Македонија
Првачињата ќе учат по нова наставна програма
На предлог на Бирото за развој на образованието, во петокот Министерството за образование и наука ги усвои новите наставни програми за прво одделение, како прв чекор во рамки на планот за конкретизирање на имплементацијата на новата Концепција за основно образование со која се предвидува значителна модернизација на базата на националниот образовен систем.
Програмите се објавени на следниот линк.
„За прв пат во нашата земја се изработија наставни програми врз основа на Национални стандарди базирани на компетенции и истите се фокусираат на резултати од учењето. Прецизно е дефинирано какви компетенции (знаења, способности, вештини и ставови) се очекува да стекнат учениците за време на основното образование, а наставникот добива целосна автономија да ја прилагодува наставата кон одделни ученици или групи за целосно постигнување на очекувањата и потенцијалот на секој еден ученик“, велат од МОН.
Оттука наведуваат дека суштински значајно е што наставните програми ќе обезбедат поголема видливост на интеграцијата, односно ќе овозможат реализација на сродни теми од различни наставни предмети во текот на исто одделение, со цел да се синтетизираат различни перспективи за предметот секаде каде што е можно, преку одредени можни содржини и активности за нивна реализација. На овој начин, како што наведе МОН, учениците полесно ќе ја разбираат и совладуваат наставната материја. Фокусот е ставен на учење со разбирање кое помага во развој на критичкото мислење и креативноста, наместо досегашното фактографско учење и меморирање податоци.
Исто така, со новите наставни програми предност се дава на формативното, наспроти сумативното оценување што подразбира дека постигањата на учениците ќе се следат на дневна основа, наместо само да се организираат тестирања на крајот на одредени периоди – тримесечје или полугодие.
Работните групи во Бирото за развој на образованието продолжуваат со креирање на наставните програми и за другите одделенија на основното образование. Во меѓувреме, за начинот на примена на новите наставни програми за прво одделение ќе се организираат обуки за наставниците, преку три модули во текот на мај, јуни и август.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Блокиран сообраќајот на патниот правец Ресен-Битола
Во 16:10 часот блокиран е сообраќајот на патниот правец А-3 Ресен-Битола кај месноста викана Ромската населба Битола, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со швајцарскиот претседател Пармелан во Дубаи
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Швајцарската конфедерација, Ги Пармелан.
„На средбата беше реафирмирано високото ниво на партнерство меѓу двете држави, што се основа на пријателство, заемна доверба и почит. Претседателката изрази уверување за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог на највисоко ниво. Во таа насока, претседателката упати покана за официјална посета на претседателот Пармелан“, соопштија од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Таа се заблагодарила за проектната помош во различни области, со што Швајцарија е меѓу најголемите билатерални донатори во нашата држава.
Посочила на важноста на поддршката што Швајцарија ја дава за стратешките определби на нашата држава, што според неа ја демонстрира швајцарската посветеност за стабилност, развој и европска иднина на нашиот регион.
Соговорниците го споделиле мислењето за важноста на бројната македонска заедница во Швајцарија како важна нишка во развојот на односите меѓу двете држави.
Претседателката повикала на натамошно интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена, вклучително и зголемување на швајцарските директни инвестиции.
Сиљановска-Давкова изразила сочувство за трагедијата во ноќниот клуб во Кран Монтана на новогодишната ноќ и загубата на човечки животи, како ужасен потсетник на трагедијата во Кочани, што остави трајни рани во македонското општество.
Двајцата претседатели размениле мислења и за актуелните случувања на глобален план.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Од утре следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на утрешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

