Македонија
АВМУ: Пандемијата на Ковид-19 негативно се одразува врз економското работење на медиумите

Под покровителство на Обединетите нации, денеска се одбележува Светскиот ден на слобода на печатот, чија тема „Информацијата како јавно добро“ има за цел да ја афирмира важноста на ова прашање и да укаже на неопходноста од зајакнување на новинарството.
Годинава, како клучни се издвоени три поттеми: обезбедување економска одржливост на медиумите, креирање механизми за обезбедување транспарентност на интернет-компаниите и унапредување на капацитетите за медиумска и информативна писменост кои им овозможуваат на граѓаните да го препознаат, вреднуваат и заштитат новинарството како витален дел од информацијата како јавно добро.
Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги наведуваат дека актуелната пандемија на Ковид-19 негативно се одразува врз економското работење на медиумите и медиумскиот плурализам и придонесува за глобална појава на „инфодемија, поради што сега повеќе од било кога е потребно да се одржи и заштити независноста на медиумите и да се промовира известување базирано на факти кое е клучно за јавното добро на глобално ниво.
Истовремено, велат од АВМУ, денешниот ден, 3 мај, е потсетник за владите дека мора да се придржуваат кон преземените обврски за заштита на независноста на медиумите од напади, почитување на фундаменталните принципи на слобода на медиумите и на правото на слободата на изразување, содржано во Европската конвенција за човекови права, на чие почитување е обврзана и нашата држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.