Македонија
Филипче на средба со поранешни министри за здравство: нов клинички центар на ново место во најбрз можен рок
Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска оствари средба со поранешни министри за здравство, а на средбата разговараа за проектот за изградаба на нов клинички центар.
На состанокот беа споделени искуства, сознанија, перспективи, предизвици со кои секој во својт дел од мандатот се соочувал. Заеднички став на сите е дека прашањето за изградбата на клинички центар долг период се одолжува, односно се разговара веќе над 20 години.
Филипче истакна дека граѓаните заслужуваат конечно тоа прашање да се реши.
„Конечно, тоа прашање треба да се затвори, да тргнеме по патот на градење нов клинички центар. На средбата постигнавме на некој начин и консензус по тоа прашање, дека секое друго решение, освен нов клинички центар на ново место како гринфилд-инвестиција, е парцијално решение и дека само такво решение нуди нов тип на здравствена услуга. Тоа се нуди насекаде во развиениот свет, Западна Европа, САД, во сите други развиени земји во светот, а тоа е интегриран тип на здравствена услуга. Ние можеме да разговараме и за други парцијални решенија, меѓутоа сето тоа нема да биде суштинска промена во здравствениот систем во нашата земја“, рече министерот.
Филипче потенцира дека опозицијата нема право да им ја скрати можноста на граѓаните да добијат нов клинички и истакна дека е важно да се вклучат во овој, како што рече, значаен процес и да го деблокираат законот во Собранието.
„Сметам дека однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ по ова прашање е навистина некоректно, немаат право да ја кратат можноста граѓаните да добијат нов клинички центар. Не кажувам дека не можеме да разговараме за друга алтернатива, меѓутоа отсуство на дискусија, блокирање закон со 2.000 амандмани, кои не се конструктивни, е нешто што сметам дека е навистина неоправдано и дека е злоупотреба на некој начин на политичката позиција. Дали тоа ќе биде на Комисијата за здравство во Собранието или на јавна дебата, која на крајот од месецот ќе ја организираме во Собранието, на која ќе учествуваат сите фактори што треба да дадат коментар по ова прашање. Сепак, сметам дека граѓаните заслужуваат да ги знаат фактите што е тоа што се предвидува да има во новиот клинички центар, што е тоа што е предвидено да има за таа сума на средства“, рече министерот за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на средба со претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа
Во Собранието на Република Северна Македонија денеска се одржа средба меѓу претседателот на Собранието, Африм Гаши и претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Теодорос Русопулос, кој престојува во официјална посета на нашата држава по повод 30-годишнината од зачленувањето на земјата во Советот на Европа.
Претседателот Гаши изрази благодарност за континуираната поддршка што Советот на Европа ѝ ја дава на Северна Македонија од 1995 година, нагласувајќи дека тридецениското членство претставува потврда на трајната определба за човекови права, демократија и владеење на правото.
Двајцата претседатели ја истакнаа важноста на парламентарната соработка и на заедничките иницијативи што придонесуваат за поголема видливост на Советот на Европа во регионот.
Претседателот Гаши подвлече дека искуството стекнато преку Советот на Европа е од особена вредност за процесот на пристапување во Европската Унија и дека Собранието ќе продолжи да биде пример за транспарентност, дијалог и посветеност на европските стандарди.
Македонија
За вакцинација против сезонскиот грип досега пријавени над 76 илјади граѓани, почна и вакцинацијата со комерцијалните вакцини за 700 денари
Министерството за здравство информира дека за вакцинација против сезонскиот грип за ризичните категории населени досега се пријавени над 76 илјади граѓани, а вакцинирани се повеќе од 43 илјади лица во државата.
„Заинтересираните граѓани сè уште имаат можност да се пријават за вакцинација против сезонскиот грип преку апликацијата vakcinacija.mk или преку својот матичен лекар. Превентивни тимови продолжуваат и со теренска вакцинација во домашни услови за повозрасни и неподвижни лица, како и за лица со попреченост“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.
Исто така, почната е и вакцинацијата со комерцијалните вакцини во Центарот за јавно здравје Скопје, а во текот на неделата ќе почне вакцинација и во другите центри за јавно здравје во државата.
Екипите на Центарот за јавно здравје – Скопје вршат вакцинација секој работен ден од 7.30 до 14.30 часот. Цената на комерцијалните вакцини изнесува 700 денари.
Македонија
За еден месец 138 санкции за непрописно вградени фолии
Во периодот од 01 до 31 октомври, Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе сообраќајни контроли на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возачи кои не ги исполнуваат пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата.
При контролата санкционирани се 138 учесници во сообраќајот. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци.
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, велат од МВР.

