Македонија
Нов зелен сквер кај „Млин Балкан“ во Центар

Нов зелен сквер е отворен кај поликлиниката „Идадија“, во центарот на Скопје.
На локацијата кај „Млин Балкан“ целосно се преуредени површините на предниот и на задниот парк. Делот на паркот кој е лоциран пред амбулантата е уреден за да се искористи како место за одмор, а задниот парк е детско игралиште.
„Овој проект го водевме според интересите на граѓаните и анкетите што ги спроведовме, какви простори тие сакаат во нивната микросредина со цел просторот да го прилагодиме на нивните потреби. Како што може да видите, она што беше сериозно руинирано место сега е едно пријатно катче кое очекувам граѓаните да го користат според нивните потреби зашто е направено на нивно барање“, рече градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.
Станува збор за редизајн на постојна зелена површина од 585 квадратни метри околу поликлиниката „Идадија“.
Инвестицијата на Град Скопје за овој проект изнесува околу 2,6 милиони денари, а локацијата е избрана од страна на граѓаните во рамките на Иницијативата на Скопје Лаб и УНДП која започна во 2018 година.
Шилегов најави реконструкција на улицата Митрополит Теодосиј Гологанов, на потегот од раскрсницата со булеварот Климент Охридски до кружниот тек кај Католичката црква.
„Постапката е веќе започната и очекувам летово да почнеме со работа, според оние стандарди што веќе ги внесовме, со велосипедски патеки, со ново зеленило, обнова на тротоарите и обнова на коловозот, така што во текот на ова лето овој простор во срцето на нашиот град ќе добие сосема нов изглед“, најави Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Хуманост на дело: Клиника Жан Митрев успешно ја реализира традиционалната крводарителска акција

Во духот на солидарноста и хуманоста, Клиника Жан Митрев заедно со Blood Bank TENK, Институтот за трансфузиона медицина и волонтерите на Црвениот крст, успешно ја реализираше традиционалната крводарителска акција, која се одржува согласно потпишаниот Меморандум за соработка.
Оваа година, акцијата се одвиваше под слоганот: „Дарувај крв, дај надеж“, а воедно го одбележа и Меѓународниот ден на крводарувањето – 14 Јуни. Во акцијата активно учествуваа вработените на Клиниката, како медицинскиот, така и немедицинскиот персонал, кои уште еднаш докажаа дека дарувањето крв е најчистиот израз на човечност, емпатија и грижа за другите.
„Со заедничка цел, да помогнеме таму каде што е најпотребно, повторно покажавме дека хуманоста не познава граници. Ова не е само акција, туку дел од нашата мисија и вредности кои ги негуваме секојдневно,“ – истакнуваат од Клиника Жан Митрев.
Со секоја дарувана доза крв се спасуваат животи. Токму затоа, оваа акција претставува важен придонес во поддршка на здравствениот систем и пациентите кои се во критична потреба.
Клиника Жан Митрев останува посветена на овој тип на општествено одговорни активности, продолжувајќи да биде двигател на хуманоста и солидарноста.
ПР
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патниот правец Маврово – Дебар

Од 15:05 часот сообраќајот на регионалниот пат Р-1202, Маврово – Дебар, кај местото викано „Ростушко анче“ е нормализиран, извести АМСМ.
Претходно поради незгода, сообраќајот на патот беше во целосен прекин.
Македонија
Украл накит, часовници, компјутери, пари и други предмети во вредност од 296.000 денари од куќа во Скопје, побаран притвор

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице поради основано сомнение дека извршило кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 23-годишник, на 02.01.2024 година, провалил во куќа на улицата „Востаничка“ во Скопје, така што со помош на пластична маса се качил на балконот од првиот кат на куќата и насилно го отворил прозорецот. Потоа пребарувал низ собите и одзел накит, шест рачни часовници, два лаптоп компјутери, други вредни предмети и парични средства во износ од 1000 евра. Вкупната вредност на одземените предмети е проценета на 296.000 денари.
Потоа преку споредна врата ја напуштил куќата и повеќе од една година не бил достапен за полицијата. Имајќи предвид дека токму оваа околност укажува на ризикот осомничениот повторно да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, како и фактот дека против него се поднесени пријави и за други дела, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.