Македонија
Општина Липково добива нова детска градинка, која ќе згрижи 102 деца
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, заедно со градоначалникот на општина Липково, Еркан Арифи, денеска потпиша договор за грант со кој се доделуваат финансиски средства за изградба на нова детска градинка во населеното место Матејче.
„Новата градинка ќе биде со капацитет за згрижување 102 деца на возраст до 6 години за чија изградба и опремување Министерството за труд и социјална политика издвои 50 милиони денари“, изјави министерката за труд и социјална политика.
Градоначалникот на општина Липково, Арифи, информира дека, според официјалните статистички податоци, на територијата на општина Липково живеат околу 2.200 деца на возраст до шест години, како и дека изградбата на оваа нова градинка е вистински потег во правец на решавање на предизвикот.
Досега со средствата од проектот, кој ресорното министерство го спроведува со поддршка од Светската банка, реконструирани се градинки во Ресен и Боговиње, а во тек е изградбата и реконструкцијата на уште осум градинки во Кавадарци, Неготино, Кочани, Струмица, Пробиштип, Крива Паланка и во скопските општини Кисела Вода и Ѓорче Петров, во кои ќе се згрижат уште 1.349 деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.
Македонија
Мисајловски во Брисел: Македонија со НАТО-сојузниците за инвестициите и безбедносните приоритети
Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, денес ќе учествува на состанокот на ниво министри за одбрана на Северноатлантскиот совет на НАТО во седиштето на Алијансата во Брисел, Кралство Белгија.
Мисајловски заедно со колегите-министри за одбрана на сојузничките земји, за време на днешениот останок ќе дискутираат на повеќе теми меѓу кои и инвестициите во одбраната согласно последните одлуки од Самитот во Хаг, исполнување на целите на способност, зацврстувањето на одбраната, придонесот во операциите предводени од НАТО како и за актуелните безбедносни предизвици.

