Свет
Ново отворено писмо до Макрон: „Во Франција се подготвува граѓанска војна и вие тоа го знаете“
Група активен француски воен персонал објави ново отворено писмо до претседателот на земјата, Емануел Макрон, во кое го предупредува дека во земјата се подготвува граѓанска војна по сите отстапки што тој ги направи кон исламизмот, пренесува РТ.
Писмото, објавено во конзервативниот магазин „Валер актуел“ доцна синоќа, има сличен тон со пораката објавена од истиот магазин минатиот месец. За разлика од претходното писмо, кое го потпишаа 25 пензионирани генерали и активни војници, новото писмо е анонимно и е отворено за потпишување од пошироката јавност.
До пладне денеска писмото го потпишале повеќе од 100.000 луѓе.
Авторите на писмото се опишуваат себеси како активни француски војници, кои ѝ припаѓаат на помладата генерација на војската што видела вистинска борба во изминатите години.
„Ние сме она што весниците го нарекоа огнена генерација. Мажи и жени, активни војници, од сите армии и од сите редови, со секакви мислења, сите ја сакаме нашата земја. Ние не бараме слава. Законски не смееме да го изразиме нашето мислење со откриено лице, но не можеме ни да молчиме“, се вели во писмото.
Во писмото е обвинет претседателот Макрон дека направил отстапки во корист на исламизмот на француска почва додека француската војска ја пролева својата крв за да се бори против него во Авганистан, Мали, Централноафриканската Република или на други места.
Авторите исто така посочуваат дека некои од нив учествувале во домашната операција „Сентинел“, почната по разорните терористички напади на „Шарли ебдо“ во 2015 година, и биле сведоци на одредени етнорелигиски заедници во Франција, кои се целосно одвоени од остатокот на земјата.
„За ваквите заедници, Франција не значи ништо друго, освен предмет на сарказам, презир или дури и омраза“, се вели во писмото.
Како и претходното писмо, и ова ново писмо ги предупредува властите на републиката за претстојната граѓанска војна и дека е доведено во прашање самото постоење на Франција.
„Во Франција се подготвува граѓанска војна и вие тоа добро го знаете“, се вели во писмото.
Авторите на писмото исто така изразија силна поддршка за потписниците на првото писмо и остро го критикуваа одговорот на владата на него.
„Мораш да бидеш перверзен за да ги охрабруваш високите офицери на армијата да заземат став и да се експонираат, а потоа бесно да ги санкционираш веднаш штом ќе напишат нешто друго, освен извештаи за битки“, се вели во писмото.
Првото писмо, објавено на 21 април – на 60-годишнината од неуспешниот државен удар против генералот Шарл де Гол поради неговата поддршка за независноста на Алжир – предизвика бура кај највисоките претставници на Франција. Премиерот Жан Кастекс ја нарече пораката „иницијатива против сите наши републикански принципи, честа и должноста на армијата“, а армијата вети дека ќе ги казни активните потписници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рјабков предупредува: „Директен конфликт меѓу Русија и НАТО би имал катастрофални последици“
Сојузникот на рускиот претседател Владимир Путин, Сергеј Рјабков, предупреди дека Русија и НАТО се доближиле опасно до директен конфликт во 2025 година. Според него, евентуалната војна меѓу нуклеарните сили би имала катастрофални последици.
Како што објави „Newsweek“, Рјабков верува дека одредени потези на Соединетите Американски Држави биле од агресивна природа, а особено истакнува дека таквите акции биле силно поддржани од две европски земји. Тој изјави дека Велика Британија и Франција се меѓу највоинствените членки на НАТО, чии акции, според него, биле особено агресивни.
Зборувајќи за можноста за директна воена конфронтација меѓу нуклеарните сили, Рјабков нагласи дека е речиси непотребно да се нагласува колку катастрофален би бил таков конфликт за целиот свет.
Од друга страна, европските лидери и функционери често предупредуваат на она што го нарекуваат потенцијална закана од Русија. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, постојано ја нагласува важноста на зголемувањето на средствата за одбрана, пишуваат медиумите.
Во интервју за германскиот „Билд“, Руте изјави дека, пред сè, е потребно да се зголемат инвестициите во оружје и производство, како и да се обезбеди Украина да остане што е можно посилна во борбата.
Тој додаде дека целосната руска контрола врз Украина би имала сериозни последици за НАТО и би ја принудила алијансата во иднина да издвои значително поголеми одбранбени ресурси отколку што е моментално договорено.
Фото: депозитфотос
Свет
Данска и Гренланд им порачаа на САД: Не можете да анектирате други земји
Премиерите на Данска и Гренланд, Мете Фредериксен и Јенс-Фредерик Нилсен, денес во заедничка изјава го повторија барањето за почитување на нивните граници, откако претходно новоназначениот американски претставник за Гренланд, Џеф Ландри, објави дека е „му чест да служи за Гренланд да стане дел од Соединетите Американски Држави“.
„Го кажавме тоа и претходно, сега го повторуваме. Веќе го кажавме јасно и претходно. Сега го кажуваме повторно. Националните граници и суверенитетот на државите се засноваат на меѓународното право. Не можете да анектирате други земји“, рекоа премиерите во заедничка изјава, објавува Гардијан.
Тие додадоа дека станува збор за основни принципи. „Гренланд им припаѓа на Гренландците и САД не треба да го преземат Гренланд. Очекуваме почитување на нашиот заеднички територијален интегритет“, се вели во соопштението.
Порано денес, данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен изјави дека неговата земја инсистира дека сите, вклучително и САД, мора да го почитуваат „територијалниот интегритет на Кралството Данска“.
Портпаролот на ЕУ, Ануар Ел Ануни, исто така реагираше на изјавата на Ландри, велејќи дека територијалниот интегритет и суверенитет на Кралството Данска мора да се зачуваат.
Денес, во објава на платформата Truth Social, Трамп рече дека го назначил гувернерот на Луизијана, Ландри, за специјален претставник на Соединетите Американски Држави за Гренланд. „Џеф разбира колку е важен Гренланд за нашата национална безбедност и силно ќе ги унапредува интересите на нашата земја за безбедноста, сигурноста и опстанокот на нашите сојузници, а всушност и на целиот свет“, рече тој.
На почетокот на својот втор претседателски мандат, во јануари оваа година, Трамп ја објави својата намера да го преземе Гренланд, наведувајќи ја неговата стратешка позиција за безбедноста на САД како објаснување, додека Данска, која ја контролира таа арктичка територија во последните 300 години, одби да се откаже од Гренланд, анализираат медиумите.
Според написите, ова не е прв обид на САД да го купат Гренланд од Данска, а првите такви преговори ги водеше американскиот државен секретар Вилијам Х. Сиворд во 1867 година, кога не беше постигнат договор. Во 1946 година, САД понудија 100 милиони долари за оваа територија, сметајќи ја за витално важна за националната безбедност, но данската влада одби.
Трамп се обиде да го купи Гренланд за време на неговиот прв претседателски мандат, но данската и гренландската влада ја отфрлија таа понуда од 2019 година, наведуваат медиумите.
Фото: депозитфотос
Свет
(Видео) Почина британскиот музичар Крис Рија: неговиот хит ги одбележуваше празниците со години
Британскиот музичар Крис Рија, чија кариера траеше повеќе од пет децении, почина на 22 декември на 74-годишна возраст, оставајќи зад себе богато музичко и финансиско наследство.
Британскиот пејач Крис Рија е најпознат по својот хит „Driving Home for Christmas“, кој е една од омилените божиќни песни на многу луѓе.
Во соопштението во име на неговата сопруга и двете деца, пишува: „Со голема тага ја објавуваме смртта на нашиот сакан Крис. Тој почина мирно во болницата порано денес, по кратко боледување, опкружен со своето семејство“, пренесуваат медиумите во регионот.
За време на својата кариера, Рија создаваше музика што комбинираше рок, блуз и поп, а неговиот длабок, препознатлив глас и виртуозни гитарски вештини оставија голем белег во музичката индустрија.
Освен хитот „Driving Home for Christmas“, тој е познат и по песни како „Road to hell“, „On the Beach“ и „Fool (If You Think It’s Over)“.
Рија беше оженет, имаше две ќерки, а покрај неговата значајна музичка кариера, се обиде и како актер во комедијата „Parting Shots“. Во овој филм на Мајкл Вајнер, Крис ја игра главната улога, заедно со Џон Клиз и Боб Хоскинс.
Неговата смрт означува крај на една важна музичка ера, а обожавателите ширум светот ќе го паметат по топлите мелодии што станаа дел од празничната традиција.
Фото: депозитфотос

