Свет
Индија ја одобри руската вакцина против Ковид-19
Индија ја одобри руската вакцина „спутник В“ против Ковид-19, објави голема локална фармацевтска компанија во земјата која има 1,3 милијарда жители, а која повторно имаше најголем број новозаразени во светот.
„Имаме среќа што добивме одобрение за употреба на ‘спутник В’ во Индија“, рече Г. В. Прасад, генерален директор на компанијата „Д-р Реди лаборатори“, во изјавата пренесена од француската агенција „Франс прес“.
Индија потврди 161.736 нови инфекции со коронавирус, што е повторно највисок дневен рекорд во светот во земјата со потврдени 13,69 милиони заразени, според Министерството за здравство.
Бројот на починати од Ковид-19 се зголеми во Индија за 879 и сега изнесува 171.058, според најновите податоци на интернет-страницата на Универзитетската болница „Џонс Хопкинс“.
Сепак, бројките за заразени од коронавирус и починати во вторникот се обично пониски поради доцните резултати од тестовите објавени за време на викендот.
Индија регистрира 168.912 случаја на зараза во понеделникот додека расте загриженоста за понатамошно ширење на инфекцијата со стотици илјади верници, кои тргнаа кон ритуално капење во реката Ганг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Судири меѓу демонстранти и полиција во Атина: употребени солзавец и шок-бомби
Во центарот на Атина вечерва дојде до судири меѓу демонстранти и полицијата за време на маршот по повод 17 години од убиството на Александрос Григоропулос.
Полицијата употреби солзавец и шок-бомби, а приведени се 38 лица, од кои 8 се уапсени.
Тензии настанаа кога дел од демонстрантите се обидоа да тргнат кон квартот Егзархија, но полицијата ги блокираше. Метро станиците „Панепистимио“ и „Синтагма“ беа затворени од 17 часот по наредба на полицијата.
Сличен марш се одржа и во Солун, каде што беа приведени десет лица.
Убиството на 15-годишниот Григоропулос во 2008 година стана симбол на протестите против полициската бруталност, а годишнината и годинава ја одбележаа судири и силно полициско присуство.
Свет
Експерти предупредуваат на радиоактивна прашина по оштетувањето на обвивката на Чернобил
Заштитната обвивка изградена за да спречи ширење на радијација од нуклеарната централа Чернобил мора итно да се поправи откако беше оштетена од руски напад со дрон, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
МААЕ вели дека оштетувањето е сериозно и дека дел од конструкцијата ги изгубила своите главни безбедносни функции – особено способноста целосно да го задржи зрачењето.
Иако привремени поправки веќе се направени, директорот на МААЕ, Рафаел Гроси, предупредува дека е неопходна навремена и детална реставрација за да се обезбеди долгорочна нуклеарна безбедност на Украина.

Експертите објаснија дека падот на притисокот во заштитната купола не претставува веднаш директна опасност. Но има една многу поголема закана – радиоактивната прашина.
Стариот саркофаг, поставен веднаш по катастрофата во 1986 година, одамна е истрошен, а новата заштитна обвивка е изградена токму за да спречи негово рушење. Меѓутоа, сега, по оштетувањето, стариот саркофаг не може безбедно да се демонтира.
Дмитро Хумењук од Државниот научно-технички центар за нуклеарна и радијациона безбедност на Украина предупредува: „ако делови од старите конструкции се урнат под новата, но оштетена обвивка, ќе се подигне големо количество радиоактивна прашина“.
„Таа прашина може да се рашири во околината и да предизвика ослободување на нова радиоактивност – што би претставувало сериозен ризик и за Украина и за поширокиот регион“, вели тој.

Дополнителни работи на обвивката ќе започнат следната година со поддршка од Европската банка за обнова и развој. Планот е, по завршувањето на војната, да се пристапи кон целосна реставрација на заштитната конструкција.
Заштитниот штит беше поставен во 2019 година над уништениот четврти реактор, но украинските власти уште во април предупредија дека има знаци на губење на функционалноста и дека мора да се поправи за да се спречи можно истекување на радијација.

Чернобилската централа се наоѓа 130 километри северно од Киев и само 15 километри од границата со Белорусија. Во првите денови од руската инвазија, таа беше накратко окупирана, при што руските сили го држеа персоналот како заложник – дополнително влошувајќи ја нуклеарната безбедност.
Денес, руските трупи сè уште ја контролираат нуклеарната централа Запорожје, што предизвикува стравувања од нови инциденти со потенцијално катастрофални последици.
Свет
Калас: САД се најголемиот сојузник на ЕУ и покрај критиките кон Европа од Вашингтон
САД остануваат „најголем сојузник“ на ЕУ, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, по објавувањето на новата Национална безбедносна стратегија на САД. Документот предупредува на „бришење на цивилизацијата“ во Европа поради мигрантите.
Калас додаде дека, иако има критики кон Европа, дел од нив се оправдани и дека и покрај разликите, принципот на сојузништво останува непроменет.
Американската стратегија, објавена од администрацијата на Доналд Трамп, предлага крај на „трајното проширување“ на НАТО, со што повторно се уништува надежта на Украина во борбата против руската инвазија. Документот критикува и европски политики поврзани со имиграција, слобода на говор, намалување на наталитетот и слабеење на националниот идентитет.
Калас истакна дека Европа понекогаш ја потценува сопствената моќ, на пример во однос на Русија, и дека треба поголема доверба во себе. Таа предупреди дека ограничувањата врз Украина нема да донесат траен мир, бидејќи наградувањето на агресијата ќе ја повтори.
Поранешниот европски комесар Тиери Бретон оцени дека стратегијата ја ослабува Европа и ја спореди со плановите на Путин, повикувајќи на обединет одговор од европските лидери. Според аналитичарите, документот може да го поттикне влијанието на екстремно десничарските и антиимиграциските партии во Европа.

