Економија
Новиот закон за игри на среќа ја гаси целата индустрија
Загрозени се десетици илјади работни места, дури 10 отсто од населението на Македонија живее од оваа стопанска гранка и сега стравува поради бесмислени предлози да се ограничи работата на овие компании.
Повеќе од 10.000 луѓе стравуваат за своите работни места, а вкупно 70.000 директно и индиректно вработени во индустријата на игри на среќа чекаат расплет на срамно напишаното сценарио, во кое цела стопанска гранка се гаси заради политички договор на штета на економијата и граѓаните на Македонија! Новиот закон за игри на среќа, неминовно ќе доведе до цветање на црниот пазар, каде не постои можност за заштита на играчите, ниту малолетниците. Под изговор дека се штитат интересите на малолетниците, со воведување на растојание помеѓу овие објекти и образовните институции од 500 метри, всушност децата се туркаат во илегалното обложување кое би им било на дофат на рацете!
Новиот предлог Закон кој е објавен на Единствениот национален електронски регистар (Енер), значи само дека повторно во прв план се истакнуваат интересите на оние кои сакаат игрите да се префрлат на црниот пазар, каде ќе се богатат поединците, а државата ќе губи приход од 280 милиони евра колку што приредувачите годишно уплаќаат во државниот буџет и буџетите на локалната самоуправа.
Изгледа дека среде криза заради коронавирусот, цел е Македонија да остане без стотици милиони евра кои со оваа одлука би се одливале на странски сајтови за обложување? На кого му одговара среде епидемија да се гаси индустрија од која живеат 10 отсто од населението на државата и која учествува со неверојатни 4 отсто удел во бруто домашниот производ. Само на оние кои своите интереси ги ставаат пред економската благосостојба на целата земја и кои не гледаат назад на отпуштените работници.
Овој популистички обид за измена на законот нема никаква врска со заштита на малолетниците, туку е параван за срамното работење со кое се штитат интересите на албанските партии, кои на тој начин преку црниот пазар би ги финансирале своите програми и политички цели надвор од државниот тек. Таква ситуација веќе се има случено во Албанија и Косово, а истото сценарио сега се спрема и во нашата земја.
Одредени интересни групи работат и против здравствениот и против економскиот систем на земјата. Со усвојување на новиот закон компаниите од оваа стопанска гранка би исчезнале од мапата на Македонија, што би оставило несогледливи последици врз државата и општеството. Ограничувањето на правото на работа низ некои луди законски одредби, би довело до кршење на уредбата за заштита на странски капитал и право на инвеститорите и директна штета за државата, која би морала да плати отштета од неколку стотици милиони евра.
Граѓаните повторно ќе бидат драстично оштетени доколку било што од новиот закон се усвои во интерес на политички предизборни договори и поединци.
Сè е регулирано со постоечкиот закон
Во постојниот Закон за игрите на среќа прашањето за забрана на учество на малолетници веќе е строго пропишано со членот во кој се вели: „лицата под 18 години не може да учествуваат во игрите на среќа“ и дополнително со став 3 од истиот член според кој: „на лицата помлади од 18 години не им е дозволен влез во казино, во простории во кои се организира томбола од затворен тип, во обложувачници и во автомат-клубови“.
Со воведувањето на било какво минимално растојание на уплатно-исплатните места од образовните институции, на приредувачите на игри на среќа директно би им се одзело правото на континуитет на работење и деловни активности стекнати врз основа на законот. Инвеститорите мора да уживаат целосна правна заштита и сигурност, што е едно од основните достигнувања на европската интеграција. Нивните права стекнати за време на инвестицијата не смее да бидат одземени, поништени или ограничени со какво било следно изменување и дополнување на законите и подзаконските акти.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

