Економија
Бесими: Економијата заздравува, потребен е фискален стимул, но и фискална консолидација
Економијата заздравува и потребни се економски политики кои ќе го забрзаат заздравувањето, а понатаму и економскиот раст. Преку инклузија на научната заедница во нивното креирање, може да се постигне синергија на добри решенија, кои ќе го забрзаат растот, посочи министерот за финансии Фатмир Бесими на прес-конференцијата по повод првата заедничка научна конференција на Министерството за финансии и МАНУ. На прес-конференцијата заедно со академик Таки Фити, министерот истакна дека за финансирање на растот, а воедно и продолжување на заложбите за фискална консолидација, Министерството за финансии преку посебен план ќе изнаоѓа нови механизми за финансирање, кои ќе ја зачуваат макроекономската стабилност.
– Извесно е дека за нашата економија закрепнувањето почна. Тоа, впрочем го нотираше вчера и редовната мисија на ММФ, која посочи дека економијата веќе го почнала процесот на заздравување. Извозот во првото тримесечје забележува раст од 18%, додека увозот раст од 14,1%. Трговската размена во март во однос на лани забележува висок раст од 35,5%, додека извозот раст од 36,7%. Индуструското производство во март за првпат од почетокот на кризата забележува повисок раст, кој изнесува 7,6%, со раст на преработувачката индустрија од 6,2%. Подобрени се и очекувањата на деловните субјекти во април во однос на зголемување на обемот на производство, обезбеденоста на произведеното со нарачки и намалување на постојните залихи. Искористеноста на производствениот капацитет, исто така расте, со 71,7% искористеност во април, што е на ниво од преткризниот период. Кредитирањето во март забележа раст од 5,2% на годишно ниво, со раст и кај домаќинствата и во корпоративниот сектор, додека депозитите имаат раст од 7,4%. Реализацијата на буџетот, исто така, може да даде добар приказ за кондицијата и движењато на економијата. Согласно последните расположиви податоци, односно од почетокот на годината заклучно 18 мај, вкупните приходи се повисоки 13,4% во однос на лани, додека даноците и придонесите се повисоки за 14,3% – вели Бесими.
Тој посочи дека за заздравување на економијата и забрзување на растот понатаму, треба да се даде поддршка на стопанството и да се инвестира во крупни проекти, но воедно и да се задржи политиката на постепена фискална консолидација.
-На предизвикот да финансираме забрзан економски раст, а истовремено да се држиме кон среднорочниот план за фискална консолидација, ќе одговориме со Планот за финансирање на заздравување и забрзување на економскиот раст. Главната поента на Планот е преку креирање и користење нови механизми, инструменти, фондови и извори на финансирање да се создаде мултипликативен ефект, односно покрај планираните јавни инвестиции во износ од околу 4 милијарди евра за периодот 2021-2025 година, да се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор. Планот се состои од креирање развојни фондови, фондови за поддршка на иновации, гарантни фондови, еквити фондови, фондови за ризичен (venture) капитал и слични инструменти за поддршка на извозни компании, мали и средни претпријатија, како и социјални претпријатија. Се планираат јавни приватни партнерства, концесии и други инструменти за финансирање јавни капитални проекти, но и проекти на приватниот сектор – рече Бесими.
Академик Фити посочи дека темите кои ќе се дискутираат на научната конференција третираат вонредно значајни проблеми и прашања како фискалните предизвици во посткризниот период – структурните промени, јавните инвестиции и зелениот раст, управувањето со јавниот долг и одржливоста на јавните финансии, фискалната консолидација, фискалниот капацитет на единиците на локалната самоуправа и сл.
-Одржувањето на оваа значајна конференција е прв конкретен чекор на реализација и операционализација на обврските што произлегуваат од Меморандумот за соработка меѓу МАНУ и Министерството за финансии. МАНУ поддржувала и ќе поддржува и во иднина ваков вид соработка и тоа е во согласност со една од клучните функции и улоги на Академијата – советодавната функција, односно истражувања и подготвување на научнофундирани препораки и сугестии за креаторите на политиките во различни области – во случајов во областа на јавните финансии. МАНУ ја поздравува подготвеноста на Министерството за финансии, при дебатирањето на толку значајни теми, да го чуе и гласот на науката – рече академик Фити.
Министерството за финансии и МАНУ за првпат организираат заедничка научна конференција. Темата е „Предизвиците на фискалната политика во периодот на пандемијата од Ковид-19 и перспективи во посткризниот период“ и на истата учествуваат над 30 еминентни економисти (академици и професори – меѓу кои и неколку поранешни министри за финансии, актуелен гувернер), како и претставници на Меѓународниот монетарен фонд, Светска банка и Европската комисија. Сите научни трудови од конференцијата ќе бидат објавени во зборник на трудови, кој ќе ѝ биде достапен на јавноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Македонско возило привлече внимание на улиците на Будимпшета: GREEN MACHINES чисти снег кај будимската тврдина
Деновиве, возило на Green Machines на БРАКО – Велес, привлече внимание на улиците на Будимпешта, додека ја чистеше од снег Будимската тврдина, едно од најзначајните културно-историски обележја на унгарската престолнина.
Иако по димензии е значително помало во споредба со класичните камиони за чистење снег, Green Machines возилото се покажа како исклучително ефикасно токму таму каде што големата механизација има ограничен пристап – на пешачки зони, патеки и тешко достапни делови, особено во културно заштитените подрачја и објекти.
Додека тешките машини се користат за расчистување на главните сообраќајници, возилото произведено во БРАКО обезбедува прецизно и безбедно одржување на јавната хигиена и зимската проодност во чувствителни урбани средини, каде што се бара внимателен пристап и современа технологија.
Истото возило кое во текот на годината ја одржува чистотата на градските улици, паркови и плоштади, во зимски услови успешно се користи и за чистење снег, што уште еднаш ја потврдува универзалноста и мултифункционалноста на возилата на Green Machines на БРАКО.
Фактот што вакво македонско индустриско решение е ангажирано во една европска метропола како Будимпешта претставува силна потврда дека нашите возила не само што се извезуваат, туку и се избираат за работа во најсложени и најчувствителни услови – од секојдневна урбана хигиена до зимско одржување, во повеќе од 60 држави низ светот.
(ПР)
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Македонија добива можност да учи AI од Google, Microsoft, Amazon и IBM
AIatWork од денес овозможува 14-дневен целосно бесплатен пристап до својата платформа, со цел вештачката интелигенција да стане разбирлива, применлива и достапна за поширок круг корисници во Македонија.
Со бесплатниот 14-дневен пристап, корисниците добиваат можност практично да ја испробаат платформата и да користат водечки AI модели како ChatGPT, Gemini и Claude, над 50 практични AI алатки за пишување, анализа, дизајн и автоматизација, како и онлајн курсеви во живо, водени од AI практичари со искуство во глобални технолошки гиганти како Google, Microsoft, IBM и други.

Во Македонија вештачката интелигенција сè уште често се доживува како нешто нејасно и тешко совладливо за луѓето без ИТ позадина. Исто така AI често се поистоветува со една алатка, наместо да се разбере како поширок сет на практични решенија што веќе се користат во секојдневната работа низ светот. Голем дел од популацијата би сакала да знае да користи AI, но не знае кои алатки се навистина релевантни и како AI реално може да им помогне во работата.
Токму тука AIatWork се појавува како практичен одговор, нудејќи јасна насока за практична употреба на AI во секојдневната работа.
Во видеото што е дел од објавата, тимот на AIatWork објаснува дека изминатите месеци биле посветени на унапредување на корисничкото искуство и поддршката на платформата, со јасна цел: секој нов корисник уште од првиот момент да знае точно од каде да започне со изучување на вештините и алатките на иднината.
Само овој месец, на платформата се одржуваат 12 активни AI курсеви, во соработка со експерти и компании како Boeing, Google и Salesforce.
Во време кога AI станува составен дел од работата ширум светот, за земји како Македонија таа претставува можност за побрза дигитална трансформација и зголемена конкурентност. Бесплатниот пристап им овозможува на корисниците самите да проверат како AI може да им помогне во секојдневната работа, без ризик и без обврска.
Прашањето повеќе не е дали AI ќе стане дел од работата, туку дали ќе бидете подготвени кога тоа ќе се случи.
Пробајте AIatWork бесплатно – 14 дена, без обврска.
(ПР)

