Економија
Шахпаска на изборот на најуспешни жени менаџерки: Низ личен пример воспоставете ја родовата еднаквост

Во оваа сала гледам храбри и силни жени чиј успех не бил лесен, гледам жени кои се соочувале со предизвици, но се доволно храбри да сонуваат и се доволно упорни да го остварат својот сон, порача министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на 25-тата јубилејна манифестација „Избор на најуспешни жени менаџерки”.
Таа пред присутните дами и останати гости истакна дека не само во сферата на економијата и на бизнисот, туку и во политиката, за да се стигне на позиција од која се носат одлуки, патот е трнлив.
И токму затоа треба сите заедно да работиме за унапредување на родовата еднаквост, порача Шахпаска.
„Ја воспоставуваме родовата еднаквост и ја зајакнуваме улогата на жената во општеството преку активности, мерки, но и законски решенија,“ потенцираше министерката.
Во таа насока, ги посочи Законот за спречување и заштита од дискриминација во 2020 година и Формирањето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во 2021 година, Законот за родова еднаквост и Законот за минимална плата со кој што во 2017 година за прв пат минималната плата беше изедначена за работниците во индустријата за текстил, кожа и чевли во кои индустрии најголем процент на вработени се жени, како законски решенија кои се во насока на унапредување на родовата еднаквост.
Министерката се осврна и на проектот за родово одговорно буџетирање кој го спроведува Министерството за труд и социјална политика и кој е суштински важна алатка за мониторинг на активностите за вклучување на родовите прашања во главните стратегии и политики.
„Во јануари 2021 година Собранието на предлог на Владата со консензус гласаше за еден од најважните закони во оваа насока – Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Закон кој што ги обедини и власта и опозицијата, затоа што насилството не познава вера, националност, партија или било каква друга припадност“, рече Шахпаска.
Таа подвлече дека борбата против социјална исклученост и дискриминација и родовата еднаквост продолжува.
„Сонувајте, бидете визионери, бидете упорни, и работете на остварување на вашиот сон. Низ личен пример воспоставете ја родовата еднаквост во бизнисите кои вие ги водите. Само на тој начин ќе постигнеме целосна родова еднаквост“, им порача Шахпаска на присутните дами, жени менаџерки, на обележувањето на јубилејната манифестација „Избор на најуспешни жени менаџерки”.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МФ: Исплатени 19,4 милиони евра нова транша за поддршка на домашните компании

Над 1 милијарда денари нова транша е исплатена од кон Развојната банка за подршка на домашните компании, средства кои Владата ги обезбеди по поволни услови од унгарскиот заем, извести МФ.
Од централниот Буџет кон Развојната банка се исплатени 1,2 милијарди денари, односно 19,4 милиони евра, средства со кои ќе се реазираат инвестициски проекти од страна на домашните компании, кои претходно се одобрени од страна на деловните банки.
Со оваа транша вкупната поддршка што од централниот Буџет е трансфериран кон домашната економија преку оваа владина мерка изнесува 190,5 милиони евра.
Во Буџетот за 2025 година проектирани се вкупно 250 милиони евра кои се наменети за поддршка на инвестициски проекти на домашните компании, а кои треба да покренат инвестициски циклус во приватниот сектор од околу 300 милиони евра. Средствата за оваа намена ги обезбеди Владата по поволни услови преку унгарската Експорт-импорт банка, соопшти Министерството за финансии.
Економија
Халкбанк со нова кредитна линија од 12 милиони евра за одржливо земјоделство

Халкбанк АД Скопје, како една од водечките банки во земјата која постојано се насочува кон поддршка на реалната економија, започнува со реализација на нова кредитна линија наменета за развој на одржливо земјоделство.
Средствата во износ од 12 милиони евра се обезбедени преку Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ) и ќе бидат ставени на располагање на земјоделците и земјоделските бизниси во наредните пет години.
Целта на оваа кредитна линија е да им овозможи на микро (вклучувајќи трговци поединци и индивидуални земјоделци), мали и средни претпријатија пристап до поволни извори на финансирање кои ќе им помогнат да ги реализираат своите планови за работен капитал, како и за инвестиции во опрема, модернизација и развој на одржливи агро-практики.
Кредитите ќе бидат одобрени под атрактивни услови, со варијабилна каматна стапка која започнува од 5,5% и со можност за флексибилна отплата преку месечни, квартални или полугодишни ануитети. Освен финансиската поддршка, програмата предвидува и дополнителни бенефити за земјоделците: организирани работилници и тренинзи преку кои ќе можат да стекнат нови знаења за современи и одржливи земјоделски практики, како и грант компонента до 1.000 евра по корисник, достапна до исцрпување на предвидениот буџет. На тој начин, кредитната линија не е само финансиски инструмент, туку и практичен поттик за модернизација и зголемување на конкурентноста на домашното земјоделство.
Халкбанк и ЕФСЕ соработуваат долги години, а ова партнерство овозможи континуирано насочување на финансиски средства кон микро, мали и средни претпријатија, со што се поддржа растот на многу бизниси и се даде значаен придонес во економскиот развој на државата. Новата кредитна линија претставува уште еден чекор во таа насока, ставајќи акцент на земјоделството како стратешка гранка со голем потенцијал за одржлив развој.
„Поддршката на земјоделството е од суштинско значење за иднината на економијата и благосостојбата на граѓаните. Со оваа нова кредитна линија, обезбедуваме не само поволни финансиски средства, туку и знаење и грантови кои ќе им помогнат на земјоделците да преминат кон одржливи практики и да ја зголемат својата продуктивност. Веруваме дека вложувањето во земјоделството значи вложување во долгорочна стабилност, храна со повисок квалитет и развој на руралните средини,“ велат од Халкбанк.
Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ) е формиран од страна на Банката за развој KfW, со финансиска поддршка од германското Федерално Министерство за економска
соработка и развој (BMZ) и Европската комисија. Фондот има за цел да го поттикне економскиот развој и благосостојбата во земјите од Југоисточна Европа преку овозможување пристап до финансирање за микро и мали претпријатија и за домаќинства со пониски приходи, со фокус на одржливост и позитивно влијание врз заедниците.
Со оваа програма, Халкбанк ја продолжува својата долгорочна стратегија за поддршка на одржливите иницијативи во економијата, инвестирајќи во иднината на земјоделството и обезбедувајќи подобри услови за оние кои ја движат оваа важна гранка.
ПР
Економија
НБРМ: Граѓаните сè почесто ги избираат дигиталните канали за плаќање

Најновите податоци од платежната статистика на Народната банка за вториот квартал од 2025 година покажуваат натамошен раст на електронските плаќања, при што сè поочигледно е дека граѓаните почесто ги избираат мобилните апликации и платежните картички за извршување на плаќањата, отколку шалтерите, соопшти НБРМ.
Во споредба со истиот период минатата година, електронските плаќања со платни налози бележат раст за 9% по број и за 20,9% по вредност. Особено е брз растот на електронски иницираните плаќања преку дигиталните канали, односно трансакциите растат за 18,6%, а вредноста за 28,3%. Најголемиот дел од платежните трансакции иницирани преку дигиталните канали (71,3%) се извршени преку мобилни апликации, што потврдува дека преовладува употребата на мобилниот телефон како најбрз и наједноставен начин на плаќање.
Се зголемува и користењето на платежните картички. Бројот на плаќањата со картички е поголем за 8,4%, а нивната вредност за 11,4%. Зголемувањето најмногу произлегува од зголеменото купување преку интернет (14,8%), но раст има и кај плаќањата во продавниците (7,9%).
Овие податоци, според НБРМ, јасно укажуваат дека сѐ повеќе граѓани се префрлаат на дигиталните начини на плаќање.