Македонија
Османи во дипломатска офанзива: писма до 50 пратеници во Европскиот парламент
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, како дел од засилената дипломатска активност, а во контекст на европските интеграции на земјата, испрати писма до повеќе политички центри во рамките на ЕУ: министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ; претседателите на политичките групи во Европскиот парламент; членовите на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент – АФЕТ, како и до пратениците од ЕП, кои се дел од неформалната група на пријатели на Република Северна Македонија; како и до други претставници на институциите на ЕУ.
„Оваа година се одбележуваат 20 години од потпишувањето на до0говорот за стабилизација и асоцијација меѓу Северна Македонија и ЕУ и 16 години по добивањето статус на земја кандидат. Историската одлука од март минатата година – ЕУ да ги отвори преговорите за пристапување на Северна Македонија – дојде како резултат на значајните достигнувања во реформите и храбрите одлуки што раководството и граѓаните на Северна Македонија ги донесоа како потврда на стратешката насока што ја избравме. Историскиот договор од Преспа со Грција и договорот за пријателство со Бугарија беа главната одредница и иницијална каписла што ги отвори вратите за европската иднина на Северна Македонија, но истовремено дадоа поттик и за сите земји од Западен Балкан“, наведува Османи во писмата.
Понатаму, Османи пишува: „Усвојувањето на преговарачката рамка и свикувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија стана силна симболична точка кон која се вперени сите погледи на нашите граѓани и целиот регион, што ги издигнува до ниво на тест на кредибилитетот на ЕУ во однос на целиот Западен Балкан. Затоа, почнувањето на овој реформски фокусиран, методичен и навидум технички процес ќе испрати силен охрабрувачки сигнал до нашето општество и во целиот регион, истовремено зачувувајќи ја строгата условеност воведена со новата методологија, која воведува посилен политички надзор од страна на земјите членки и реверзибилност на процесот“.
Како што информираат од МНР, шефот на дипломатијата во периодот настапува со засилен ангажман и интензивна динамика, која се гледа не само преку многуте посети на главните метрополи на Европската Унија туку и преку други многубројни иницијативи користејќи ги сите можности за презентација на нашата приказна.
„Османи има јасна цел: Европскиот Ссвет во јуни, конечно, да ја материјализира одлуката за почеток на преговорите од март минатата година преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција. Писмата испратени се надополнуваат во дипломатската офанзива на министерот Османи“, се наведува во соопштението Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

