Македонија
МОН: Во ниту еден случај нема да дозволиме ученик да остане без учебник
Министерството за образование и наука потсетува дека, како што и беше најавено, од следната учебна година ќе се примени комбиниран начин на учење кој подразбира употреба и на печатени и на дигитални учебници, се наведува во реакцијата на МОН на прес – конференцијата на претставничката на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ Весна Кусакатска, која вели дека ќе се укинат печатените учебници.
„Имено, за учениците од прво до трето одделение и натаму ќе се обезбедуваат печатени учебници, бидејќи тоа е период во кој треба да се развие однос кон на детето кон книгата. Додека за учениците од четврто и погорните одделенија прва опција ќе бидат дигиталните учебници, имајќи предвид дека кај нив веќе се развиени вештините за примена на ИТ-технологија и електронски алатки. Но доколку по нивна волја, учениците се изјаснат дека сакаат наставата да ја следат од печатен учебник, тоа ќе биде овозможено. Додека лектирите и понатаму ќе бидат достапни само во печатена форма“, велат од МОН.
Министерството за образование и наука, додаваат од таму, во ниту еден случај нема да дозволи кој било ученик да остане без учебник независно дали е тоа електронски или печатен.
„Образованието е загарантирано право на секој ученик и ние тоа го обезбедуваме и го надградуваме. Дискриминацијата е појава во образованието за која се зборуваше во минатото, а сега веќе целосно се елиминира. Актуелната влада и Министерството за образование и наука интензивно работат на инклузивноста во образованието. Во таа насока, за првпат во учебната 2021/2022 година сите учебници ќе бидат достапни во аудиоформат и на Брајово писмо за потребите на учениците со оштетен вид. Преку новиот Закон за учебници ги бришеме нелогичностите во содржините за кои, за жал, во некои други времиња немаше реакции и со децении беа уништувани генерации на ученици“, пишува во реакцијата на МОН.
Новиот Закон за учебници, додаваат од таму, има строго утврдени правила по кои ќе се одобруваат и печатат книгите.
„Министерството за образование и наука нема да дозволи несоодветни содржини да бидат дел од материјалот кој го изучуваат ученици. Во иднина наместо дискриминирачки и омаловажувачки текстови ќе зборуваме за квалитет“, се наведува во реакцијата.
По однос на изнесувањата дека 10 проценти од учениците не се вклучени во наставата, МОН вели дека се работи за апсолутна невистина, бидејќи преку хибридниот модел на настава (со физичко присуство, онлајн настава, достава на печатени материјали и едукативни емисии на МТВ) правото на образование никому не е скратено.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката за техничка исправка на ДУП за дел од локалитетот Буњаковец 1
Советот на Општина Центар на денешната седница не ја изгласа одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“.
Сите 23 советници гласаа против донесувањето на предлог-одлуката.
,,Ние, како администрација, имаме обврска точката да ја ставиме на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пи-ар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации“, рече градоначалникот на Општина Центар. Горан Герасимовски
Претходно, Комисијата за урбанизам на Општина Центар даде позитивно мислење за предлог-одлуката.
Од оптината појаснуваат дека согласно законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, како што додаваат, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.
Македонија
„Авиончето на браќата Рајт“ отвори расправа: СДСМ ја прашува Сиљановска зошто со колегите од Европа не разговара за платите
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија реагира на изјавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во врска со потребата од нов, поголем владин авион.
Од СДСМ велат дека претседателката најчесто летала со владиниот авион -13 пати, а притоа не соопштила колку тие летови ги чинат граѓаните.
„Сите тие сакаат да се луксузираат на грбот на народот, ништо не им е доволно големо, ништо не им е доволно. Само за платите на работниците кога ќе стане збор, тие се доволни, никако да ги покачат. 600 евра минимална плата за нив е премногу, авионите им се мали“, велат од партијата.
СДСМ тврди дека лет со владиниот авион може да чини и до 40 илјади евра, и дека комерцијален лет во економска класа е значително поевтин.
„Кој претседател досега воопшто ја отворал темата за големината на авионот? Ги праша ли Гордана Сиљановска нејзините колеги претседатели што мислат за тоа што македонските работници имаат најниски плати и во Европа? Што мислат за тоа што минималната плата во Македонија е најмала во регионот? Или што животниот стандард на македонските граѓани е најнизок? За тоа не и се зборува за Сиљановска, само за луксузи и авиони“, велат од СДСМ.
Претходно денес, претседателската Гордана Сиљановска-Давкова рече дека владиниот авион е стар 25 години, купен на старо, и дека според неа треба да се размислува за набавка на нов, но поголем авион.
Говорејќи по свеченоста во Институт за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, таа во деминутив го нарече „владиното авионче“, посочувајќи дека нејзини колеги претседатели од регионот го нарекувале „авиончето на браќата Рајт“, бидејќи е најмало и најстаро.
Сиљановска-Давкова изјави дека користењето на владиниот авион понекогаш овозможува пофункционално извршување на државните обврски и дека може да биде и поевтино од комерцијалните летови. Сепак, додаде дека не е пријатно што авионот е стар 25 години и купен на старо.

