Македонија
Димитров во Литванија: Безбедноста на Западен Балкан е поврзана со безбедноста на ЕУ
По вчерашната посета на Латвија, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска во Вилнус продолжува со балтичката турнија. Посетата на Литванија, Димитров ја почна утрово со средба со премиерката Ингрида Шимоните, со која разговараше за изгледите и предизвиците за отпочнување на пристапните преговори на Северна Македонија, а беа разменети мислења за актуелните состојби во земјите од двата региони.
Соговорниците се согласија дека прашањето за отпочнување на преговорите на Северна Македонија за полноправно членство во ЕУ има силни регионални реперкусии и геополитички импликации.
„Процесот на проширување има и изразена безбедносна димензија – безбедноста и стабилноста на Западниот Балкан се интегрално поврзани со безбедноста и стабилноста на ЕУ и целиот европски континент“, рече Димитров.
Беше заеднички констатирано дека секое понатамошно неефектуирање на европската перспектива на регионот и неизвесноста на намерите на ЕУ создава вакуум којшто може да биде пополнет од други глобални актери и ја поткопува улогата на Унијата на меѓународната сцена, со што добива и безбедносни димензии.
Премиерката Шимоните потенцираше дека Литванија ќе продолжи активно да ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„ДКСК да покрене постапка против Битиќи, бара од фирмите на кои им исплаќал државна помош да гласаат за него“, вели ВМРО-ДПМНЕ
„ДКСК да покрене постапка против Битиќи, бара од фирмите на кои им исплаќал државна помош да гласаат за него, им сугерира и број на гласачко ливче. По објавениот документ од кој се гледа како Битиќи бара од компании да го поддржат затоа што им исплаќал државна помош тој требаше да се повлече од политиката“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фактот што Битиќи не само што не се повлече, туку и не се извини, говори како СДС и ДУИ ја заробија државата и како 100тина функционери управуваат со државата како да е нивен личен имот.
ДКСК не смее да чека, да отвори случај и да се отвори постапка и пред другите институции.
Злоупотребите на институциите мора да запрат. По 8ми мај ќе се стави крај ма ваквите практики, а таквите како Битиќи ќе се соочат со одговорност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи
Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи, особено во источните делови. Локално процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 14 до 22 степени.
Во Скопје променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме со засилен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, освен во недела кога ќе биде претежно стабилно и потопло. Во сабота ќе дува засилен северен ветер.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.