Македонија
Пендаровски на папата му го подари дресот со кој нашите фудбалери ќе играат на Европското првенство
Претседателот Стево Пендаровски, кој престојува во посета на Италија и Светата столица, по повод манифестацијата „Македонија во чест на свети Кирил“, денеска имаше аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско.
На средбата Пендаровски му подари дрес на папата со неговото име напишано на кирилица.
@Pontifex прв го добива најновиот дрес на македонската фудбалска репрезентација со неговото име испишано на кирилица. Ова е дресот со кој нашите најдобри фудбалери ќе играат на #EURO2021. Нека донесе среќа, нови успеси и победи! pic.twitter.com/heftLUuz4G
— Stevo Pendarovski (@SPendarovski) May 27, 2021
„Папата прв го добива најновиот дрес на македонската фудбалска репрезентација со неговото име испишано на кирилица. Ова е дресот со кој нашите најдобри фудбалери ќе играат на #EURO2021. Нека донесе среќа, нови успеси и победи!“, напиша Пендаровски на „Твитер“.
Од Кабинетот на претседателот соопштија дека на средбата биле истакнати одличните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Светата столица, кои се темелат на длабоки историски врски, споделени духовни и културни вредности и традиции.
„Претседателот Пендаровски го реафирмира интересот за продлабочување на односите со Светата столица во сите сфери од заеднички интерес и го истакна значењето на католичката заедница во Северна Македонија и нејзиниот придонес во нашето општество. Претседателот Пендаровски посочи и на значењето што нашата држава го придава на промовирањето на меѓурелигискиот дијалог и почитувањето на верските слободи“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Излезноста до 15 часот изнесува 18,18 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 15:00 часот, на повторените избори за градоначалник во општините Врапчиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, гласале вкупно 23.298 гласачи, што претставува 18,18 отсто од вкупно запишаните 128.286 гласачи.
По општини:
– Врапчиште – 21,01%
– Гостивар – 17,85%
– Центар Жупа – 10,99%
– Маврово и Ростуше – 18,60%
Гласањето се спроведува на 215 избирачки места.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.

