Македонија
(Видео) Ѓорчев: Во многу градови нема вакцинални пунктови, веднаш да се отворат

Оваа неспособна власт требаше веќе да има отворено вакцинални пунктови во многу општини, за да им биде тоа подостапно на граѓаните, рече на прес-конференција претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев.
„Во Прилеп со 414 мртви, сè уште нема вакцинален пункт. Струмица со 200 мртви исто така нема вакцинален пункт. Иста е и ситуацијата и во Гевгелија, Крива Паланка, Валандово, Берово, Пехчево, Делчево, Кочани, Гостивар, Кичево, Дебар, Струга и во многу други места“, нагласи Ѓорчев.
Како што рече тој, во балканските земји во секој град и во секоја општина, некаде дури и во речиси секое село се отвора вакцинален пункт.
„За жал, Македонија крахира со процесот на вакцинација, а граѓаните и народот тоа го плаќаат со изгубени животи. Ова е катастрофа на Зоран Заев и Венко Филипче, а цената ја плаќа народот“, обвини членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло со мала до умерена облачност, попладне услови за краткотраен дожд

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне ќе има услови за изолирана појава на краткотраен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 13, а максималната ќе достигне од 22 до 29 степени.
Во Скопје, сончево и топло со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 28 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно, топло и нестабилно време со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер, наместа во форма на краткотрајно невреме.
Македонија
Делови од Кисела Вода и Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.30 часот, објектите на фирмите Сојуз на Здружение на Возачи и Елмиго, корисниците од улиците Драчевска, Андреја Петковиќ, Славка Динкова, Гандиева, Ниже Планина, Јакупица, Атанас Разлов и корисниците од околните стопански и нестопански објекти, општина Кисела Вода, како и корисниците од ул. Иван Цакар – поголем број од парните броеви, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Кривична против 38-годишниот скопјанец кој ја уби својата невенчана сопруга

СВР Скопје го расчисти убиството кое на 3 мај, околу 15 часот во скопската населба Шуто Орузари го изврши 38-годишниот Н.А. од Скопје, кој што при семејна расправија со нож ја лишил од живот својата невенчана сопруга Р.А. (36) од Скопје. Откако ја убил Р.А., сторителот се дал во бегство, но по преземени мерки и активности, тој е лишен од слобода при обид да ја помине државната граница на ГП Табановце.
На местото на настанот е извршен увид во присуство на Јавен обвинител и обдуценти од Институтот за судска медицина и криминалистика, по што телото на починатата е пренесено на ИСМК за обдукција. Дополнително, утврден е идентитетот на Д.С. (32), кој му помогнал на сторителот и го превезол до ГП Табановце, а му помогнал и да ја фрли облеката што сторителот ја носел во време на извршувањето на кривичното дело, која потоа од страна на полициските службеници е пронајдена и подигната за вештачење, а Д.С. е лишен од слобода.
Исто така, пронајден е и ножот со кој сторителот го извршил кривичното дело.
По обезбедување на доказниот материјал, од страна на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје до ОЈО Скопје поднесена е кривична пријава во итна постапка против Н.А. за кривично дело “Убиство” по чл. 123 ст.2 т.2 од КЗ и против Д.С.за кривично дело “Помагање на сторител по извршено кривично дело” по чл. 365 ст. 3 од КЗ.