Македонија
(Видео) Стоилковски: Мицкоски, исто како и Бајден, само изрази разбирање за реакцијата на Израел

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, денеска ja појасни вчерашната изјава на лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски, кој рече дека Израел има право на одбрана на својата територија и население.
Стоилковски вели дека ваквиот став е во насока на ставот на стратешките партнери на Македонија и не се однесува кон палестинскиот народ, ниту кон муслиманите, или пак кон арапскиот народ.
„Изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во врска со случувањата во Израел, е во иста насока со ставот на американскиот претседател, Џо Бајден, кој што изрази разбирање за реакцијата на Израел. Ставот се однесува кон правото на држава пријател на Македонија да ја заштити својата територија која што е нападната и гранатирана од паравоена формација. И во оваа прилика апелираме на прекин на огнот, наоѓање на заедничко решение и смирување на тензиите и насилствата“, посочи партискиот портпарол.
Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ силно ги осудува сите закани кои биле испратени до Мицкоски, од, како што кажа, радикални екстремистички елементи, со говор на омраза од центри на моќ кои работат во спротивност со стратешките интереси на државата.
„Запрепастува молкот од МВР кое го повикуваме да реагира и да постапки во насока на истражување на таквите закани и нивно санкционирање согласно важечките прописи“, истакна Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гаши-Дир: Поддршката од пријателските земји е од особено значење за Украина и украинскиот народ

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денес оствари средба со украинската амбасадорка во Република Северна Македонија, Лариса Дир. На средбата стана збор за состојбата во Украина во однос на целосната руска агресија, како и можностите за натамошно унапредување на соработката меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Врховната Рада на Украина.
Гаши ја потврди безрезервната поддршка за Украина, нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, како и напорите за воспоставување на сеопфатен, праведен и траен мир во земјата. Тој се осврна на плодната соработка меѓу двата парламента, на билатерален и мултилатерален план, како и улогата на пратеничките групи за пријателство и соработка. Гаши, исто така, го подвлече значењето на Интерпартиската парламентарна група на Собранието на Република Северна Македонија за поддршка на Кримската платформа.
Амбасадорката Лариса Дир се заблагодари за севкупната поддршка и за досегашната помош од нашата земја и изрази очекување дека тие ќе продолжат и во иднина. Таа нагласи дека поддршката од пријателските земји е од особено значење за Украина и украинскиот народ. Во таа насока, амбасадорката информираше за претстојните меѓународни состаноци на кои се очекува учество на високи претставници од нашата земја, меѓу кои и Четвртиот парламентарен самит на Меѓународната кримска платформа, што ќе се одржи во ноември годинава во Стокхолм.
Претседателот Гаши и амбасадорката Дир се осврнаа и на европската интеграција на двете земји и можностите за соработка на ова поле. Тие се согласија дека Северна Македонија и Украина имаат одлични билатерални односи, со голем потенцијал за натамошно унапредување на соработката во различни полиња од заемен интерес.
Македонија
Кривична пријава против директор на училиште во Липково за злоупотреба на службената положба и овластување

Полицијата поднесе кривична пријава против директор на училиште во Липково за злоупотреба на службената положба и овластување.
Според информациите од МВР, СВР Куманово поднесе кривична пријава против Г.Г.(51) од с.Липково, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во текот на 2024, пријавениот, како директор на основно училиште во Липково, склучил договор за вработување, без претходно да обезбеди финансиски средства од Министерство за финансии и без објавување на јавен оглас, оштетувајќи го буџетот на државата во вкупен износ од 577.550 денари.
Македонија
Апел до скопјани за рационална и совесна употреба на водата за пиење, повторно има енормна потрошувачка

ЈП Водовод и канализација – Скопје ја информира јавноста дека се продолжува со енормно зголемената и неконтролирана потрошувачка на вода на дневно ниво, што предизвикува повторно нарушување на стабилноста на водоснабдителниот систем.
Како последица на сето ова, градскиот водоводен систем функционира со намален притисок и со повремени прекини на вода во делови од градот. Стабилизарање на водоснабдителниот систем се очекува во период по 23 часот.
„Имајќи го предвид фактот дека градот Скопје се снабдува од природен извор со ограничени количини вода за пиење од непроценлива вредност, апелираме до сите граѓани на градот Скопје за рационална и совесна употреба на водата за пиење, како и избегнување непотребно трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење на базени и сл“, велат од Водовод.
Од таму апелираат до органите на локалната самоуправа, согласно надлежностите, преку службите со кои располагаат, како и преку Месните заедници на територија на општините, да се ангажираат во подигање на свеста кај жителите на општините за рационално користење на водата за пиење.
Апел до граѓаните на град Скопје, доколку забележат див приклучок, истиот да го пријават на 02 3073 010, [email protected]или www.vodovod-skopje.com.mk
Со дивите приклучоци, велат од Водовод, се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснадбувањето до сите корисници во град Скопје