Македонија
Вишите јавни обвинители дадоа заклетва пред членовите на Советот
Новоизбраните јавни обвинители во Вишото јавно обвинителство Скопје, Фатиме Фетаи, Наум Пановски, Сашо Рајчев, Бурим Рустеми и Снежана Бундалевска-Георгиева, дадоа заклетва пред членовите на Советот на јавните обвинители.
Тие беа избрани на седницата на Советот, што се одржа на 22 април.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Крмов: Покачување на пензиите, намалување на годините за пензионирање – 60 години за жени, 62 за мажи
На денешниот протест на пензионерите во Штип, даде поддршка и Носителот на ИЕ3, пратеникот Борислав Крмов.
Крмов првенствено ја посочи незавидната ситуација во која се наоѓаат македонските пензионери.
,,Имаме тука ситуација да таа додатна помош од социјалата којашто ја добиваат, сега, всушност, им е скратена. Власта се фали дека наводно им помогнала.
Пензионерите јасно и гласно кажаа: значи, покачување линеарно на сите од 3500 денари до 5000 денари! Минимална пензија од 18.000, дури и 20.000 денари. Они живеат со 12.000 ден. И сега на тие 12.000 земале по 2000 – 3000 ден. од социјалата како допуна, како помош и сега тоа е скратено на пола! Замислете, тие пензионери со тие примања немаат ни за храна! Нив, нивните деца им плаќаат сметки и храна, за да преживеат.
Јас и како пратеник во ИЕ3 имав апсолутна поддршка за пензионерите за сите нивни барања”.
Левица во својата програма има мерки за подобрување на квалитетот на живот на пензионерите.
,,Според Програмата на Левица, минималната пензија е две – третини од просечната плата; државни пензионерски домови за пензионерите и намалување на годините за пензионирање 60 години – за жени и 62 години – за мажи”, потенцираше пратеникот Крмов.
Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Џезот е дел од македонската музичка традиција, џезерите се наша гордост
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска го честита Светскиот ден на џезот, со почит и благодарност кон основоположниците на овој жанр, на сегашната генерација џезери и на сите љубители на џез-музиката.
„Џезот е составен дел од нашата музичка традиција, а нашите музичари се гордост по која сме препознаени и кои со својот креативен израз ја афирмираат нашата земја на регионалната и светската сцена“, истакнува Костадиновска-Стојчевска.
Таа додава дека наша заедничка цел е да ги зачуваме талентираните џез-музичари дома, да им овозможиме траен и одржлив ангажман, да им создадеме услови за нивна промоција и за негување на џез-културата низ целата држава.
„Затоа, чест ми е што со наша искрена поддршка, џез-музичарите, со своето активно дејствување и уметничка страст, се изборија за основање на Национален џез-оркестар“, вели министерката за култура, потенцирајќи дека бројната публика на нивните концерти, но и на традиционалната прослава по повод Светскиот ден на џезот, потврдува дека македонската култура е интегрален дел од интернационалното џез-семејство, кое ја слави моќта на слободниот израз, различностите, отвореноста и мултикултурализмот.
Македонија
„Ќе ги разгледаме ставовите на маса“ – Меџити и Мицкоски се’ уште не разговарале за уставните измени
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и лидерот на Демократското движење и носител на листата за пратеници во првата изборна единица од коалицијата Влен, Изет Меџити, се уште не разговарале за уставните измени, иако веќе се зборува за можноста да бидат коалициони партнери ако ВМРО-ДПМНЕ победи на парламентарните избори.
Дали уставните измени би можеле да бидат препрека да се реализираат овие планови? Меџити денес не даде конкретен одговор на ова прашање.
„И порано и сега велиме дека сме заинтересирани да бидеме фактор за Влада која ќе биде европски ориентирана. За нас е тоа приоритет, но сега сме фокусирани на кампањата, програмата. Кога ќе седнеме ќе ги разговараме ставовите на маса“, рече Меџити.
Прашан од новинарите кој ќе биде нивниот став, Меџити додаде: „Нашиот став е јасен. Нема дилема на Влен за ставот за евроинтеграциите“.
И првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, вчера изјави дека не се водени разговори со Влен, на тема уставни измени. Мицкоски во интервју за „360 степени“ повтори дека измени на Уставот – не прифаќаат. Рече и дека пораката од народот е дека досегашната влада треба да оди во опозиција, а на коалицијата Влен треба да ѝ се даде шанса.
„Не може една политичка партија да биде континуирано повеќе од 20 години малку со едната, малку со другата партија и така цело време да манипулира со граѓаните и со гласачите. Цениме дека треба да се даде шанса на опозицијата бидејќи јасна е пораката“, рече Мицкоски.
ДУИ упати обвинување до ВМРО-ДПМНЕ дека договара коалиција без да го почека резултатот од изборите, порачувајќи дека волјата на народот треба да се почитува, но и дека без нивните пратеници нова Влада нема да се формира.