Македонија
Богдановиќ укажува дека ако се суспендира планот за зградите кај „Холидеј ин“, штетата ќе ја платат граѓаните

Во стариот Закон за урбанистичкото планирање општините немаа никакво ограничување за тоа колку да трае суспензијата или неспроведувањето на плановите ниту, пак, беше утврдено кој ќе ја сноси штетата доколку одредена суспензија или каква било друга одлука биде донесена, рече градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, на денешната седница на Советот.
Во контекст на изградбата на зградите спроти „Холидеј ин“, тој смета дека овој закон е лош, има низа недоречености поради кои Општината може да сноси последици.
Рече дека законот дозволува суспензија на плановите на 6 или 12 месеци, но исто така се дава можност по завршување на суспензијата, оштетени лица од промената на планот да поднесат тужба.
„Новиот Закон за урбанистичкото планирање е ограничкувачки и дава рокови за ревизија/суспензија од 6 месеци за дел од ДУП и 12 месеци за цел ДУП. Доколку се пробијат роковите или, пак, се нанесе некаква штета при носењето на ДУП-от, одговорен е донесувачот на планот, односно Советот на Општина Центар“, нагласи градоначалникот.
Тој исто така посочи и пример според стариот закон кога во Општина Центар, во сличен процес, при промена на план што бил за одредена намена еден од инвеститорите ја тужел државата, при што отштетата по пресудата наплатена во тој случај ја обесштетила државата, а во согласност со новиот закон, доколку некој инвеститор поднесе тужба, оштетата паѓа на товар на Општината, односно граѓаните што живеат во неа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски за изјавите дека УЧК имала праведна борба: Не може убиства од заседа да се праведна борба, нека не се игра на картите на ДУИ за поделби

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во текот на денешната посета на општина Петровец, на новинарско прашање беше запрашан за коментар на изјавата на вицепремиерот Изет Меџити за оправданата и разумна борба на ОНА во Македонија во текот на конфликтот во 2001 година.
„Ја слушнав таа изјава и тука апсолутно имаме различни гледишта на работите. Не може да биде апсолутно разумна и праведна, а од заседа да се убиваат припадници на министерството за внатрешни работи и министерството за одбрана.
Но повторно ќе кажам, тоа се теми кои се дел од минатото, затворени со Рамковниот договор, а со последните законски измени, конкретно законот за правична застапеност, којшто е во Венецијанската Комисија, тој е затворен. Нашиот фокус како Влада е иднината. Тоа е она што ние сакаме да го видиме. Ова се теми кои се затворени и јас апелирам до сите разумни политичари да не играат на картата на ДУИ и на оние кои сакаат да не вратат 25 години назад“, одговори Мицкоски.
Премиерот посочи дека суштината е да се работи на полето на носење на инвестиции со цел државата да се направи подобро место за живеење на сите граѓани.
„Ова е оската околу која треба да се обединиме. Ќе повторам, да ги оставиме политичарите коишто делеа во минатото. Тие немаат тема на иднината. Тие не знаат што е иднина. Тие се заглавени во сопствената матрица на минатото. Погледнете, 14-15 месеци опозиција, единствената порака која доаѓа од ДУИ, заедно со коалиционите партнери СДСМ и Левица, е токму тоа, поделба. Затоа апелирам до сите да се воздржиме од било какви теми коишто не враќаат назад во минатото, да гледаме кон теми во иднината. Инаку апсолутно тука различно ги гледаме работите, не може некој којшто од заседа кукавички одземал животи, да биде праведна и чесна војна, барем во Македонија, не коментирам за соседството“, заклучи премиерот.
Македонија
(Видео) Мицкоски на увид на три проекти: Со одлична динамика се реализираат проектите

„За мене претставува задоволство кога ќе можеме да направиме увид на градежни работи коишто се случуваат на целата територија на државата, тоа е многу важно, бидејќи сепак тоа се проекти коишто наскоро ќе бидат завршени и ќе бидат ставени во функција. Без разлика дали станува збор за спортска сала, дали станува збор за водоводни или канализациони системи, за нови локални, регионални патишта, сето тоа претставува дел од онаа наша цел и заложба како Влада да додадеме вредност во квалитетот на животот на македонските граѓани“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
„Јас му честитам на градоначалникот бидејќи гледам дека со одлична динамика во општина Петровец се развиваат проектите. Од тука продолжуваме и на друго место да направиме увид во проекти коишто се дел од програмата на Владата којашто ги финансира тие проекти преку соодветните министерства.
Самиот градоначалник кажа дека тие се дел преку Министерството за транспорт, дел преку други министерства, така што многу е важно да бидеме присутни, континуирано да вршиме мониторинг, увид во работите коишто се завршуваат, бидејќи наскоро од денес сите овие работи ќе имаат корисници и тоа е добро. Добро е кога се гради, кога се развива, јас само сакам да продолжиме во таа насока и ние како Влада, но и градоначалниците до крајот на овој мандат и понатаму сите оние градоначалници коишто ќе ја добијат довербата на локалните избори.
Силно верувам дека најголемиот дел од тие градоначалници ќе бидат од моменталната владина коалиција, ќе продолжиме да ги развиваме општините онаму каде што претходната владина коалиција и Влада не успеа, бидејќи кај нив филозофијата беше подобро да крадат, отколку да градат. Но, кај нас филозофијата е спротивна-да градиме, наместо да правиме работи коишто не се добри“, додаде Мицкоски.
Македонија
(Фото) Нови подови за спорт во Аеродром

Во пресрет на почетокот на новата учебна година во спортската сала „Марко Божиновски“ и на спортското игралиште во основното училиште „Лазо Ангеловски“ целосно се заменуваат подовите со нова нелизгачка спортска подлогa, известуваат од општина Аеродром.
Целта на оваа активност е да се подобри спортската инфраструктура и да се создадат побезбедни услови за спортување на учениците во Ново Лисиче, велат од Општината.
„Со инвестициите во спортската инфраструктура обезбедуваме подобри и побезбедни услови за нашите ученици и млади спортисти. Верувам дека новите сали ќе бидат место каде што ќе се раѓаат нови успеси и спортски пријателства. Нашите деца заслужуваат најдобри услови за спорт“, изјави в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, кој денеска беше на увид во активностите.