Свет
Лукашенко: Не можат да ми судат наследниците на нацизмот

Поднесокот што се однесува на моја наводна вмешаност во злосторства против човештвото е дел од идиотска, избрзана политика, изјави денеска белорускиот претседател Александар Лукашенко за новинската агенција „Белта“.
„На наследниците на нацизмот ли им остана да ме судат? Кои сте вие да ми судите?“, рече тој.
Група германски адвокати претходно поднесоа барање до федералните обвинители во градот Карлсруе во врска со употребата на сила против белоруските граѓани за време на мирните протести што избија во Белорусија по претседателските избори во август 2020 година.
Според белорускиот претседател, во таков случај лидерите на земјите во кои полицијата употребила брутална сила и специјална опрема за да ги растера деомонстрантите, предизвикувајќи сериозни повреди, па дури и смртни случаи меѓу нив, треба исто така да бидат изведени пред суд.
Лукашенко, пред сè, ги посочи демонстрациите на Жолтите елеци во Франција и протестите пред американскиот Капитол во јануари.
„Луѓето што живеат во стаклени куќи не треба да фрлаат камења. Нема да успее, тоа е глупава, избрзана политика”, нагласи Лукашенко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
ЕУ го казни Gucci со 120 милиони евра

Европската комисија објави дека ги казнила луксузните модни куќи Gucci, Chloé и Loewe со вкупно 157,4 милиони евра за мешање во политиката на цени на трговците на мало.
Gucci мора да плати казна од 119,7 милиони евра, Chloé 19,7 милиони и Loewe 18 милиони евра. Брисел ги намали износите за сите три компании бидејќи соработуваа во истрагата и обезбедија докази. Брендовите со седиште во Италија, Франција и Шпанија нелегално ги одредуваа цените на своите производи за трговците на мало, откри Комисијата.
„Три модни компании се мешаа во комерцијалните стратегии на своите трговци на мало со наметнување ограничувања, како што се барањата да не отстапуваат од препорачаните малопродажни цени, максималните попусти и одредени периоди на продажба“, се вели во соопштението на ЕК.
Ваквите практики резултираат со повисоки цени и го ограничуваат изборот на потрошувачите, заклучија тие во Брисел.
Прекршоците се протегаат неколку години и ја опфаќаат целата територија на Европската Унија.
„Сите потрошувачи во Европа заслужуваат придобивки од вистинска ценовна конкуренција, што и да купат и каде и да купат, онлајн или офлајн. Одлуката испраќа силен сигнал до модната индустрија и пошироко дека нема да толерираме вакви практики во Европа и дека фер конкуренцијата и заштитата на потрошувачите важат подеднакво за сите“, изјави потпретседателката на Европската комисија, Тереза Рибера.
Фото: ЕПА
Регион
Претседателството на БиХ едногласно го номинира Трамп за Нобелова награда за мир

Претседателството на Босна и Херцеговина денес едногласно одлучи да го номинира американскиот претседател Доналд Трамп за Нобелова награда за мир истакнувајќи ја неговата „посветеност на воспоставување траен мир во Појасот Газа“, пишува „Кликс.ба“.
Оваа одлука, која претставува прва официјална номинација за претстојниот циклус на доделување на престижната награда, е донесена со консензус на сите тројца членови на Претседателството – Денис Беќировиќ, Жељко Комшиќ и Жељка Цвијановиќ.
Во образложението се наведува дека американскиот претседател одиграл клучна улога во посредувањето меѓу израелската и палестинската страна, а неговите дипломатски напори резултирале со прекин на конфликтот и отворање на патот за нов мировен процес на Блискиот Исток.
Денешната одлука дојде речиси два месеца откако Жељка Цвијановиќ првпат презентира предлог за номинација. Нејзиниот предлог беше одбиен во август бидејќи не ги исполнуваше потребните формални критериуми.
Да потсетиме дека предлогот на Жељка Цвијановиќ дури и не беше вклучен на дневен ред на седницата на Претседателството во август оваа година. Членовите Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ потоа сметаа дека предлогот не е формално комплетен, односно дека му недостигаат објаснување и процедурални елементи потребни за официјална номинација.
Кабинетот на Беќировиќ потоа изјави дека „никој не го оспорува правото да се дискутира за предлогот, но дека документите мора да бидат подготвени на сериозен начин“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, неодамна одигра клучна улога во мировните преговори, што резултираа со прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, ослободување на заложниците и отворање хуманитарни коридори. Неговата администрација го посредуваше договорот со поддршка на Египет и Турција, а многу меѓународни медиуми го опишаа како „историски дипломатски пробив“.
По денешната одлука, се очекува Претседателството на БиХ набргу и официјално да ја достави номинацијата до Нобеловиот комитет во Осло.
Фото: ЕПА
Свет
Црвениот крст: Враќањето на телата на заложниците од Газа може да потрае со недели

Предавањето на телата на мртвите заложници од Појасот Газа може да потрае со денови или недели, соопшти денес Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК).
„Со оглед на уништувањето на зградите и инфраструктурата во крајбрежната енклава, понекогаш е тешко да се лоцираат останките“, изјави денес во Женева портпаролот на МКЦК, Кристијан Кардон.
„Постојат јасни индикации дека ова може да потрае значително подолго поради тешкотијата во потрагата по останките во Газа што може да бидат под урнатините“, објасни Кардон.
Можноста некои тела никогаш да не бидат пронајдени не може да се исклучи, истакнува агенцијата ДПА.
МКЦК во сите дискусии нагласи колку е важно враќањето на останките за семејствата на жртвите, како и за евентуално помирување по завршувањето на војната.
Црвениот крст не знае однапред кога и каде ќе му бидат предадени телата во Појасот Газа. Како што беше случајот вчера, информациите за ова често пристигнуваат во последен момент. Хуманитарната организација не е вклучена во потрагата по безживотни тела.
Хамас вчера преку МКЦК му ги предаде телата на четворица од 28-те мртви заложници на Израел. Во Израел растат гневот и фрустрацијата поради предавањето само на неколку тела за кои армијата денес соопшти дека се идентификувани.
Фото: ЕПА