Регион
Истражување на „Глобсек“: Црна Гора е најруската членка на НАТО, две третини од Македонците се приврзани кон Русија
Црна Гора е земја која е најмногу проруски ориентирана од сите членки на НАТО, покажа истражувањето на институтот „Глобсек“ од Братислава.
Студијата се занимава со влијанието на Русија врз земјите од Централна и Источна Европа и Западен Балкан. Резултатите од извештајот се базираат на анкети на јавното мислење, а анкетирано е населението на Македонија, Бугарија, Чешка, Унгарија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија и Словачка.
Граѓаните на Македонија имаат многу мала перцепција дека Русија е закана. По Србија, Северна Македонија најмногу верува дека Русија е најсилната светска велесила, додека две третини од населението негува чувство на поврзаност со Русија преку словенското братство. Една третина од граѓаните сметаат дека НАТО е одговорен за докажување на Русија и дека Западот неправедно ја обвинува Русија за разни дела, се наведува во истражувањето.
Црна Гора е земја која е најмногу проруски ориентирана од сите членки на НАТО, покажа истражувањето. Според истражувањето, мнозинството граѓани на Црна Гора сметаат дека Русија е братска земја, поради што ја прифаќаат реториката што ја претставува Русија како жртва.
Според наодите на „Глобсек“, поддршката на Црна Гора за Запад е 35 проценти, додека 25 проценти од испитаниците се ориентирани кон Исток, што е убедливо најголем процент од сите земји опфатени со истражувањето.
Младите во Македонија, како и нивните врсници од Црна Гора, Србија и Унгарија, честопати ја гледаат Русија како стратешки партнер.
„Објаснувањето е веројатно во фактот дека тие (младите) се родени значително по завршувањето на комунизмот, поради што тие почесто стануваат жртви на проруската и антизападната политика. Граѓаните на Црна Гора, 38 проценти од нив, веруваат дека Русија е најважниот стратешки партнер. Од сите девет земји во кои беше спроведено истражувањето, 59 проценти од граѓаните на Србија ја гледаат Русија како доминантен партнер“, се вели во извештајот на „Глобсек“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

