Македонија
МОН: Училиштата и општините да им ги исплатат прекувремените часови работа на наставниците
Министерството за образование и наука апелира училиштата и општините да им ги исплатат прекувремените часови работа на наставниците. Од МОН исто така велат дека овие средства редовно се уплаќаат.
„Работата и посветеноста на наставниците треба да се вреднува и почитува, особено во услови на пандемија кога сите заеднички вложивме максимални напори да имаме успешна учебна година. Министерството за образование и наука апелира до локалните самоуправи и училиштата да го почитуваат законот и да ги исплаќаат надоместоците за прекувремена работа на наставниците. МОН редовно и навремено ги уплаќа блок-дотациите кон локалните самоуправи во согласност со динамиката со која тие ги доставуваат барањата“, се наведува во соопштението.
Од МОН велат дека уште во октомври лани испратиле писмо до сите училишта со кое ги потсетиле на законските обврски дека за наставниците што извршуваат работни задачи повеќе од полното работно време треба да им се исплати надоместок за прекувремена работа за што се обезбедени средства.
„МОН и претходно во повеќе наврати апелира до општините да го почитуваат законот и да го исплатат надоместокот. Исто така, МОН одговори, појасни и даде детаљни инструкции за постапување на секое училиште и општина што се обратиле за барање за појаснување како да постапат во врска со пресметките за плата“, пишува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Времето денес променливо облачно со сончеви периоди
Времето денес ќе биде променливо облачно време со сончеви периоди и со локална појава на пороен дожд и грмежи.
Наместа процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд (поголема количина за кратко време), силен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени. УВ=7
Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди и со слаб до умерен ветер од јужен правец. Во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 31 степен, јавува УХМР.
Во наредните денови се очекува сончево и топло време со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер, во вторник од западен, а потоа од северен правец. Во попладневните часови ќе има услови за ретка појава на пороен дожд и грмежи.
Македонија
Делови од Радишани и Волково без струја
ЕВН Македонија АД извести дека н 3 јуни ( понеделник ) без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од Волково лоцирани на потегот од кружниот тек кон село Кучково. (општина Ѓорче Петров )
– во периодот од 11.00 до 13.00 часот, корисниците од ул. Ѓоре Ѓоревски, лоцирани на третиот влез во населба Радишани. (општина Бутел )
Македонија
„Простор за разговор“ во Охрид
Вечерва со почеток во 20 часот, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување во соработка со Интерарт културниот центар организира настан „Простор за разговор“ во Младинскиот центар во Охрид, за зајакнување на родовата еднаквост.
Настанот е дел од проектот „Простор за разговор“ со кој преку уметност, танц, театар и филм сплотени во еден перформанс целта е да се зајакне чувството на припадност кон заедницата, да се искоренат стереотипите и да се зајакнат младите, маргинализираните и лицата во социјален ризик.
„Простор за разговор“ се состои од краток филм и танцов перформанс, кои претставуваат уметничка рефлексија на темата и ќе бидат изведени од танчерите на Скопје танцовиот театар. По перформансот ќе има разговор на темата за родова еднаквост со публиката, со цел справување на проблемите на младите. Поканети се социолози, активисти и психолози, кои ќе говорат за тоа, каде сме и што треба понатаму да направиме во однос на социјалната положба и родовата еднаквост.
На 4. јуни (вторник) настанoт се одржува во Струга во Домот на културата во 12 часот, со што завршуваат низата перформанси што се одржаа изминатите 10 дена во шест градови низ државата.
Проектот „Простор за разговор“ е поддржан од Германија преку Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) во рамки на регионалниот проект за социјално вклучување на ранливи групи во Западен Балкан.