Регион
„Фајзер“, „спутник В“ или „Синофарм“ – истражување во Србија покажа која вакцина штити најбргу
Граѓаните на Србија развија имунитет најбргу со вакцината на „Фајзер“ и тоа две недели по првата доза, што е за нијанса побавно од „спутник“. На кинеската вакцина ѝ е потребно повеќе време додека да се создадат антитела, особено кај луѓе постари од 70 години и особено кај мажи.
Резултатите од анализата за тоа колкав е имунитетот на Ковид-19 преку вакцинација ѝ се познати на јавноста благодарение на научниците од Институтот за примена на нуклеарната енергија (ИНЕП). Досега се анализирани над 10.000 примероци на вакцинирани лица со употреба на сите моментално достапни вакцини во Србија. Проучени се примероци на граѓани на возраст од 20 до 95 години.
Според Марија-Гњатовиќ од ИНЕП, идејата била да се испита еден аспект на имунолошкиот одговор (антитела), со цел да се добие увид во кинетиката на создавање заштита по имунизацијата со употреба на вакцини засновани на разни технологии, од класична до РНК-технологија.
Врз основа на следењето примерок кога станува збор за вакцината на „Фајзер“, повеќе од 85 проценти од вакцинираните развиваат специфичен одговор на антитела веќе две недели по првата доза. По втората доза, над 95 проценти од испитаниците имале мерливи вредности на антитела. Кога станува збор за разликата во производството на антитела во однос на возраста, истражувањата покажаа дека нема значителна разлика во нивото на антитела. Антителата остануваат во циркулација неколку месеци по примањето на двете дози на вакцината, без значителна тенденција на намалување на концентрацијата на антителата.
Вакцината „спутник В“ исто така,дава добар серолошки (антитело) одговор кај сите возрасни групи. Кај повеќето вакцинирани лица мерливите количини антитела се јавуваат околу три недели по првата доза, а процентот на вакцинирани лица со позитивен тест на антитела по втората доза е поголем од 92 процента.
Вакцината произведена од „Синофарм“ нешто подоцна создава одговор во однос на вакцините од модерната технологија. Така, првите мерливи вредности на антитела се појавуваат најрано околу две недели по втората доза на вакцината. Граѓаните до 65-годишна возраст во голема мера развиваат специфични антитела по примањето на вакцината на „Синофарм“, а процентот на серопозитивни во таа група испитаници е поголем од 90 проценти. Нешто побрзо намалување на вредноста на концентрацијата на антитела во вакцинираните примероци од крв е забележано во однос на другите вакцини, како што велат, во ИНЕП, што не значи дека се губи целокупната заштита.
Сепак, постои јасна разлика во одговорот на употребата на вакцината на „Синофарм“ во разни возрасни групи. Значително послаб одговор на антитела е забележан кај лица постари од 65 години, особено во групата постари од 70 години, имено кај мажи, со честа појава на целосно отсуство на специфични антитела во циркулацијата.
Инфекциите се можни, но ретки, поблаги и без смртни случаи.
Јасна е разликата помеѓу вакцинираните и оние што не ја примиле вакцината. И таа е клучна. Грубо кажано, може да се разболат и вакцинираните, но нивната болест е поблага и нема смртен исход.
Според Гњатовиќ, забележано е дека инфекциите се можни по примената на сите видови вакцини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
РЕ-Дигитал
Албанија ја укина забраната за TikTok
Албанија ја укина привремената едногодишна забрана за пристап до платформата TikTok, објавија локалните медиуми, пренесува агенцијата Анадолу.
Албанскиот совет на министри ја поддржа одлуката за укинување на привремената мерка со која се ограничува пристапот до платформата TikTok на територијата на таа земја, наведувајќи дека „прашањата во областа на јавната и социјалната безбедност во дигиталната средина веќе се решени“, објавија локалните медиуми.
Во март 2023 година, Албанија го забрани пристапот до платформата TikTok по убиството на 14-годишниот Мартин Цани во близина на училиштето „Фан Ноли“ од негов врсник. Цани беше избоден пред училиштето по тепачка меѓу две групи што ескалираше преку социјалните медиуми.
Еден месец подоцна, владата одлучи да го забрани TikTok. Таткото на момчето и TikTok тврдеа дека Мартин не ја користел платформата.
„Социјалните мрежи, особено TikTok и Snapchat, секојдневно ги влечат нашите деца во своите лавиринти уште од мали нозе“, рече албанскиот премиер Еди Рама во медиумско појавување по убиството во Тирана.
Одлуката за укинување на забраната за TikTok ќе стапи на сила по објавувањето во „Службен весник“, по што албанските граѓани повторно ќе можат да ја користат платформата.
Регион
Уапсено едно лице осомничено за фрлање бомба во куќата на Здравко Чолиќ
Полицијата уапси едно лице, С. М. (1993), под сомнение дека фрлил бомба врз семејната куќа на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње, додека полицијата интензивно трага по вториот осомничен.
Информацијата ја потврди и српскиот министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, истакнувајќи дека станува збор за заедничка акција на полицијата, Вишото јавно обвинителство во Белград и Безбедносната и информативна агенција, пишува N1info.rs.
Уапсеното лице се товари за кривични дела нелегално производство, поседување, носење и трговија со оружје и експлозивни материи, како и предизвикување општа опасност како соучесник.
„Постојат основани сомневања дека С.М., заедно со друго барано лице, дошле во семејниот дом на жртвата во Дедиње на 3 февруари годинава околу 4:52 часот наутро, каде што активирале и фрлиле рачна граната во дворот“, рече Дачиќ.
На осомничениот му е одреден притвор до 48 часа.
Бомбата во дворот на куќата на пејачот била фрлена во раните утрински часови на 3 февруари. Во нападот нема повредени, но има материјална штета. Чолиќ не бил дома во времето на инцидентот, туку бил во Загреб, каде што работи на нов албум.
Во својата прва изјава за медиумите по инцидентот, Чолиќ потврди за ТВ Уна дека неговото семејство е безбедно. „Сè е во ред во Белград, фала му на Бога сите се добро“, рече тој.
фото/епа
Регион
Италијанец (80) под истрага за „снајперски туризам“ во 90-тите во Сараево
Канцеларијата на обвинителството во Милано стави под истрага 80-годишен Италијанец како дел од случајот поврзан со наводен „снајперски туризам“ во Сараево во текот на 1990-тите, потврдија два извори директно запознаени со случајот. Тој е првото лице идентификувано во истрагата што започна минатата година, пишува „Ројтерс“.
Според извори, тој е поранешен возач на камион кој живее во близина на Порденоне во северна Италија. Човекот, чие име не е објавено, е обвинет за повеќекратни обвиненија за убиство од небрежност. Сè уште не е познато дали е осомничен за директно пукање или за обезбедување транспортна и логистичка поддршка на клиентите. Осомничениот е на слобода, а обвинителите го повикаа на сослушување на 9 февруари.
Обвинителите истражуваат наводи дека странци платиле за пукање во цивили за време на опсадата на Сараево, главниот град на Босна и Херцеговина, за време на војната пред три децении. За време на војната од 1992 до 1995 година, која следеше по прогласувањето на независноста на Босна и Херцеговина од Југославија, околу 11.000 цивили беа убиени од гранатирање и снајперски оган од позициите на армијата на Република Српска во ридовите околу опколениот град.
Обвинителството во Милано отвори истрага откако локалниот новинар и писател Ецио Гавацени поднесе тужба во која тврди дека Италијанците и други странци им платиле на припадниците на силите на босанските Срби за да им дозволат да учествуваат во екскурзии за пукање. Гавацени рече дека бил инспириран да истражува од документарецот од 2022 година „Сараево Сафари“ од словенечкиот режисер Миран Зупанич.
Тој рече дека богатите странци плаќале големи суми за да учествуваат. Тврдеше дека Италијанците се сретнале во Трст пред да патуваат во Белград, од каде што војниците на босанските Срби ги следеле до рид со поглед на Сараево.
Покренувањето на италијанската истрага во ноември 2025 година предизвика надеж кај преживеаните дека одговорните ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
фото/епа

