Македонија
Во првата недела од мај 37 отсто е намален бројот на новозаразени и починати од Ковид-19
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во текот на минатата недела (од 3 до 9 мај) тестирани се вкупно 15.781 материјал во лабораториите за тестирање за присуство на коронавирусот, што е зголемување од 5,4 % во однос на претходната недела.
Регистрирани сe 1.304 нови позитивни случаи од 33 града во државата, со намалување од 37,2 % во однос на неделата претходно.
Пријавени се 105 смртни случаи од 21 град, 37,1 % помалку во однос на минатата недела.
Повеќето од регистрираните случаи се од Скопје (n=482; 37,0 %), со неделна инциденца – 78,0/100.000. Највисока неделна инциденца од 169,9/100.000 е регистрирана во Виница.
Процентот на позитивност се движи од 2,5 до 12,2 %, односно во просек 7,5 %.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи.
„Најзастапена е возрасната група на лица над 60 години (n=508, 39,0 %). Голем број заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40 до 49 (n=227; 17,4 %), 50-59 (n=208; 16,0 %), 30-39 (n=176; 13,5 %) и 20-29 (n=106; 8,1 %). Најмал број е регистрирани има кај децата до 9 години (n=26; 2,0 %) и 10-19 години (n=53; 4,1 %). Се забележува намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најголемо процентуално намалување кај лицата до 39 години (41,1 %)“, информираат од ИЈЗ.
Кај починатите лица, во однос на возраста, 91 лице биле над 60 години, 6 лица на возраст од 50 до 59 години, 5 лица на возраст од 40 до 49 години, 2 лица на возраст од 30 до 39 години и едно лице на возраст од 20 до 29 години.
По добиени два негативни теста, статус оздравени стекнале 4.502 лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со зголемување од 12,2 % во споредба со претходната недела.
Детаљниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 3 до 9 мај, како и кумулативната состојба на Ковид-19 во државата, се објавува на веб-страницата на Институтот за јавно здравје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
(Видео) Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк
Старите дискотеки во Градскиот парк во Скопје ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изгради нов Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Уривањето на дискотеките и расчистувањето на просторот веќе е започнато, а нема најава кога ќе почне изградбата на новиот Луна Парк.
Ѓорѓиевски објави видео на кое, како што вели, се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки, со што локацијата се подготвува за реализација на проектот – изградба на Луна паркот во Скопје.
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на луна паркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив, најдоброто за Скопје“, напиша тој.
Македонија
АХВ нема да постапува по анонимно поднесени претставки
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира физичките и правните лица дека согласно член 62 став 3 од новиот Закон за инспекциски надзор, кој е во сила од 01.01.2026 година, инспекциските служби на АХВ нема да постапуваат по анонимно поднесени иницијативи за спроведување на инспекциски надзор за прашања од делокруг на работењето на институцијата.
Постапувањето по иницијативите кои се уредно поднесени ќе се реализира согласно Процедурата за постапување по иницијативи за инспекциски надзор на АХВ.
Иницијативата може да се поднесе директно до АХВ преку контакт формата Поднесете претставка објавена на интернет страната на Агенцијата, електронски на [email protected], [email protected], како и лично во секоја подрачна единица на АХВ, на соодветен образец за поднесување иницијативи.
„Иницијативата задолжително треба да содржи назив на инспекцијата до која се поднесува, име, презиме и адреса на подносителот, односно, назив и седиште на правното лице, законски застапник или полномошник доколку го има, краток опис на повредата и назначување на субјектот кај кој се бара вршење на инспекциски надзор.
Доколку поднесената иницијатива е нецелосна или нејасна, таа ќе се врати до подносителот кој треба да ја прецизира/дополни во рок кој не подолг од 7 дена. Доколку подносителот не ја дополни иницијативата во определениот рок ќе се смета дека истата е повлечена“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

