Свет
Г7 во Лондон: Конечно повторно на иста маса
Состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 – Велика Британија, Франција, Германија, Италија, САД, Канада и Јапонија, кои се собраа на едно место за првпат во последните две години, продолжува денес во Лондон, а ќе биде дискутирано за новите начини да се одбрани меѓународното право.
Дискусиите за кризата во Мјанмар, како и за односите со Русија, Кина и Иран, ќе ги води британскиот министер за надворешни работи, Доминик Раб, кој оцени дека собирот е добра можност да се разговара за заедничките предизвици и растечките закани, пренесува Би-би-си.
За време на вчерашната средба на министерот за надворешни работи на Велика Британија, Доминик Раб, и на САД, Ентони Блинкен, беше наведено дека е потребно зајакнување на глобалниот сојуз на слободарските земји, дека Кина да не треба да биде запрена, но дека Пекинг мора да прифати да ги почитува правилата.
На денешните состаноци ќе се разговара за ситуацијата во Мјанмар и преземање на поодлучни мерки против воената хунта, кои вклучуваат поостри санкции, поддршка за спроведување на ембаргото за оружје и поголема хуманитарна помош.
Во вториот дел од денешните дискусии, темите ќе бидат Русија и прашањата како да се одговори на распоредувањето на руски трупи по должина на границата со Украина и третманот на опозицискиот лидер Алексеј Навални.
Доминик Раб претходно објави дека Г7 треба да размисли за воспоставување заедничка служба за борба против руската дезинформација и пропаганда.
Како дел од продлабочувањето на односите на Велика Британија со земјите од Индо-пацифичкиот Регион, официјалните претставници на Индија, Австралија и Јужна Кореја беа поканети да присуствуваат како гости на тридневниот самит.
„Британското претседателство со самитот Г7 е можност да се соберат претставници на отворени, демократски општества и да покажат единство во време кога треба заедно да се соочиме со предизвици и растечки закани“, рече Доминик Раб, пренесува „Ројтерс“.
Велика Британија, која е ротирачки претседател на Г7, смета дека оваа недела е шанса да се потврди влијанието на Западот и да се решат прашања како што се закрепнување од коронавирусот, климатските промени и односите со Кина и Русија, пренесува „Ројтерс“.
Раб и Блинкен исто така треба да ги постават темелите за првото планирано патување на американскиот претседател Џо Бајден во странство од стапувањето на должноста. Во тој контекст, „Ројтерс“ забележува дека самитот на лидерите на Г7, што се одржува во јуни во Велика Британија, треба да ја оживее соработката меѓу тие традиционални сојузници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Обилни дождови во Бразил: Најмалку 14 загинати, 440 раселени
Најмалку 14 лица загинале, а 440 се раселени откако обилни дождови го погодиле југоисточниот бразилски град Жуис де Фора, соопштија локалните власти.
Дождовите предизвикале поплави и свлечишта, а наставата во општинските училишта е прекината. Властите мобилизирале специјализирани тимови за помош и потрага по исчезнати лица. Градот, кој се наоѓа во сојузната држава Минас Жераис, прогласил состојба на катастрофа.
Локалните власти наведуваат дека ова е најврнежливиот февруари во историјата на градот, со двојно повеќе врнежи од очекуваното. Националниот институт за метеорологија издал предупредувања за обилни дождови во делови од 14 сојузни држави, вклучително и Рио де Женеиро.
Свет
Трамп сака до Денот на независноста да ја запре војната во Украина
Американскиот претседател, Доналд Трамп, се обидува да постигне договор за прекин на војната во Украина пред 4 јули, кога ќе биде домаќин на одбележувањето на 250-годишнината од американската независност, пренесува „Блумберг“, повикувајќи се на високи американски функционери.
За време на претседателската кампања, Трамп повеќепати ветуваше дека ќе ја заврши војната во рок од 24 часа по преземањето на функцијата. Сепак, околу 400 дена по почетокот на неговиот втор мандат, тристраните разговори не довеле до договор.
Трамп сега, според „Блумберг“, има цел војната да заврши во рок од четири месеци. Но, Кремљ денеска, на четвртата годишнина од почетокот на војната, порача дека борбите ќе продолжат сè додека не се остварат руските цели во Украина.
Свет
ОН ги повикаа САД да го подмират долгот од над четири милијарди долари
Претседателката на Генералното собрание на Обединетите нации, Аналена Бербок, ги повика САД целосно и навреме да ја подмират својата членарина кон светската организација, откако Вашингтон уплатил само дел од долгот.
Како што пренесе „Ројтерс“, САД уплатиле околу 160 милиони долари од вкупниот долг од повеќе од четири милијарди долари кон Обединети нации.
Генералниот секретар на ОН предупредил дека организацијата се соочува со „многу скор финансиски колапс“ поради неплатени членарини.
Баербок изјави дека „секојa земја членка мора да го плати својот придонес во целост и навреме“, додавајќи дека 160 милиони долари „очигледно не е целосниот износ“.
Минатата недела, американскиот претседател, Доналд Трамп, беше домаќин на состанок на својот „Одбор за мир“, иницијатива за која дел од експертите сметаат дека може да ги поткопа ОН. Баербок посочи дека за прашањата на мир и безбедност постои легитимно тело, односно Обединетите нации.

