Македонија
(Видео) Заев до Борел: Веќе не сакаме да стоиме и да чекаме, време е ЕУ да испорача
Премиерот Зоран Заев денеска оствари средба со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
По средбата, Заев и Борел дадоа изјави, при што македонскиот премиер рече дека земјата е посветена на европските вредности и на спроведувањето на стандардите и критериумите на ЕУ.
„Веќе не сакаме да стоиме и да чекаме. Знаеме дека нема друг пат, освен европскиот. Не бараме повеќе од она што сме заслужиле, а тоа е да се одржи првата меѓувладина конференција што е можно побргу. Уште во март 2020 беше потврдено дека Северна Македонија ги има исполнето своите обврски и сега е време ЕУ да испорача.
Може ли да зборуваме за Западен Балкан без Северна Македонија? Може ли да зборуваме за Европа без Западен Балкан? Не!“, порача Заев додавајќи дека позитивен чекор напред за Северна Македонија би претставувал охрабрувачка порака за целиот регион.

Борел, пак, истакна дека вчера со министрите за надворешни работи на земјите членки разговарал за важноста на Западен Балкан.
„Министрите ја реафирмираа европската перспектива на целиот регион. Има многу силна поддршка што е можно побргу да се одржи првата меѓувладина конференција за Северна Македонија“, посочи високиот претставник за надворешна и безбедносна политика.
Тој нагласи дека нема поддршка за раздвојување на процесите за Северна Македонија и Албанија – ниту во институциите на ЕУ ниту меѓу земјите членки.
„Северна Македонија ги исполни потребните услови за да ги почне преговорите за пристап и слично како Албанија заслужува да продолжи во следната фаза на процесот без одложувања“, истакна Борел.

Тој порача дека земјата може да смета на ЕУ кога станува збор за наоѓање решение за напредување на пристапниот пат, но исто така и кога станува збор за вакцините.
Покрај премиерот Заев, дел од македонската делегација на состанокот беа и вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

