Македонија
СДСМ: Апасиев правеше сè со цел помошта за плати да не стигне до работниците

Апасиев е лажен борец за работнички права кој прима државна плата, правеше сè помошта за плати да не стигне до работниците, велат од СДСМ по вчерашното гласање во Собранието за петтиот пакет мерки.
„Левица, партијата која се декларира како левичарска и која наводно се бори за работниците, во Собранието правеше сè за да се загубат работни места и работниците да останат без плата. Апасиев со плата од најмалку 60.000 денари, кој ја добива од граѓаните, правеше сè за граѓаните погодени од корона-кризата да не можат да земат барем минимална плата за месеците февруари и март. По којзнае којпат Апасиев повторно го стави својот политички интерес и его, пред потребите на работниците. Апасиев докажа дека е лажен левичар. Тој е само човек ‘по потреба’ во Собранието, кој одработува за туѓи партиски и лични интереси“, велат од СДСМ.
Владејачката партија додава дека наместо суштински да се бори за работниците, Апасиев гледа преку маката и грбот на работниците да се дограби до политички поени и притоа, како по обичај, не нуди конкретни предлози и не учествува во работните тела на Собранието со свој придонес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Локални избори: На полноќ завршува јавниот увид во избирачкиот список

На полноќ завршува увидот во Избирачкиот список, којшто граѓаните од 23 август можат да го проверат и да поднесат барања за запишување, дополнување или бришење податоци.
Барањата се поднесуваат писмено до ДИК, по електронска пошта или преку месните канцеларии, а решенијата се носат во рок од 24 часа.
Заклучно со 9 септември, увид извршиле вкупно 5729 граѓани, од кои 3397 мажи и 2332 жени. Осум лица поднеле барање за запишување во Избирачкиот список, 136 за бришење, а 59 за промена на податоците, најчесто поради промена на адреса или презиме.
Изборната кампања за Локалните избори почнува на 29 септември, а гласањето ќе се одржи на 19 октомври.
Македонија
Променливо облачно време, попладне со пороен дожд и грмежи

Времето денес ќе биде променливо облачно, попладне нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа ќе има услови за изолирана појава на невреме со пообилен пороен дожд за кратко време (над 15л/м2) и засилен ветер (над 60км/ч).
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 26 до 32 степена.
Во Скопје, променливо облачно, попладне нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 31 степен.
Во петок ќе настапи преодно стабилизирање на времето, а во сабота ќе има изолирана појава на нестабилност. Во недела повторно на повеќе места ќе биде нестабилно со локален дожд и грмежи, наместа со поинтензивни процеси.
Македонија
Ветрот го сменил правецот од Дрисла, Скопје вечерва мириса на изгорено

Вечерва ветрот го смени правецот и дува од депонијата Дрисла во насока на Скопје поради што во делови од главниот град се чувствува силен непријатен мирис, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Соопшти дека и вечерва продолжуваат активностите за затрупување на депонијата Дрисла, а ќе бидат дополнително засилени рано наутро.
За утре се планирани и повеќе дополнителни активности на дивата депонија Вардариште, најави Ангелов.
Преходно денес беше соопштено дека пожарот на депонијата „Дрисла“ се гасне со затрупување на најкритичните делови.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека е потпален, а како причина за тоа ги наведе физичките процеси на распаѓање на отпадот, кога се ослободува метан – штетен гас кој е лесно запалив, поради што Мицкоски вели дека е доволен само еден отпушок за да се предизвика пожар.
Граѓаните од главниот град вечерва се жалат на миризбата надвор која им предизвикува отежнато дишење. Ситуацијата, според мерните станици, особено е алармантна вечерва во Аеродром и во Ново Лисиче.