Македонија
Скопјани можат онлајн да аплицираат за субвенции за чистење оџаци

Град Скопје денеска, вторник (20.4.2021 година), го објави јавниот повик за доделување субвенции на домаќинствата и на други субјекти за чистење оџаци, како една од мерките за намалување на последиците од загадувањето на воздухот. Новитет на овој повик е можноста граѓаните да аплицираат онлајн.
Со оваа мерка Градот Скопје ќе надомести дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците, во нето-износ најмногу до 1.200 денари, а за субвенции можат да достават барање физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Град Скопје.
Субвенциите важат и за исчистени оџаци од 1.1.2021 година, a јавниот повик трае заклучно со 30.11.2021 година, и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“, односно до исцрпување на средствата во износ од милион денари предвидени за оваа намена со буџетот на Град Скопје за 2021 година.
Повеќе информации за јавниот повик можете да добиете на следната интернет-врска – https://skopje.gov.mk/media/6729/javen-povik-cistenje-odzaci-2021.pdf
Целта на овој проект што Град Скопје континурано го реализира е намалување на загаденоста на амбиенталниот воздух во градот, особено со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ2,5). Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на објектите кои не се приклучени на централно греење, пред сè заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување, употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовно чистење и одржување на оџаците.
Познато е дека запуштените и неисчистени оџаци се голема опасност. Не само што загадувањето и емисијата на ПМ 10-честички е голема, туку се загрозува и безбедноста на корисниците ако не се спроведува редовно чистењето. Се препорачува оџаците да се чистат 3 пати годишно, двапати во текот на грејната сезона и еднаш кога е таа завршена.
За потсетување, Град Скопје оваа мерка ја реализираше и во 2018, 2019 и 2020 година, кога беа доделени околу 1000 субвенции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пожарот во Прилепско отежнат поради детонации – сè уште активни три пожари во земјава

На територијата на Република Северна Македонија во изминатото деноноќие биле регистрирани вкупно 28 пожари на отворен простор, од кои три сè уште се активни, пет се ставени под контрола, а дваесет се целосно изгаснати.
Активните пожари се лоцирани во планинските предели кај Нивичино, како и на потегот помеѓу неколку села во Прилепско и Кавадаречко. Во Прилепско, интервенцијата е отежната поради детонации во близина на пожарот, поради што на тој дел не се интервенира, соопшти ЦУК.
Под контрола се пожари во општините Македонски Брод, Штип, Карбинци и Македонска Каменица, каде е зафатена претежно мешана или нискостеблеста шума, како и деградирани површини со ниска вегетација.
Пожарникарските екипи и понатаму се ангажирани на терен, а властите апелираат на внимателност и одговорно однесување, особено во подрачја каде постои зголемен ризик од нови пожари.
Македонија
Управител и фирма обвинети за неправилности во производството на медицински канабис

Полицијата поднесе кривична пријава против управителот Д.К.(30) од Скопје и фирмата.
Пријавениот, како одговорно лице, по добивање на решението лани за одгледување на канабис за медицински цели, постапил спротино на одредбите од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци. Од МВР велат дека тој не се придржувал кон елаборатот за производство на канабис за медицински цели, што било констатирано при извршена контрола од страна на полициски службеници од МВР во содејство со Комисијата за оценување на исполнетоста на условите по однос на простор, опрема и кадар за одгледување на медицински канабис.
Притоа биле одземени 1.260 грама марихуана, како и исушено искршено стебло и поголем број на исушени и скршени гранчиња од растението канабис.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ по интерпелацијата на Коцевски: На Македонија и’ треба обвинителство отпорно на политичко влијание

Социјалдемократскот сојуз и ДУИ, вчера здружно застанаа на браникот да го спасат Љупчо Коцевски, на кого веќе му е изгласана интерпелација во македонското Собрание, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, сега на сите им е јасно, зошто никој од СДСМ и ДУИ не е во затвор по обвинение на Основното јавно обвинителство, а тоа е затоа што Љупчо Коцевски, како прв човек на обвинителството, наместо да го гони сторениот организиран криминал и корупција од лица на овие партии, тој се ставил во нивна заштита.
„Сламката на спасот за Коцевски е СДС и ДУИ, за после тој да продолжи да им ги спасува и штити криминалот. Со вчерашното собраниско гласање, односно негласањето на СДС и ДУИ за интерпелацијата на Коцевски, станаа јасни и други работи.
Сега веќе е јасно кој ја мати водата за трагедијата во Кочани. Истите оние кои претпладнето правеа пресови за Кочани, не беа задоволни од истрагата и обвинуваа за селективност, сега сметаат дека Коцевски добро си ја работел работата.
ДУИ и СДС се штитникот на Коцевски. Така тие си го штитат криминалот на Венко Филипче и Зоран Заев, исто како и на Али Ахмети.
Затоа и покрај јавно објавените индиции и докази за вмешаност во криминал и корупција на Филипче, Заев, на скоро цела фамилија на Амети, нема никаква истрага или постапка од обвинителството.
Сите се се уште на слобода, без никакви кривични пријави, да си ги шират бизнисите од криминално стекнатите пари.
На Македонија и треба независно и непристрасно Јавно обвинителство, отпорно на политичко влијание, кое ќе ги гони сторителите на криминал и корупција, а не обвинителство во служба и заштита на криминалот и криминалците од СДС и ДУИ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.