Свет
На Австралијците кои престојуваат во Индија забрането им е да се вратат дома
Австралијците кои престојувале во Индија последните две недели, каде беснее епидемија на коронавирус, ќе добијат парична или затворска казна доколку се вратат дома.
Правилата кои забрануваат влез во Австралија за патниците од Индија – вклучително и австралиски државјани – стапуваат на сила од понеделник.
Австралискиот министер за здравство, Грег Хант, доцна во петокот објави дека секој што ќе се обиде да ги заобиколи новите правила, ќе добие парична казна од над 50.000 долари, пет години затвор или и двете, објави австралискиот „Асошиејтед прес“.
Околу 9.000 Австралијци во Индија пријавиле дека сакаат да се вратат, пишува ААП.
Министерот за здравство се повика на овластувањата според Законот за биосигурност по воведувањето на новите мерки. Станува збор за истиот закон што беше основа за затворање на границите, пишува „Гардијан“.
Австралискиот министер за финансии, Џош Фриденберг, ги отфрли критиките дека е неодговорно да ги остави Австралијците во Индија, во момент кога земјата се соочува со глобално рекордни бројки на новозаразени, висок степен на смртност и недостаток на медицинска опрема, вклучително и кислород.
„Презедовме драстични активности за да се осигури безбедноста на Австралијците, а она што го гледаме во Индија е многу сериозна состојба и медицинскиот совет што и е даден на владата е да се воведат овие мерки“, изјави Фриденберг.
„Постапувавме по медицински совет“, рече тој.
Директорката на „Хјуман рајтс воч“ во Австралија, Елејн Пирсон, за ААП изјави дека одговорот на владата за ситуацијата во Индија е „срамен“.
„Австралијците имаат право да се вратат во својата земја“, рече таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД и Русија преговараат за продолжување на нуклеарниот договор
Соединетите Американски Држави и Русија се приближуваат до договор за продолжување на почитувањето на ограничувањата од нуклеарниот договор Нов СТАРТ и по неговото истекување, објави Аксиос, повикувајќи се на извори запознаени со преговорите.
Разговорите се воделе во Абу Даби во изминатите 24 часа, но засега не е постигнат конечен договор. Белата куќа не го коментираше извештајот. Во меѓувреме, американската војска соопшти дека САД и Русија се согласиле да го продолжат воениот дијалог на високо ниво.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија останува подготвена за дијалог со Вашингтон доколку има „конструктивен одговор“ на предлогот на Москва за продолжување на ограничувањата од договорот Нов СТАРТ. Договорот, потпишан во 2010 година, веќе еднаш беше продолжен за пет години, а секое ново продолжување бара посебна извршна одлука.
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе одлучи за следните чекори поврзани со контролата на нуклеарното вооружување, а истовремено изрази желба Кина да се вклучи во идни договори, што Пекинг досега го одбива.
Американската војска оцени дека одржувањето на воениот дијалог е важно за глобалната стабилност и деескалација, нагласувајќи дека повторното воспоставување на комуникацијата доаѓа по средбите на високи воени претставници во Абу Даби.
Регион
Словенија најавува забрана за социјални мрежи за деца под 15 години
Словенечката влада усвои насоки за измени на законот со кои би се ограничило користењето на социјалните мрежи за деца помлади од 15 години, пренесе словенечката агенција СТА.
Вицепремиерот Матеј Арчон изјави дека иницијативата е подготвена од Министерството за образование, а пред усвојување на законските измени ќе треба да се изјасни и Министерството за дигитална трансформација. Тој појасни дека мерките имаат цел да ги спречат негативните влијанија на социјалните мрежи врз децата и адолесцентите, по примерот на други држави.
Владата најавува регулирање и ограничување на користењето на мрежи како ТикТок и Снепчет, при што насоките дополнително ќе бидат доработени од стручната јавност и ќе се подготви соодветна законска рамка.
Ограничувањата се дел од поширок европски и светски тренд, откако Австралија воведе забрана за пристап до социјални мрежи за лица под 16 години, а слични чекори најавија и Франција, Данска, Грција, Шпанија и Португалија. Европскиот парламент претходно побара воведување старосна граница од 16 години, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави можност за воведување вакви ограничувања и на ниво на ЕУ.
Свет
Трамп на Молитвениот појадок: Веројатно ќе одам во рајот
Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес изјави дека верува оти „веројатно ќе одам во рајот“.
„Навистина мислам дека ќе стигнам таму. Не сум совршен кандидат, но направив многу добро за совршени луѓе“, рече Трамп за време на говорот на Молитвениот појадок во хотелот „Вашингтон Хилтон“, објави CNN.
На настан на кој присуствуваа неколку членови на Претставничкиот дом и Сенатот, Трамп рече дека „сè уште се шегува“ за своето „патување во рајот“.
Тој тврдеше дека често избира да биде „саркастичен“ кога комуницира со медиумите, велејќи дека се обидува да се потсмева на начинот на кој се пренесуваат неговите изјави.
Трамп го нарече републиканскиот претставник од Кентаки, Томас Маси, кој се спротивставува на некои од клучните законски предлози на Трамп, „кретен“, додавајќи дека Маси би гласал против речиси секој закон што ќе биде донесен во Претставничкиот дом.
„Тој автоматски вели „не“ без разлика што е. Нешто не е во ред со него“, вели Трамп, пренесува медиумот.
Прославата по повод Молитвениот појадок за прв пат се одржа во 1953 година, а претходно вклучуваше појадок и посебен настан во Конгресот, додека оваа година се слави заедно со членовите на Сенатот со цел да се продолжи „традицијата на единствена молитва“, пренесува Танјуг.

