Македонија
Македонија со цел до 2030 година да ги намали стакленичките гасови 51 отсто

Владата го усвои ревидираниот национален придонес кон Климатскиот договор од Париз, со што како национална цел ја постави амбицијата во 2030 година да се постигне 51 % намалување на емисиите на стакленички гасови во однос на емисиите од 1990 година, соопшти министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.
Како што нагласи тој, овој стратешки документ претставува нов, поамбициозен придонес кон глобалните напори за намалување на емисиите на стакленички гасови и е фокусиран на ублажувањето на климатските промени.
Министерот оцени дека со ова уште еднаш се демонстрираат заложбата и придонесот на државата во реализација на зелената агенда на ЕУ и инвестицискиот план за Западен Балкан на ЕУ и може да служи како инструмент за засилени инвестиции.
Во поднесокот се вградени резултатите од анализите за потенцијалот за намалување на емисиите на стакленичките гасови, при што вкупно се анализирани 63 политики и мерки за ублажување во секторите:
– енергија (вклучително и снабдување со енергија, резиденцијален сектор, неспецифицирани сектори, индустрија и транспорт);
– земјоделство;
– шумарство и друга употреба на земјиште;
– отпад;
– дополнителни мерки (овозможувачки мерки на мерките за ублажување).
Ревидираниот национално утврден придонес кон Договорот од Париз е одраз на зеленото сценарио од Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година и е целосно усогласен со предлог-националниот план за енергија и клима.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: За прв пат на месечно ниво имаме базична инфлација во негатива

„Тоа е месечната ставка, вклучително и годишната ставка ако се гледа споредено со јули имаме намалување од 4,9 на 4,4 проценти. Очекувам тој тренд полека да продолжи и да дојдеме до оние стабилни проценти би рекол, 2, 2,5 проценти. Тоа е она кое што го очекуваме во периодот кој што следи“, вели Христијан Мицкоски претседател на Владата на Република Северна Македонија одговарајќи на новинарско прашање кој е неговиот став во однос на информацијата дека месечната ставка за август за инфлацијата е намалена во однос на јули.
Мицкоски нагласи дека ако се направи длабинска анализа ќе се види дека на месечно ниво за прв пат базичната инфлација е во негатива, односно во минус.
„Но она кое што е важно е ако се направи длабинска анализа ќе се види дека на месечно ниво за прв пат базичната инфлација е во негатива, односно во минус. Тоа е добар индикатор дека имаме полека стагнирање и намалување на базичната инфлација која што беше главен драјвер, двигател на генералната инфлација. Мерките не се така интензивни кои што ги правевме, ние се одлучивме и покрај критиката која што ја добиваме од одредени невладини, синдикални здруженија итн. да водиме многу внимателна макроекономска политика, да направиме баланс помеѓу растот на платите и инфлацијата, односно секогаш растот на платите да е повисок барем двојно да гледаме од тоа што е растот на инфлацијата. Така што во нето граѓаните да имаат подобар стандард, така ќе продолжиме без интервенционизам“, рече Мицкоски и додаде:
„Интензивни се контролите на ДПИ и на Комисијата за заштита од конкуренција, нормално не правиме од тоа естрада и парада па сето тоа да го соопштуваме пред камера, но континуирано имаме мониторинг и најмалку еднаш до два пати неделно добивам извештај од двете институции“.
Македонија
(Видео) Зошто бил сменет шефот на внатрешната контрола, дали полиграфистот си дал отказ: Петровска побара декласификација од АНБ

Не знам дали Агенцијата за национална безбедност ќе има слух да изврши декласификација или делумна декласификација сѐ во интерес да можеме во детали да ѝ соопштиме на јавноста, истакна Славјанка Петровска, пратеничка на СДСМ.
„Она што го очекувам од овој надзор е да не биде дозволен увид во сите документи што ќе ги побараме, кои Агенцијата, се разбира, смета дека треба да ни бидат достапни, но и оние што ќе ги побараме на наша барање.
Лично јас веќе имам подготвено триесетина прашања, кои ќе ги упатам, а се разбира сѐ во интерес на расчистување на овој случај. Едно од тие прашања што ќе ги поставам, а за жал, ако состанокот биде класифициран, нема да може да ви го дадам јас одговорот, е што се случило со полиграфистот што се посочува, барем во брифинзите што ги има дел од јавноста, како клучен, односно тој што ги спровел полиграфските тестирања. Дали е тој сè уште на работа, дали заминал, дали заминал под притисок итн? Што се случило со шефот на внатрешната контрола, зошто тој бил сменет? Според мои информации, можеби не е вистина, но зошто тој бил сменет непосредно пред да почне оваа внатрешна истрага во Агенцијата и така натаму“, праша Петровска.
Според неа, тоа се многу прашања, кои, како што истакна, се во интерес на овој надзор и обелоденување на вистината за овој таканаречен скандал.
Македонија
Со 2,5 милиона денари интервентно ќе се заштитува „Македониумот“, а странски експерти ќе работат на трајна заштита

Споменикот „Македониум“ над Крушево до крајот на оваа година ќе биде итно заштитен од пропаѓање, а за в година Владата најави трајна заштита, на која ќе работат странски експерти. Портпаролката на Владата, Марија Митева, извести дека се преземени конкретни чекори за обнова на споменикот преку Министерство за култура и туризам во соработка со Заводот и Музеј Прилеп.
„За оваа година е обезбеден проект за интервентна заштита во вредност од 2,5 милиона денари, кој ќе биде реализиран до крајот на 2025 година. Паралелно на ова, Националната установа Завод и Музеј Прилеп работи на проект за целосна реконструкција и конзервација на целиот комплекс. Овој проект ќе биде финализиран до средината на 2026 година по што Министерството за култура и туризам ќе ги утврди динамиката и планот за финансирање на целосната реконструкција. Би сакала да потенцирам дека ‘Македониумот’ е уникатен архитектонски и уметнички објект создаден од бетон, витражи и специфични материјали, што бараат врвна стручност. Затоа и дел од експертизата ќе ја обезбедиме од странство за да гарантираме дека ова културно наследство ќе биде трајно заштитено“, рече портпаролката Митева.
За сегашната лоша состојба во која се наоѓа споменикот Митева нагласи дека вината е во непостапувањето во изминатите години.
„Реконструкцијата на ‘Македониумот’ почна пред повеќе години и требаше да биде завршена во 2017 година. Со симнувањето на скелето од страна на претходната власт токму таа година процесот беше насилно прекинат и оставен без потребната заштита. Од тогаш до денес цели седум години не било преземено ништо за негово завршување и заштита. Тој застој, создаден во минатото, остави длабоки последици врз состојбата на овој значаен културен споменик. Важно е граѓаните да знаат дека денешната состојба не е резултат на негрижа од актуелната Влада, туку на долгогодишно одлагање и непостапување во изминатите години. Како и за многу други состојби што ги затекнавме при преземањето на власта, така и за оваа нема да бараме оправдувања, наша обврска е да го исправиме ова“, рече портпаролката Митева.
Споменикот е свечено откриен на 2 август 1974 година во Крушево по повод 71 година од Илинденското востание и 30-годишнината од АСНОМ 2. Изградбата траела четири години, односно од 1970 година до 1974 година, а автори на монументалниот комплекс се Јордан и Искра Грабулоски. Сместен на ридот Гумење, над Крушево, на надморска височина од 1.320 метри, „Македониумот“ претставува архитектонска и симболична целина, која го слави стремежот на македонскиот народ кон слобода, независност и културен идентитет. Во неговата внатрешност се наоѓа гробот на Никола Карев, а надворешноста е украсена со скулптури, витражи и амфитеатар со дела од Петар Мазев и Борко Лазески.