Македонија
Градскиот пазар во Битола добива нов лик

При посетата на општина Битола, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николче Бабовски, и градоначалничката Наташа Петровска го посетија и Градскиот пазар, каде што во тек се реконструктивните зафати на делот околу управната зграда.
Како што информираат локалните власти, овој простор има ново соодветно партерно уредување, нов водовод, одвод, покривање, осветлување, а ќе бидат поставени нови тезги збогатени со соодветни хортикултурни решенија.
„Ме радува што денес гледаме поинаква слика, токму каква што треба да има нашиот град. Кога дојдов како градоначалничка, нарачав проектна документација, која чинеше околу 180.000 денари, а по изработувањето, аплициравме до АФПЗРР, со што го реализиравме овој проект во вредност од 14.308.000 денари, за кој 8.558.000 денари се директно од буџетот на Општината. Сликата не се менува само со овој потег, се менува и со направеното во управната зграда, што покажува успешно менаџирање“, рече градоначалничата Петровска.
Директорот на АХВ, Николче Бабовски, упати апел до сите продавачи на стоки во Градскиот пазар на почетокот на летниот период да внимаваат на своите производи.
„Апелирам да се држат строго до правилата што се пропишани за таков вид производи, но апелирам и до граѓаните, заедно со нас, да внимаваат и каде и што купуваат. Задолжително да бараат потекло, односно соодветна декларација на производите што ги купуваат и дали се чуваат во условите што се пропишани за производот. Засилени се контролите бидејќи само во првиот квартал се уништени 67 тони небезбеден производ“, посочи Бабовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски: Голема неприлагодена брзина е причината за сообраќајката во која загинаа три лица

Голема неприлагодена брзина е причината за трагедијата која вчера се случи на патот Кичево-Гостивар, а во која загинаа три лица. Ова го соопшти министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Три лица го загубија животот. Според првичните информации кои ги добив, станува збор за огромна неприлагодена брзина од страна на еден на учесниците во сообраќајот, кој за жал, е починат. Бројот на сообраќајни жртви во оваа година во првото тромесечје е сличен како и бројот на жртви лани. Со тоа што можам да кажам дека бројките се катастрофални во споредба со европските стандарди“, рече министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Тој упати апел до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила, дозволената брзина, бидејќи експертите тврат дека и кога се управува возило, а тоа е над 70 км/час, а има челни удари како вчера, можноста за преживување е нула.
Македонија
На граничните премини кон Грција и Србија и денеска има гужва

На граничните премини кон Грција и Србија и денеска има гужва. На Табановце кон Србија за влез и излез од државата се чека од 20 до 30 минути, а на граничните премини Дојран и Богородица кон Грција времето на чекање е до 15 минути, соопшти Авто мото сојузот на Македонија.
Според утринските информации на АМСМ, сообраќајот на државните патишта надвор од градските средини е умерен.
Македонија
Извршен е увид на местото на сообраќајната несреќа во која загинаа три лица

Извршен е увид на местото на сообраќајната несреќа што синоќа се случи на патот Кичево – Гостивар во која загинаа три лица, а осум беа повредени.
Државното јавно обвинителство утринава соопшти дека од местото на несреќата подигнати се траги кои ќе бидат предмет на вештачење, а телата на починатите се дадени на обдукција и дадена е наредба за испитување на евентуално присуство на алхокол или други супстанции кај повредените.
– По насоки на јавниот обвинител продолжуваат да се преземаат и други дејствија, информираат од Јавното обвинителство.