Регион
Mлад Словенец нарачал оружје преку интернет, планирал масакр врз своите врсници затоа што го исмевале
Дваесетгодишно момче од околината на Крањ е приведено под сомнение дека поради одмазда, подготвувало напад со оружје што го нарачал од САД преку темната мрежа, а требало да дојде на неговата адреса во пакет скриен во микробранова печка, потврди словенечката полиција.
Полицијата во соопштението објави дека во соработка на словенечките и американските безбедносни органи е спречено реализирање на планирани убиства со оружје, без да се соопштат детали.
Оружјето е одземено во САД од страна на Американската служба за домашна безбедност, со што е спречен потенцијален напад со пукање во Словенија, потврди полициската управа на Крањ на прес-конференција во попладневните часови.
Без откривање на идентитетот на осомничениот, полицијата изјавила дека станува збор за лице што досега не било во кривична или прекршочна постапка. Во интерес на понатамошната истрага таа не сакаше да ги потврди тврдењата на медиумите дека станува збор за возрасно лице од областа Крањ по шпекулациите во печатот дека лицето подготвувало убивање со пукање слично на оние што често се случуваат во САД.
[PREPREČILI NAČRTOVANE UMORE] Slovenska Policija je v sodelovanju z ameriškimi varnostnimi organi preprečila množičen…
Posted by Slovenska policija / The Slovenian police on Wednesday, 28 April 2021
Американската служба за домашна безбедност открила пиштол „глок“ и автоматско офанзивно оружје „ремингтон“ со придружни видови муниција во пакетот испратен во Словенија и ги известила словенечките безбедносни органи, кои потоа реагирале. Сè се случи во април годинава, беше наведено на прес-конференција во полициската администрација во Крањ.
Според „24ур“, осомничениот планирал масакр во неколку јавни институции.
Тој имал точен список на локации и имиња на луѓе што сакал да ги убие. Според словенечките медиуми, мотивот бил одмазда. Тој планирал да убие неколку колеги со кои одел во основно училиште, како и неколку вработени во училиштето затоа што го исмевале.
Сите на списокот сега се под полициска заштита.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

