќајни незгоди, 2020 година е година со најмал број на жртви (125). Покрај сообраќајните контроли, спроведуваме и превентивни акции со цел да ја зголемиме сообраќајната култура. Од минатиот месец заеднички со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот ја почнавме кампањата за користење на сигурносен појас, а во тек се и други превентивни активности“, рече Ангеловски.
Портпаролот Ангеловски најави продолжување на засилените контроли и апелираше до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Системските недостатоци во имплементацијата на Истанбулската конвенција, бараат системски пристап во нивото отстранување
Покрај формалната, нужна е реална заштита на жените од насилство, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на јавната расправа за имплементацијата на Истанбулската конвенција, што ја одржа собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите.
Според неа, Извештајот на Државниот завод за ревизија дава прецизна дијагноза на реалните состојби и открива системски недостатоци во имплементацијата на Истанбулската конвенција.
Нејзини клучни препораки се: итно донесување на Националната стратегија 2026 – 2033; проширување на мрежата на засолништа; обезбедување долгорочна финансиска поддршка на жртвите; воведување стандарди во давањето на услугите од страна на социјалните центри; вработување на соодветен, стручен кадар и негова континуирана обука како и побрзо лиценцирање на СОС линиите. Според неа, програми за психосоцијален третман, треба да се спроведуваат не само со жртвите, туку и со сторителите.

Таа смета дека програмите за психосоцијален третман се потребни не само за жртвите, туку и за сторителите.
Претседателката укажа на потребата од јасни критериуми при распределбата на финансиите, врз основа на претходна анализа на трошоците.
Мора да се заостри казнената политика во однос на семејното насилство и фемицидот, истакна таа.
Сиљановска-Давкова предупреди дека жените остануваат незаштитени во критички момент како резултат на дисфункционалноста и некоординираноста на институциите. Заради тоа, фемицид расте, институционалната недоверба се продлабочува и се нарушува нашиот кредибилитет во исполнувањето на меѓународните обврски.

Укажувајќи на поразителната статистика на МВР за бројот на жртвите, учесниците во јавната расправа се заложија за системски промени насочени кон превенција на семејното насилство, како и соодветен одговор на кривичните дела врзани за насилството.
На седницата се обратија претседателката на Комисијата, Жаклина Пешевска, потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски и помошничката на главниот државен ревизор, Катерина Чалоска Алексовска.
Во дискусијата учествуваа претставници од државните институции на национално и локално ниво, на граѓанскиот сектор и меѓународните организации.
Македонија
Освен во „Димо Хаџи Димов“, во друго училиште во Карпош не се најдени патогени бактерии
На 27.11.2025 АХВ заедно си службени лица од ИЈЗ направи вонредна контрола во 9 основни училишта во рамките на општина Карпош.
Од секое училиште беа земени мостри од храна како и брисеви од работни површини од кујните во училиштата.
По направените анализи во испитуваните примероци не се докажани патогени бактерии.
Освен во едно од училиштата каде на 2 површини е докажано присуство на ентеробактерии, што е индикатор на недоволна хигиена.
ИЈЗ ќе предложи иницијатива што ќе значи дополнителни промени во Националната годишна програма за јавно здравје, одредени правилници, законски и подзаконски акти, кои се во насока на подобра хигиена во училиштата, градинките, како и побезбедна храна, вода во истите што ќе значи унапредување на теми поврзани со јавното здравје.
Македонија
Муртезани во Брисел на средби во ГД РЕГИО и ГД ЕНЕСТ
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, во рамки на првиот ден од работната посета на Брисел, имаше одвоени средби со генералната директорка на Генералниот директорат за регионална и урбана политика на Европската комисија (ГД РЕГИО), Темис Кристофиду и со директорката во Генералниот директорат за проширување и источно соседство (ГД ЕНЕСТ) при Европската комисија, Валентина Суперти. Разговорите беа фокусирани на унапредување на евроинтегративниот процес на Северна Македонија, спроведувањето на реформите и продлабочувањето на соработката со институциите на Европската Унија.

Во разговорот со генералната директорка Кристофиду, министерот Муртезани изрази благодарност за континуираната поддршка што Европската комисија ја обезбедува преку Генералниот директорат за регионална и урбана политика, особено во делот на територијалната и прекуграничната соработка. Тој се осврна на тековното претседавање на Северна Македонија со Стратегијата на Европската Унија за Јадранско-јонскиот регион (EUSAIR), нагласувајќи дека земјата, и покрај почетните предизвици, успешно ги реализира планираните активности во рамки на програмата на претседавањето. Министерот подвлече дека Владата останува целосно посветена на зајакнување на регионалната поврзаност, промовирање на одржлив развој и зголемување на видливоста на земјата во рамки на макрорегионалните иницијативи на Унијата. Двете страни се согласија за продолжување на тесната соработка во насока на финализација на претседателството и подготовка на годишниот форум на EUSAIR.

На средбата со директорката Суперти детално се разговараше за напредокот во спроведувањето на реформските активности во контекст на европската агенда, како и за приоритетите на Владата во периодот што следи. Министерот Муртезани ја нагласи подготвеноста на Северна Македонија за финализирање на патоказите за јавната администрација, владеењето на правото и странските инвестиции, како и активностите поврзани со Реформската агенда и Планот за раст. Во фокусот на разговорот беа и очекувањата за отворање на Кластер 1, како и прашања поврзани со Спогодбата за стабилизација и асоцијација и за мерките кои влијаат врз челичната индустрија во земјата. Министерот го потенцираше значењето на економската интеграција и рамноправниот пристап до европскиот пазар како клучни елементи за стабилност и развој, а беше изразена и подготвеност од страна на Европската комисија за понатамошна техничка поддршка и координација во спроведувањето на реформите.

