Македонија
Мојсовски: Три милиони евра за непречено спроведување на активностите на спортистите

Три милиони евра доделува Владата за непречено спроведување на активностите на спортските федерации, клубови и индивидуални спортисти во услови на Ковид-19, сооошти директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.
Тој денеска на прес-конференција зборуваше за континуираното вложување и обезбедување услови за квалитетни спортски можности од страна на АМС и Владата.
„Вкупно 184,5 милиони денари, односно 3 милиони евра, ќе се насочат кон спортските субјекти на кои им е издаден ваучер. 666 спортски субјекти, 60 федерации и 173 спортисти досега добиле спортски ваучер. Со оваа владина одлука, усвоена на 65-тата седница, на наменските сметки на спортските субјекти на кои им се издадени ваучери за 2021 година, ќе им бидат уплатени најмногу до 30 проценти од вредноста на издадениот ваучер како еднократна финансиска помош, утврдена во официјалната листа на спортски субјекти кои се објавени на веб-страницата на Агенцијата за млади и спорт“, рече Мојсоски.
Управата за јавни приходи до Агенцијата за млади и спорт ќе достави листа на спортски субјекти кои се корисници на спортскиот ваучер и кои имаат поднесено и одобрено барање за даночно ослободување за донирање финансиски средства на спортски субјекти.
Веднаш потоа, Агенцијата за млади и спорт ќе изврши евалуација на листата и до УЈП ќе достави листа на спортски субјекти и износ за користење на остатокот од ваучерот кој им издаден за 2021 година, по што конечната листа ќе биде доставена до Генералниот секретаријат на Владата и ќе следува исплатата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Корумпираната држава ни ги украде децата“, потресни сцени на маршот во Кочани

Родителите, семејствата и пријателите на младите кои трагично ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“ повторно одржаа марш во Кочани. Повторно се гледаа солзи, тишина и болка, а поворката ја следеа фотографии на загинатите кои нивните родители ги носеа во рацете.
„Корумпираната држава ни ги украде децата. Корупцијата ни го одреди местото каде да ги славиме нивните родендени – на гробиштата. Ни го украдоа сонот, ни ја скратија иднината, а болката ја претворија во наша секојдневна реалност. Бараме правда за нашите деца, бараме крај на корупцијата“, пишуваше на еден од транспарентите.
Слична порака се појави и на друг транспарент: „Моето дете умре, беше убиено од систем кој не штити, туку убива.“
Особено емотивен момент предизвика Мита Тасева, мајката на загинатиот диџеј Стефан Тасевски, чиј роденден се совпадна со маршот.
„Денес небото одекнува од твојата музика, синко наш. Слави го роденденот со ангелите“, порача таа, оставајќи длабока тишина меѓу присутните.
„Ние, родителите, скапо го плативме данокот на корупцијата“, стоеше напишано до фотографиите на младите кои повеќе не се меѓу живите.
Овој марш уште еднаш ја отвори болната тема за безбедноста, одговорноста на институциите и вечната битка на родителите – правдата за своите деца.
Македонија
Сајкоски: Собранието е дом на граѓаните, законот за финансирање донесе нова поддршка

На денешниот Саем-Отчет „4 години работа за тебе“ учествуваше генералниот секретар и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, кој порача дека Собранието останува клучен претставнички дом на граѓаните и преку носење квалитетни закони работи за подобрување на нивниот живот.
„Собранието претставува претставнички дом на граѓаните и со самото тоа се труди најмногу да врати на граѓаните преку носење на квалитетни закони, подобрување на законите и сè она што во делот на локалната самоуправа треба да се направи, за да се подобри таа легислатива“, изјави Сајкоски.
Тој посочи дека изминатата година биле донесени суштински закони кои овозможиле на општините дополнителни средства за реализација на значајни проекти. Како пример го наведе законот за финансирање на локалната самоуправа, преку кој општините добиле повеќе средства за развој.
„Собранието донесе и закон за заем со кој се овозможија средства на секоја општина, што до сега не било. Вкупно 80 општини добија поддршка од Владата за да реализираат проекти. Овие проекти што сега се спроведуваат се суштински и неопходни за граѓаните“, истакна Сајкоски.
Македонија
Гори депонија кај Ново Село, под контрола пожарот во „Јасен“, осум се изгаснати

На територијата на Македонија до 18:00 часот се регистрирани вкупно десет пожари на отворен простор, од кои еден сè уште е активен, еден е ставен под контрола, а осум се целосно изгаснати, соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Најтешка е состојбата во општина Ново Село, каде што пожарот кој зафатил депонија и сува трева кај селото Колешино сè уште гори и ги мобилизира екипите на терен. Додека таму битката продолжува, во Македонски Брод, во повеќенаменското подрачје „Јасен“, огнената стихија што зафати мешана шума е ставена под контрола, но пожарникарите и шумската полиција и натаму внимателно го следат теренот за да спречат повторно разгорување.
Останатите осум пожари кои денеска предизвикаа сериозни грижи се целосно изгаснати. Во Илинден, кај клучката Инџиково, беше запалено ѓубре на обиколницата, додека во Студеничани и во селото Подвис во општина Кривогаштани огнот зафати сува трева. Слична слика имаше и кај селата Турново и Секирник во општина Босилово, каде што беше зафатена депонија и тревна површина. Во Струга, пак, пожарот во селото Дрслајца, каде што гореше ѓубре, е изгаснат со брза интервенција на екипите.
И во Кичево, кај селото Цер, беше забележан пожар во ѓубре, додека во Куманово, на локацијата Пчињски Пат, огнот зафати сува трева, дрва и дури четири моторни возила на еден авто плац. Во општина Липково, кај селото Ваксинце, беше запалено стрниште, но пожарот таму е ставен под целосна контрола.
Според ЦУК, иако голем дел од пожарите се изгаснати, вниманието останува на теренот, особено во Колешино, каде што пламениците и натаму се шират.