Македонија
Симоновски: Неопходно беше да се купи специјализираното возило – противпожарна скала
Специјализираното возило – противпожарна скала е возило кое спасува животи зашто овозможува безбедно евакуирање на сите што живеат во објекти од пет кат па нагоре, а кои неретко остануваат заробени во своите домови кога пожар ќе избие на пониските катови од повисоките згради, рече на денешната прес-конференција командантот на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, Владимир Симоновски.
„Неопходно беше да се купи ваква скала, тоа се провлекува веќе 10 години и е ставена во јавни набавки од 2010 година, па наваму. Дојде време бригадата да се модернизира и да ја добие скалата во текот на овој месец или на почетокот на јуни. Противпожарната скала е купена по наши препораки, како стручни лица, направена е анализа на територијата на Град Скопје, направени се испитувања на терен за потребите на градот, но и во делот каде што се соочуваме со секојдневни проблеми поради урбанизацијата на градот за да можеме пристапните улици да ги користиме за скалата. Можевме да купиме и поголема скала, но таа немаше да има функција. Според функционалната анализа, оваа скала е најсоодветна за градот Скопје“, рече Симоновски.
Станува збор за набавка спроведена на меѓународен тендер кој траел 6 месеци. Притоа, велат од Град Скопје, се имаше предвид дека ваква опрема произведуваат само двајца производители во Европа, Розенберг од Австрија и Магирус од Германија. Во оваа набавка е предвидено одржување на возилото во период од 5 години. За набавката на ова возило се предвидени 1,4 милиони евра без ДДВ или 1,7 милиони евра со ДДВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За една недела „пајакот“ кренал 97 возила во Центар
ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 24.11. до 30.11.2025 година, со помош на специјалните возила „пајак“ отстранија 97 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
„За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ и СВР Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот“, велат од ПОЦ.
Македонија
ЕУ го поздрави напредокот на Северна Македонија и најави поддршка за реформите и Планот за раст
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, во рамки на работната посета на Брисел, утрово оствари средба со Ана-Марија Бура, главен советник за надворешна политика во кабинетот на Претседателот на Европскиот совет, задолжена за координација на надворешните политики и агендата за надворешни работи на ЕУ. На средбата беа разменети мислења за актуелната состојба и динамиката на процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, како и на пошироките геополитички околности и улогата на политиката на проширување во одржувањето на стабилноста и просперитетот во регионот.
Министерот Муртезани ја истакна заложбата на Владата за целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, вклучително и во контекст на руската воена агресија врз Украина, како потврда на стратешката определба на земјата за членство во ЕУ и нејзината улога како доверлив партнер. Тој се осврна и на напредокот во реализацијата на Реформската агенда и Планот за раст, како и на имплементацијата на патоказите за јавна администрација, владеење на правото, малцинства и странски инвестиции, кои претставуваат основа за продолжување на пристапниот процес и искористување на финансиските инструменти на Унијата.
Бура го поздрави напредокот на Северна Македонија во исполнувањето на обврските од процесот на пристапување и беше изразена подготвеност за натамошна поддршка од страна на институциите на ЕУ во спроведувањето на реформите и користењето на можностите што ги нуди новиот План за раст за Западен Балкан. Двете страни се согласија дека континуираниот политички дијалог и конструктивниот пристап се клучни за одржување на позитивната динамика и за забрзување на европската интеграција на Северна Македонија.
Македонија
Пазарниот инспекторат со засилени контроли во угостителските објекти во пресрет на празниците
Државниот пазарен инспекторат најави засилени инспекциски надзори во угостителските објекти во пресрет на претстојните празници и зголемениот број прослави. Целта, како што наведуваат, е спречување на нерегуларности во работењето и поголема заштита на гостите.
Од инспекторатот апелираат угостителите совесно да ги почитуваат законските обврски, особено одредбите за дозволениот број гости, работното време, законот за заштита од пушење и сите други регулативи што се однесуваат на нивната дејност.
Инспекторатот најавува соодветни мерки и санкции за сите кои нема да ги почитуваат законските правила.
Граѓаните се повикуваат сите неправилности да ги пријават на телефонскиот број 191 или преку веб-страницата www.dpi.gov.mk.
.

