Свет
(Видео) Во САД убиен млад црнец – полицајката мислела дека користи пиштол за електрошокови, а не вистински
Фатално пукање во Минеаполис во кое 20-годишен црнец го загуби животот се чини дека се случило откако пиштолот случајно пукнал кога полицајка, среде мешаницата, го извлекла огненото оружје наместо направата за електрошокови.
Младиот Даунте Рајт беше убиен во пукање додека бил запрен со неговото возило во местото Бруклин Центар, недалеку од локацијата на која минатиот мај во Минеаполис беше убиен Џорџ Флојд.
Полицијата објави снимка на која се гледа турканицата меѓу Рајт и полицијата. Рајт се обидува со туркање да се врати во автомобилот, а на снимката се гледа како полицајката вика „електрошок“.
„Ми се чини, од она што го видов, од реакцијата на полицајката и нејзиниот стрес што следуваше веднаш потоа, дека пиштолот случајно испукал, што резултирало со трагичната смрт на господинот Рајт“, рече шефот на полицијата, Тим Ганон.
Градоначалникот на гратчето, Мајк Елиот, рече дека сите жалат за трагичниот настан што не можел да се случи во полошо време.
„Ќе го го расветлиме овој случај. Ќе сториме сè за да се осигуриме дека правдата за Даунте Рајт е задоволена“, рече Елиот.
Полицијата соопшти дека го запрела Рајт за сообраќаен прекршок и откриле дека по него е распишана потерница. Полицијата се обидела да го уапси, но тој успеал со туркање да се врати во автомобилот. Полицајката, чиј идентитет првично не беше откриен, пукала во мешаницата. Рајт продолжил да вози и се оддалечил неколку блока кога удрил во друго возило. Тој починал на самото место.
Подоцна беше објавено дека станува збор за службеничката Кимберли Потер, со 26-годишно полициско искуство, ветеранка во службата.
Многумина критичари и скептици на социјалните мрежи се прашуваат како е воопшто можно полицајка со многугодишно искуство да не направи разлика меѓу нејзиниот пиштол и направата за електрошокови.
Претседателот Џо Бајден изрази жалење за трагичната смрт на младиот црнец, но исто така го осуди насилството што избувна на протестите што следуваа.
„Она што се случи во предградијата на Минеаполис е навистина трагично, но мислам дека треба да почекаме да видиме што ќе каже истрагата“, рече Бајден.
„Додека ги чекаме резултатите од истрагата, сакам да кажам јасно – апсолутно нема оправдување за насилството. Мирните протести се разбирливи“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

