Македонија
(Видео) Заев: Европските лидери добро ја разбираат нашата порака – идентитетот не е за преговори
Премиерот Зоран Заев денеска ги сумира резултатите од средбите кои во изминатите два дена нашата владина делегацијата ги оствари со највисоките претставници на Европската комисија и на Европскиот парламент.
„Ви се обраќам од Мисијата на Северна Македонија, тука од срцето на Европската Унија, од Брисел. Имавме интензивни средби со највисоките претставници на европските институции – и осигуравме дека и во Европската комисија и во Европскиот парламент и во која било друга европска институција клучните претставници знаат и разбираат дека нашиот македонски идентитет не е за преговори и никогаш нема да биде за преговори.
Фон дер Лаен, Вархељи, Сасоли, Борел, Тимерманс, Лајчак, Вебер, Ќучук, Чолош – сите европски лидери и претставници ја знаат и ја разбираат нашата позиција – додека некој се обидува, а гледаме дека се обидува, македонскиот јазик и македонскиот идентитет да го стави на европската маса за преговори, ние нема да преговараме“, рече Заев во обраќањето.
Премиерот порача дека македонскиот народ има гордост и сопствен идентитет.
„Гордоста можеме да ја засилуваме или смируваме, но идентитетот и јазикот македонски ни е неприкосновен, еден и единствен, непроменлив. Тргнете ја секоја дискусија за македонскиот јазик и македонскиот идентитет од масата за разговори во Брисел – по тоа, можеме да продолжиме да разговараме за нашата европска иднина“, е пораката на Заев до европските челници.
Тој вели дека со македонскиот идентитет не смее и нема да си игра ниту оваа Влада ниту која било друга влада, а уште помалку друга држава или Унијата, во која не сме членка.
„На овој заеднички пат секој треба да си ги заврши своите обврски – Северна Македонија многу сработи, испорачавме реформи, испорачавме и правда – време е и ЕУ да го испорача ветеното кон нас“, порача македонскиот премиер.
Тој најави дека европската агенда продолжува од Брисел во Мадрид, а потоа и на економскиот форум „Делфи“ во Атина.
Заев во Брисел е придружуван од вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, и од министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
(Видео) Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк
Старите дискотеки во Градскиот парк во Скопје ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изгради нов Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Уривањето на дискотеките и расчистувањето на просторот веќе е започнато, а нема најава кога ќе почне изградбата на новиот Луна Парк.
Ѓорѓиевски објави видео на кое, како што вели, се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки, со што локацијата се подготвува за реализација на проектот – изградба на Луна паркот во Скопје.
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на луна паркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив, најдоброто за Скопје“, напиша тој.
Македонија
АХВ нема да постапува по анонимно поднесени претставки
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира физичките и правните лица дека согласно член 62 став 3 од новиот Закон за инспекциски надзор, кој е во сила од 01.01.2026 година, инспекциските служби на АХВ нема да постапуваат по анонимно поднесени иницијативи за спроведување на инспекциски надзор за прашања од делокруг на работењето на институцијата.
Постапувањето по иницијативите кои се уредно поднесени ќе се реализира согласно Процедурата за постапување по иницијативи за инспекциски надзор на АХВ.
Иницијативата може да се поднесе директно до АХВ преку контакт формата Поднесете претставка објавена на интернет страната на Агенцијата, електронски на [email protected], [email protected], како и лично во секоја подрачна единица на АХВ, на соодветен образец за поднесување иницијативи.
„Иницијативата задолжително треба да содржи назив на инспекцијата до која се поднесува, име, презиме и адреса на подносителот, односно, назив и седиште на правното лице, законски застапник или полномошник доколку го има, краток опис на повредата и назначување на субјектот кај кој се бара вршење на инспекциски надзор.
Доколку поднесената иницијатива е нецелосна или нејасна, таа ќе се врати до подносителот кој треба да ја прецизира/дополни во рок кој не подолг од 7 дена. Доколку подносителот не ја дополни иницијативата во определениот рок ќе се смета дека истата е повлечена“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

