Регион
Турција го замрзна договорот за хеликоптери со Италија по обвинувањето за диктатура

Турција замрзна профитабилен договор за купување хеликоптери од Италија, вреден 70 милиони евра, откако минатиот четврток италијанскиот премиер, Марио Драги, го нарече турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, диктатор, пренесуаат италијанските медиуми.
За време на посетата на највисоките претставници на ЕУ во турската престолнина Анкара минатата недела, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и Ердоган седнаа во позлатени столови, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, остана збунета и немаше стол, па беше седната на троседот покрај нив, спроти турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.
“Uhm …”
Ursula von der Leyen, president of the European Commission, stood stunned. As President Recep Tayyip Erdogan of Turkey and Charles Michel, president of the European Council, sat in their gilded seats for a photo op, there was no chair for her. https://t.co/NaUlY8G7gF pic.twitter.com/RZ3ir7K3KF
— The New York Times (@nytimes) April 7, 2021
Распоредот на седење беше остро критикуван од меѓународната заедница како мизоген, а вината беше префрлена на Турција како домаќин.
Иако Турција подоцна објасни дека Мишел и тимот на ЕУ се тие што ги подготвиле аранжманите за седење и им ги дале на турските власти пред посетата – што некои го толкуваат како игра на моќ меѓу европските лидери – италијанскиот премиер Драги на прес-конференција изјави жалење за понижувањето на Фон дер Лаен и го обвини Ердоган дека е диктатор и дека несоодветно се однесува.
По овие обвинувања, Чавушоглу ја осуди неприфатливата популистичка реторика на Драги и неговите грди изјави за турскиот претседател, при што турската влада му вложи протестна нота на италијанскиот амбасадор и побара извинување од Рим.
Сепак, одговор од италијанската влада нема, што ја поттикна Турција да го замрзне значајниот договор за набавка на хеликоптери за обука од Италија, што требаше да биде потпишан оваа недела, пишуваат „Ла Република“ и „Ил фато куотидиано“.
Освен тоа, турската влада, наводно, издала предупредување до голем број италијански компании кои работат во Турција, како што е енергетската компанија „Ансалдо енергија“, која гради електрани во земјата.
Овој скорешен спор меѓу Анкара и Рим доаѓа во време кога двете земји ја зголемија политичката и економската соработка во регионот во изминатите неколку години, што се покажа со објавата во февруари дека од Италија во Турција влегле речиси милијарда американски долари директни инвестиции минатата година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Трагедија во Хрватска: маж почина од убоди на стршлени додека сечел дрва за огрев

Додека сечел дрва во шума, 54-годишен маж бил нападнат од стршлени. И покрај брзата лекарска интервенција, починал на самото место.
Во Хрватска, во шумско подрачје близу Крижевци, 54-годишен маж бил смртно нападнат од стршлени, соопшти полицијата од Копривничко-крижевечката жупанија.
Вчера, додека сечел дрва за огрев, мажот бил нападнат од стршлени, по што му се слошило, јавува Хина.
И покрај тоа што брзо му била укажана лекарска помош, мажот починал на самото место
Регион
Вучиќ: Ќе има војна

Српскиот претседател Александар Вучиќ предупреди за време на отворањето на новата брза железница што ги поврзува Белград и Суботица дека целиот свет се подготвува за војна.
„Ќе биде сè потешко во светот. Ќе биде тешко и тука, од едноставна причина што луѓето мора да знаат дека сите се подготвуваат за војна. А кога се подготвуваат за војна, тоа значи дека ќе има. И ви велам, ќе има“, рече српскиот претседател, пренесува Телеграф.
„Тие не се заинтересирани за разговори и преговори. Тие копаат ровови и чекаат почеток, а знаат дека војната дефинитивно доаѓа. Тие чекаат и се подготвуваат“, додаде тој.
„Мораме да подготвиме некои работи што не сме ги подготвиле“
Тој нагласи дека светот се движи кон војна и дека малкумина можат да ја спречат.
„Би платил сè на светот ако тоа не се случеше. За жал, се плашам дека сум во право. Ќе мора да подготвиме некои работи што не сме ги подготвиле. Нашата армија е подготвена да го одврати секој непријател, но ќе мора да подготвиме и некои други работи“, изјави тој.
„Двапати ги зголемив сите резерви на храна, и за армијата и преку нашите стокови резерви. Сега повторно ќе побарам зголемување“, објави тој.
Во врска со можните проблеми со снабдувањето со гориво поради санкциите на САД врз нафтената индустрија на Србија (НИС), Вучиќ рече дека сè ќе биде решено и дека нема да има купување гориво во кантички.
„Она што ни го оставија, денес се обидуваме да го решиме. Не сме ниту виновни ниту обврзани да се најдеме во проблем и ја плаќаме цената. Но, граѓаните не треба да се грижат. Ќе ги решиме проблемите и нема да има бензин во кантички, но нека знаат дека ако случајно имаме бензин во кантички, единствените што треба да се обвинат се тие“, заклучи тој.
Фото: принтскрин
Регион
На средбата со Путин, Додик ги нарече Германците примитивци од Западот

Поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, повторно побара поддршка од рускиот претседател Владимир Путин, а откако двајцата се сретнаа во Сочи синоќа, изјави дека ја добил и дека смета на Москва да продолжи да биде негова силна поддршка.
На снимките прикажани од јавниот сервис на РС (РТРС), можеше да се слушне како Путин го нарекува Додик претседател иако остана без мандатот на прв човек на РС уште во август, откако беше осуден на една година затвор за неспроведување на одлуките на високиот претставник.
Додик пристигна во Сочи на Валдај форумот, каде што Путин беше главен говорник.
„Знам дека ситуацијата во вашата земја и регион не е едноставна, може да се каже дека е комплицирана“, сè уште можеше да се чуе како Путин му вели на Додик пред да престане снимањето.
После тоа, Додик изјави за RTRS дека разговорот со Путин бил „многу отворен и фер“ и дека го повикал да „не го изоставува Балканот“ во разговорите со другите важни партнери, особено САД, и да не дозволи Германците да ја контролираат ситуацијата таму бидејќи, како што рече, тие не се на страната на Србите.
Додик ги нарече Германците, како и претставниците на другите влијателни земји што се занимаваат со Босна и Херцеговина, „исплашени примитивци од Западот“. Затоа, тој се потпира на Русија како можен коректив и верува дека сегашното претседателство на Русија со Советот за безбедност на ООН ќе биде корисно за неговите политички цели.
Фото: ЕПА