Македонија
Димитров за најавените вакцини од ЕУ: Благодарност до пријателска Австрија и ЕК
Откако Австрија потврди дека ЕУ планира да дистрибуира 651.000 дози вакцини на „Фајзер“ и „Бионтек“ против коронавирус во шест земји од Западен Балкан, од кои 119.000 дози се наменети за Македонија, стигна порака со благодарност од вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров.
Toj посочи дека денеска стапува на сила трипартитниот договор помеѓу Северна Македонија, Австрија и „Фајзер“/„Бионтек“ за набавка на 119.600 дози вакцини против Ковид-19.
„Им благодариме на пријателска Австрија, останатите земји членки и Европската комисија за солидарноста. Оваа помош за македонските граѓани немаше да биде возможна без несебичното залагање на австрискиот министер за надворешни работи, Александер Шаленберг и еврокомесарот Оливер Вархеји, на кои би сакал и лично да им се заблагодарам, особено имајќи го предвид предизвикот за обезбедување вакцини, како во ЕУ земјите членки, така и глобално“, нагласи Димитров.
Од Секретаријатот за европски прашања посочуваат дека оваа конкретна набавка ќе биде испорачана во четири месечни наврати, почнувајќи од првата недела во мај, кога се очекуваат околу 19.000 дози.
Европската комисија во јануари претстави план за механизам за поделба на вакцини, а Австрија потврди дека таа ќе биде координатор на помошта за Западен Балкан и дека оваа дистрибуција може да ја следат и други.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

