Македонија
Царовска во Анкара: Создаваме образование за културните особености на сите етнички заедници во нашата земја

Наш приоритет е образование за секое дете. Создаваме услови за негување на интересите, потребите и културните особености на сите етнички заедници кои живеат во нашата држава, а посебно сме горди на интегрираноста на турската заедница во образованието, посочи министерката за образование и наука Мила Царовска на средбата со предесдателот на турското собрание, Мустафа Шентоп, во Анкара.
„Настава на турски јазик се реализира во повеќе основни и средни училишта, а турскиот јазик се изучува и во високото образование. Мултиетничката и мултилингвална средина придонесува учениците да се изградат во граѓани кои ќе живеат едни со други, а не едни покрај други“, додала Царовска заблагодарувајќи се за, како што рекла, несебичната поддршка на пријателскиот турски народ во досегашниот период.
Претседателот на турското Собрание, Мустафа Шентоп, истакнал дека Турција ќе продолжи да биде меѓународен партнер кој го поддржува напредокот на државата во сите сфери.
Посочил дека Северна Македонија и Турција имаат формализирано и ратификувано неколку протоколи за соработка во областа на образованието и за научно-техничка соработка, а се осврнал и на турскиот придонес во работата на образовните институции од сите нивоа во нашата земја, како и на поддршката за македонски студенти на универзитетите во Турција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес и утре ќе се прска против комарци во Скопје

Од Град Скопје известија дека викендов (26.07 и на 27.07.2025 година), во раните утрински часови ќе се реализира авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се прска првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин, дополнуваат надлежните.
Македонија
Денес пеколно топло со температури од 43 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 22, а максималната ќе достигне од 36 до 43 степени Целзиусови.
И во Скопје че биде сончево и многу топло, попладне со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 43 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), утре и во првата половина од следната седмица ќе има промена на временската состојба. Во попладневните часови ќе има услови за локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ветерот ќе го промени правецот во северен, а дневната температурата ќе биде во опаѓање.
Македонија
62 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје во кој животот го загубија 1.070 лица

Скопје денеска ја одбележува 62. годишнина од катастрофалниот земјотрес што се случи на 26 јули 1963 година, кога животот го загубија 1.070 лица, а 3.000 беа повредени.
Во знак на почит и сеќавање на жртвите во катастрофалниот земјотрес, денеска во 10 часот делегации од Собранието и од Градот Скопје ќе положат цвеќе пред Споменикот на загинатите во земјотресот на градските гробишта Бутел.
Во Музејот на град Скопје, вечер во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Скопје за време на земјотресот и потоа”. Поставката ќе биде од траен карактер достапна за секој посетител во музејот. Градот како и секоја претходна година се сеќава на катастрофалниот земјотрес во 1963 година кој засекогаш го промени.
Скопскиот земјотрес во 1963 година е познат како една од најголемите трагедии кои се случиле во историјата на градот, но истовремено и шанса светот да ја покаже својата солидарност и да помогне во опоравувањето на заедницата.
Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над главата.