Свет
Нов Зеланд сака да ја забрани продажбата на цигари за родените по 2004 година
Нов Зеланд во моментот размислува за низа предлози насочени кон елиминирање на пушењето во земјата вклучувајќи и радикална иницијатива со која ќе се забрани продажбата на тутун на цела генерација, пренесува РТ.
Според акцискиот план „Аоетароа без цигари 2025“, Нов Зеланд се надева на постепено зголемување на законската возраст за пушење и на крајот да се забрани продажбата на цигари на секој што роден по 2004 година. Иницијативата повикува и на значително намалување на дозволеното ниво на никотин во тутунот и става ограничувања на местата на кои може да се продаваат цигари. Владата исто така ќе постави минимална цена за сите тутунски производи.
Како што сугерира името на планот, целта е да се укине употребата на тутун во земјата во следните неколку години создавајќи непушачки Нов Зеланд до 2025 година. Министерството за здравство на земјата објасни дека додека стапките на пушење се намалени во минатата деценија, но дека треба уште многу да се работи, особено за да се намали употребата на тутун кај Маорите, пацифичките народи и оние што живеат во најсиромашните заедници.
Новозеланѓаните се повикани да дадат повратни информации за акцискиот план, кој беше официјално објавен во четвртокот. Жителите ќе имаат време до 31 мај да ги споделат своите размислувања за ова прашање пред тоа да влезе во следната фаза за да стане закон.
Речиси 4.500 Новозеланѓани умираат годишно од болести поврзани со тутунот и владата е посветена на забрзан напредок во борбата против пушењето.
Иницијативата е поздравена од некои групи, таа не помина и без критики. Некои предупредуваат дека ограничувањето на продажбата на тутун ќе ги банкротира сопствениците на продавници. Ограничувањата исто така може да поттикнат нерегулиран црн пазар за тутунските производи. Владата дури призна дека износот на шверцувани тутунски производи во земјата е значително зголемен во последните неколку години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Повеќе од 30 китови се насукаа на брегот во Нов Зеланд, повеќето беа спасени
Група од повеќе од 30 пилоти китови се спасени откако се насукаа на плажата Руакака, во близина на Вангареи, во северен Нов Зеланд, јавува Би-би-си.
Одделот за заштита на природата (DOC) соопшти дека повеќето од китовите биле вратени во морето и испливале, но три возрасни китови и еден млад кит умреле. Во текот на ноќта не е забележано повторно насукување.
Акцијата за спасување ја водеше локалната маорска група Патухаракеке, на која им се придружија властите и другите граѓани.
Насуканите китови се природен феномен кој сè уште е необјаснет, а Нов Зеланд има една од највисоките стапки на вакви настани во светот.
Членовите на групата Патухаракеке останаа на плажата во текот на ноќта за да се погрижат спасените китови повторно да не се насукаат.
Свет
Трамп воведува огромни царини за Кина, Пекинг одговори
Ниту САД, ниту Кина нема да ја добијат трговската војна, одговори кинеската амбасада во Вашингтон во понеделникот на заканата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека ќе воведе дополнителни царини од 10 отсто на сите кинески увозни производи кога ќе ја преземе функцијата на 20 јануари.
„Во врска со американските царини за Кина, Кина верува дека кинеско-американската економска и трговска соработка е заемно корисна“, рече портпаролот на кинеската амбасада Лиу Пенгју. „Никој нема да победи во трговска или тарифна војна“, рече Лиу.
Трамп рече дека ќе воведува царини додека Кина не го запре протокот на нелегални дроги, особено фентанил, во Соединетите држави. Тој го обвини Пекинг дека не прави доволно за да го запре протокот на илегална дрога што влегува во САД од Мексико.
„Додека ова не биде прекинато, ќе наплаќаме од Кина дополнителни 10 отсто царини, покрај сите дополнителни царини, за големиот број нивни производи кои доаѓаат во Соединетите држави“, рече Трамп.
Трамп претходно вети дека ќе го прекине трговскиот статус на најповолна нација на Кина и ќе воведе царини за кинескиот увоз од повеќе од 60 отсто, многу повисоки од оние воведени за време на неговиот прв мандат.
Лиу во изјавата рече дека Кина презела чекори за борба против шверцот со дрога по постигнатиот договор меѓу американскиот претседател во заминување Џо Бајден и кинескиот претседател Си Џинпинг минатата година. „Кинеската страна ја информираше американската страна за напредокот постигнат во операциите против наркотиците“, рече Лиу.
„Сето ова докажува дека идејата дека Кина свесно дозволила прекурсори на фентанил да влезат во САД е целосно спротивна на фактите и реалноста“, рече Лиу.
Главниот кинески обвинител во јуни ги повика своите службеници за спроведување на законот да се фокусираат на борбата против шверцот со дрога, додека Пекинг и Вашингтон открија ретка заедничка истрага за дрога.
Набргу по состанокот на заедничката работна група за борба против наркотици во август, Кина објави дека ќе ги заостри контролите на три хемикалии потребни за производство на фентанил.
Покрај Кина, цел на царините се Мексико и Канада, објави Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.
„На 20 јануари, во една од моите први извршни налози, ќе ги потпишам сите потребни документи за наплата на Мексико и Канада 25 отсто царина за сите производи што доаѓаат во Соединетите Држави и нивните смешни отворени граници“, објави Трамп.
Свет
Бела куќа: Бајден ќе присуствува на инаугурацијата на Трамп
Претседателот во заминување Џо Бајден и првата дама Џил Бајден ќе присуствуваат на инаугурацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп во јануари, изјави вчера портпаролот на Белата куќа.
„Претседателот вети дека ќе присуствува на инаугурацијата на кој и да победи на изборите“, рече портпаролот Ендрју Бејтс.
„Тој и првата дама ќе го испочитуваат тоа ветување и ќе присуствуваат на инаугурацијата“, рече Бејтс.
Трамп победи на изборите во САД на 5 ноември, а во Овалната соба ќе се врати на 20 јануари.
Традицијата налага претседателот во заминување и неговата прва дама да се сретнат со новата претседателска двојка утрото на Денот на инаугурацијата и да дојдат заедно во Капитол.
Републиканецот Трамп ја прекрши таа традиција и не присуствуваше на инаугурацијата на демократот Бајден во јануари 2021 година.
Трамп беше првиот претседател по Ендрју Џонсон во 1869 година кој одби да присуствува на заклетвата на неговиот наследник.