Македонија
(Видео) Нелоски: Освен скандалозната набавка на скала, истата фирма набавува спортска опрема за министерството на Шекеринска
Додека ние објавуваме скандал со набавка на противпожарна скала од 1.7 милиони евра, двојно повеќе од таа во Загреб, замислете зетот на секретарот на Шилегов не стои ни минута во место, договорил и добил нов тендер од Радмила Шеќеринска, обвини Владимир Нелоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, таткото на советничката од СДСМ, Михаела Иванова ја правел спецификацијата за набавка и го правел тендерот и тендерската документација за овој тендер од 1.7 милиони евра, ќерка му Михаела Иванова гласала на Советот, Шилегов потпишал, а зетот на секретарот на Градот Скопје преку фирмата „Армор плус“ ДОО набавува.
„Додека јавното обвинителство спие за овој предмет и се прави недоветно, се занимава единствено со заташкување на криминалот на власта, токму затоа ВМРО-ДПМНЕ во понеделник ќе поднесе кривична пријава за оваа јавна набавка, каде јасно се гледа дека се работи за крими шема и има основан сомнеж за тежок криминал. Кривичната пријава ќе ги опфати сите сегменти на основан сомнеж за криминал, од едноставна причина што јавното обвинителство сеуште спие и ја штити власта. Замислете, скопјани вријат за овој криминал што го гледаат, фирмата на зетот на секретарот на Шилегов добил уште еден тендер од Радмила Шеќеринска. Министерството за одбрана извршило набавка на приближно милион евра за спортска опрема од фирмата АРМОР ПЛУС“, рече Нелоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска Давкова го прими Филипче: разменети мислења за политичките и безбедносните состојби
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими Венко Филипче, претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и претседател на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието.
На средбата беа разменети мислења за општествениот амбиент, со посебен акцент на политичките и безбедносните состојби.
Во разговорот Филипче ја информираше претседателката за актуелните партиски промени врзани за изборот и конституирањето на новите партиски органи и функционери.
Во својство на претседател на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче ја нагласи потребата од активна соработка на Советот со Владата во функција на спроведување на Планот за раст и Реформската агенда.
Претседателката го информираше за нејзиното видување на евроинтеграцијата и можните решенија за отпочнување на преговорите со Европската Унија.
Македонија
Македонија избрана за членка на Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиско оружје за периодот 2025–2027 година
За време на 29-та сесија на Конференцијата, Република Северна Македонија, денеска успешно е реизбрана за членка на Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW) за периодот 2025–2027 година, информираат од МНР.
„На гласањето, кое се одржа денес во Хаг, нашата кандидатура освои 86 гласови, во конкуренција со три држави за две слободни места“, се истакнува во соопштението.
Министерот Муцунски на својата фејсбук страна истакна дека овој реизбор е потврда за нашата посветеност кон глобалните напори за разоружување и уништување на хемиското оружје, како и за нашата активна улога во поддршката на целите и принципите на Организацијата.
„Во следниот период, остануваме целосно посветени на зајакнувањето на меѓународната безбедност и примената на Конвенцијата за забрана на хемиското оружје“, заклучи Муцуски во својата објава.
Македонија
Владиката Тимотеј ќе биде погребан в четврток на Плаошник
Дебарско кичевскиот митрополит Тимотеј ќе биде погребан в четврток на Плаошник, одлучи Синодот на МПЦ-ОА.
Ополето ќе биде во црквата Света Софија истиот ден, со заупокоената Литургија ќе служи Архиепископот Стефан во сослужение со надлежните епархиски архиереи и претставниц на други помесни цркви.
Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА), во постојан состав, на 26 ноември 2024 година одржа вонредна седница и го определи датумот за погребение на блаженоупокоениот Дебарско-кичевски Митрополит Тимотеј.
Синодот определи заупокоената Света Литургија и Опелото да бидат извршени во четврток на 28 ноември 2024 година, во храмот „Св. Софија“ во Охрид, со почеток во 9 часот.
На Светата Литургија ќе чиноначалствува Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение со надлежните епархиски архијереи на МПЦ – ОА, како и со претставници од другите Помесни Православни Цркви.
Погребението ќе биде извршено до јужната апсида на Плаошкиот манастир во Охрид.
Царство Небесно и вечен спомен на блаженоупокоениот Митрополит Тимотеј, стои во соопштението на Синодот на МПЦ-ОА, пренесе „Религија.мк“.